9. Да се одржи промената
Библиска заднина:
Дела на апостолите 17-20; 1. и 2. Солуњаните
Павле стоел пред голем предизвик – на своите патувања да оформи групи верници, кои од година во година ќе се собираат заедно и ќе им бидат на благослов на луѓето околу себе, дури и по неговото заминување. Тој ги охрабрувал своите ученици да го следат Исуса, како што и самиот правел. Ако го прават тоа, Божјиот голем план за овој свет ќе се оствари.
Приказната продолжува…
Павле и Сила продолжиле кон запад, од Филипи преку Амфиполис, Аполонија, Солун и Верија. Лука не кажува ништо за првите два града, но во Солун постоела еврејска синагога, а Павле знаел како тоа да го искористи.
Едноставно размислувајќи, можеби донесуваме брз заклучок дека Павле и Сила едноставно продолжиле да проповедаат. Но бидејќи Римјаните еднаш ги камшикувале, сепак мора малку да се колебале. Подоцна, Павле ѝ пишува на црквата во Солун дека Бог бил Тој што им влеал храброст да продолжат:
Неминовно дошло до противење.
Солун бил град во кој цутела трговијата и се зголемувал бројот на населението. Тоа привлекло многу трговци кои трагале по работа. Ги имало дури и премногу! Невработеноста била голема, а сиромаштијата била силно изразена меѓу одредени делови од населението. Многумина живееле од помош од државата или проселе од богатите.
1. Солуњаните 4,10б – 12.
Павле се поистоветил со тие сиромаси и станал како еден од нив.
Мнозина од тие сиромашни и невработени му се обратиле и Павле, врз основа на сопственото искуство, можел подоцна да пишува со авторитет.
В сабота Павле се одморал од своите борби и заминувал во синагога да проповеда. Така правел околу три седмици и, како обично, некои Евреи, многумина Елини и еден број истакнати жени во Солун го прифатиле евангелието пред остатокот од Евреите да тргне во напад. Околу агората, пазарот во центарот на градот, се врткале сиромашните и невработените. Биле подготвени да сторат што било за пари, па дури и да предизвикаат немири.
„Другиот цар – Исус“
Евреите во Солун биле препредени. Знаеле точно како да го претстават проблемот за да ги сфатат градските власти сериозно: „А сите тие постапуваат против заповедите на царот, изјавувајќи дека има друг цар – Исус“ (Дела 17,7). Ова кратко обвинение било доволно да го заплаши целиот град. Можеле само да се прашуваат како другите градови не го забележале тоа, зашто толерирањето на таквите револуционерни изјави можело да има негативни последици за град кој уживал посебни привилегии во Римското царство. Всушност, Цезар бил Божји син и спасител на светот кој донесувал правда и слобода на народот. Имало уште неколку подробности на кои Евреите укажувале многу успешно: Павле ги охрабрувал незнабошците својата верност да му ја подарат на новиот цар и владетел на светот, на Месија, на Исуса наместо на Цезарот, а тоа всушност претставувало некој вид предавство. Павле морал да ја напушти малата група Исусови следбеници во Солун, против кои се кренал целиот град. Но тие луѓе кои решиле да го следат Исуса и покрај постојаниот прогон, станале силна христијанска заедница која праќала мисионери и во другите градови во Македонија и Ахаја. Само по неколку месеци, Павле им пишувал со голема радост:
Но, месеците што претходеле на тоа, биле обележани со длабока загриженост.
Патувањето продолжува…
Кога дошло до неволји и во Верија, учениците сметале дека е најдобро Павле да продолжи понатаму. Овде забележуваме еден образец – Павле секогаш остава некој зад себе. Лука останал во Филипи. Сега Сила останал во Верија (Дела17,14-15). Павле продолжил понатаму кон Атина. Не знаеме дали од Верија или од Атина се обидел двапати да отпатува назад во Солун, но сатаната го спречил (1. Солуњаните 2,17). Не знаеме ни колку далеку одел Тимотеј со него пред да се врати назад.
Павле решил да отпатува во Коринт. Меѓутоа, сè уште бил речиси разболен од грижа. Конечно Сила стигнал (од Верија), а подоцна и Тимотеј (од Солун). Тимотеј донел добри вести. Исполнет со радост, Павле им пишува на Солуњаните.
Која добра вест му ја донел Тимотеј на Павле за Солуњаните?
1. Солуњаните 3,6-8.
