24.2. „Посветен на Господа“
„Самоил порасна, и Господ беше со него…“
1. Самоилова 3,19.20
„Посветен на Господа“ било второ име за Самоил, првиот голем пророк по Мојсеја. Во Книгата на пророкот Еремија (15,1) Самоил е ставен рамо до рамо со Мојсеја. Уште пред своето раѓање бил посветен за служба на Бога. Мајка му му го отстапила на Господа со зборовите: „За ова дете се молев, и Господ ја исполни молбата моја, за која Му се молев; и јас го предавам сега на Господа за сите денови на животот негов – нека Му служи на Господа“ (1. Самоилова 1,27.28).
Така Самоил уште како нејако дете е воведен во „домот Господов во Силом“ (1. Самоилова 1,24). Од мајчините прегратки дошол под Божја закрила. Немало ништо да не му достига. Го чувало Божјето око и мајчините молитви. Живеел во Храмот, во соба поврзана со едната страна со светињата, а со другата со одајата на првосвештеникот Илија. Носел едноставна доламичка, слична на онаа што ја носеле свештениците и Левитите. Имал скромна должност да ја отвора вратата на Храмот (1. Самоилова 3,15). Растел во Господовата служба. Библијата кажува: „Самoил порасна, и Господ беше со него…Сиот Израил од Дан дури до Вирсавија дозна дека Самоил е удостоен да биде пророк Господов“ (1. Самоилова 3,19.20).
Иако бил одвоен за Господа, неговата мајка никогаш не го напуштила. Самоиловата посветеност била продолжение на посветеноста на неговата мајка. Така Самоил станал голем државник, пророк, судија и еден од хероите на верата (Евреите 11,32). Уште од своето детство им бил „мил на Господа и на луѓето“ (1. Самоилова 2,26).
Самоил бил жива црква, но не само во Храмот. Бил полн со Свети Дух и по тоа бил слика на сите христијани пред Христа и по Христа. Живеел во Бога и Бог во него. Не живеел за себе. На него во полна мера се исполниле зборовите на апостол Павле: „Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, кој живее во вас и ни е даден од Бога и дека не припаѓате само на себе? Зашто скапо сте платени. Затоа прославете го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји.“ (1. Коринќаните 6,19.20).
Самоил бил отстапен, посветен и одвоен за света служба на Бога. Иако живеел во Стариот завет, можел да ѝ биде пример на Црквата во сите векови – „на Божјата црква… на посветените во Исуса Христа, повиканите светии… кои го повикуваат името на нашиот Господ Исус Христос на секое место“ (1. Коринќаните 1,2).
За Самоил неговите современици можеле да го кажат она што го кажал Павле за Христа, за вечниот Поглавар на Црквата: „Таков Поглавар и ни требаше: свет, незлоблив, непорочен, одвоен од грешниците“. (Евреите 7,26). Како свештеник и судија, Самоил бил непристрасен и непоткуплив, вистинољубив и чесен. Имал топло срце, но бил бескомпромисен кога Божјата чест би дошла во прашање. Иако Самоил го основал првото Израелско царство, покажал голема понизност и мудрост кога своето место му го отстапил на друг. Слегувајќи од судската столица непоразен, неговата љубов кон оние што го смениле останала иста. Во тој миг Самоил рекол: „Јас нема да си дозволам грев пред Господа, да престанам да се молам за вас, и ќе ви го покажувам добриот и правиот пат“ (1. Самоилова 12,23).
Светоста на Самоил не значела негова непогрешливост. Библијата кажува дека „нема човек што да не греши“ (1. Царевите 8,46). Само Христос бил Човек „не направи грев, ниту, пак, во устата Негова се најде измама“ (1. Петрово 2,22). Самоилова грешка била што плачел за царот што го отфрлил Бог. Господ морал да го укори со зборовите: „До кога ќе тагуваш за Саула, кого Јас го отфрлив, да не биде цар на Израилот?“ (1. Самоилова 16,1).
Пророкот Самоил и како свештеник и како човек бил свет, но не и безгрешен, иако бил посветен на Бога цел живот. Погрешливоста на најголемиот како и на најмалечкиот светиот апостол Јован ја признал со следните зборови: „Чеда мои, ова ви го пишувам за да не грешите; и ако некој згреши, кај Отецот имаме застапник, Исуса Христа, Праведникот, а Тој е жртва за измирување за нашите гревови, и не само нашите, туку и гревовите на целиот свет“ (1. Јованово 2,1.2).
Христос во Новиот завет е истиот Христос како и во Стариот завет. Тој му простил на својот верен слуга Самоил но не ја премолчал неговата грешка. Павле рекол: „Сè што беше порано напишано, за наша поука беше напишано, та преку трпението и преку утехата од Писмата да имаме надеж“ (Римјаните 15,4).
Во своето послание до Коринќаните, Павле верниците на црквата ги нарекол свети иако им напишал послание со многу укори, опомени и совети. Тие биле Божји деца, негова посветена