Делото во Коринт
Посланието до Солуњаните изобилува со радост, но и со болка бидејќи Павле пишува за противењето и прогонството. Евреите се свртеле против него и во Коринт, но старешината на синагогата го поддржал. Се преместиле во една куќа во соседството и Павле продолжил да проповеда. Едновремено и работел и се борел да врзе крај со крај, како што тоа го правел и во Солун (Дела 18,3; 1. Солуњаните 2,9). Оние кои правеле шатори биле недоволно платени. Можеле да работат цел ден и да не заработат повеќе од она што било потребно да се купи храна и можеби да се плати наемот за следниот ден.
Меѓутоа, кога стигнале Тимотеј и Сила, тој едно време можел да се посвети исклучиво на поучувањето зашто тие дошле со пари и залихи. Има докази кои укажуваат дека Филипјаните, Солуњаните и другите во таа област продолжиле да им праќаат помош на Павле на другите браќа (Дела 18,5; 2. Коринќаните 11,9), и покрај тоа што и самите, поголемиот дел, биле многу сиромашни (2. Коринќаните 8,2-4).
Парични проблеми
Меѓу Коринќаните имало богати луѓе кои биле подготвени да го потпомогнат Павле. Угледот на Павле би пораснал во очите на многумина да не морал толку напорно да работи. Било малку незгодно да имаш водач кој се однесува како роб (да се погледне 1. лекција). Меѓутоа, Павле ги одбивал таквите понуди. Не сакал да се најде во положба да зависи од некого, да се чувствува должен, и луѓето кои имаат пари да управуваат со него. На богатите Коринќани поради тоа им било малку непријатно. Кога Павле отишол во Ефес, почнале да ги посетуваат други христијански учители кои не само што имале класично грчко образование, туку биле и речити. Тие со задоволство прифаќале пари, а за Павле зборувале со омаловажување. Затоа тој морал да се брани.
Читајте ја неговата одбрана:
Дали тој сам ќе истрае?
Најголемата криза со која се соочил Павле во Коринт, сред сите негови неволји и прогонства (1. Солуњаните 3,7), било внатрешното сомневање. Грижата за прогонетите верници во Солун била дополнително влошена со фактот дека тој самиот бил исцрпен со сите тие патила. Не бил сигурен дека ќе може да го поднесе понатамошното мачење. Ги напуштил и Солун и Верија кога му се заканило прогонство. Дали бил подготвен за нови судири во Коринт или требало едноставно да го напушти пред да стане премногу тешко? Но како ќе може да го објасни своето повлекување пред тешкотиите кога од локалната црква барал да остане и да истрае?
Исус знаел какви мисли го измачуваат Павле и сочувствувал со него. Павловото дело започнало во моментот кога го слушнал Божјиот глас кој му се обраќал на Ананија: „И Јас ќе му покажам колку треба тој да пострада заради името Мое“ (Дела на апостолите 9,16) Овој пат, Исус лично дошол кај Павле донесувајќи му утеха и мир.
Павле го напуштил местото неповреден. И Состен преживеал и подоцна му станал соработник на Павле во Ефес, каде што му помогнал во пишувањето на посланието до црквата (1. Коринќаните 1,1). Павле престојувал осумнаесет месеци во Коринт пред конечно да се упати назад во Антиохија. Неговите соработници, Прискила и Акила, тргнале со него на тоа патување. Накусо ја посетил синагогата во Ефес, каде што го наговарале да остане подолго, но тој одбил и ветил дека ќе се врати другпат. Меѓутоа, Прискила и Акила останале тука. Павле го посетил и Ерусалим пред да се врати конечно дома, во Антиохија, каде што останал „некое време“.
Третото патување
На третото патување Павле ги посетил Галатија и Фригија за да ги зајакне тамошните верници. Овој пат, Светиот Дух не го спречил да појде во Азија. Се упатил право во Ефес. Сакал да ги посети своите пријатели, Прискила и Акила. Можно е да чул за писарот од Александрија, по име Аполос, кој во локалната синагога поучувал за Месија. Сè укажувало на тоа дека вратите за ширење на евангелието се ширум отворени.
Првото со што се соочил Павле кога се приближил до Ефес било да ја сретне групата од 12 ученици кои сè уште не го примиле Светиот Дух (6. лекција). Откако се позанимавал со тоа, возбудено тргнал кон синагогата во која просто не можеле да се наситат од слушањето за Исус. Тој тука поучувал три месеци пред судирот да се заостри толку многу што морал да го смени местото. Сепак, успеал тука да продолжи со работата во текот на следните две години, „така што сите жители на Азија, како Јудејците, така и Елините, можеа да го слушаат словото за Господ Исус“ (Дела 19,10). Го применил истиот метод како и во Коринт. Напорно работел од утро до вечер и ја користел секоја можност да зборува за Исус јавно, како и по куќите – дури и ноќе (Дела 20,20.31.34.35). Наоѓал време и секојдневно да поучува во Тирановата школа (Дела 19,9).
Советите на Павле до Ефесјаните – накусо
Кога подоцна го одржал својот проштален говор пред водачите во Ефес, се трудел најдобро што умеел да го сумира она најважното на што ги учел – како Божјиот сон за овој свет да стане реалност. Интересно е да се забележи на што посебно им обрнал внимание:
Верувајте во Исуса
Павле проповедал „покајание пред Бога и вера во нашиот Господ Исус Христос“ (Дела 20,21), проповедал и за „царството Божјо“ (Дела 20,25) и за „Евангелието на Божјата благодат“ (Дела 20,24). Свртувањето кон Бога во покајание значело да се свртиш од идолите кон единствениот вистински еврејски Бог и да бидеш лојален на неговиот Син. „Да веруваат во нашиот Господ Исус“ – токму тој е начинот на изразување лојалност на Бога на кого тој им укажал. Бог го пратил својот Син. Тој, кој создал сè, дошол на овој свет како човечко суштество, живеел меѓу нас и го воспоставил своето царство. Евангелието за Божјата благодат гласи дека сега секој може да биде граѓанин на неговото царство, припадник на Божјото семејство и наследник на новата земја, зашто Исус во својата верност умрел за нашите гревови и повторно станал за да стане вистинскиот владетел на светот. Да живееме значи да веруваме во Него и да го очекуваме Неговото второ доаѓање.
Светиот Дух ја води црквата
Повикот да се служи во заедница со следбениците на Исус кои се водени од Светиот Дух не се однесувал само на водачите, туку на сите христијани. Можноста да има духовен дом и заедно со другите да биде дел од Исусовото семејство, за Павле било од суштинско значење. Црквата Исус ја „стекнал со својата крв“ (28 стих), па токму затоа, е достојна за нашите напори и лојалност. Во 22. и 23. стих Павле вели дека и самиот прима пораки од Светиот Дух преку црквите што ги посетува:
„И ете, сега, поттикнат од Духот, одам во Ерусалим, не знаејќи на што ќе наидам таму, освен за она, кое Духот Свети го посведочи по сите градови, велејќи дека ме чекаат окови и маки. Но јас не се грижам за ништо, ниту, пак, ми е мил животот, доволно е само да стигнам до крајот на патот и службата што ја примив од Господ Исус, да го посведочам Евангелието на Божјата благодат“ (Дела 20,22-24).
Бог и Словото на неговата благодат
Непосредно пред тоа, Павле предупредува за лажните учења и егоцентричните учители кои сакаат да се издигнат себеси. Божјото слово ќе им биде заштита на верните и ќе ги одржи додека не се врати Исус. Освен верноста кон Исуса, која е во основата на сè, нема ништо што може да даде поголема сила и сигурност од тоа да се биде исполнет со Божјото слово. Павле им дава увид во „волјата Божја“ (Дела 20,27). Кога ги проучуваме списите на Павле, ние ги примаме истите зборови полни со благодат, кои целосно ја преобразиле областа околу Медитеранот во текот на првите 300 години од христијанската историја – „Евангелието на Божјата благодат“ (Дела 20,24).
Сочувствување со слабите
Павле проповедал во сите цркви и живеел во согласност со овој принцип. Според Павле, едно од најважните обележја на христијанинот е да ги користи своите средства на таков начин за да има што да подели со оние на кои им е потребна помош. Истиот принцип го наоѓаме и во посланието до Ефесјаните:
„Крадецот да не краде веќе, туку нека се труди и подобро е да се труди со своите сопствени раце да го прави она што е добро, за да има што да му даде на оној што има потреба“ (Ефесјаните 4,28)
Чувството за солидарност меѓу христијаните им пружил квалитет на живот, кој надминувал сè што можело да понуди општеството. Бидејќи сè повеќе луѓе решавале да го следат Исуса, христијанството на крајот дури ја загрозило и војската, па и самата институција на ропството. Било тешко да се одржат такви институции сега кога Божјото учење за рамноправноста меѓу луѓето и љубовта спрема непријателите станало широко прифатено.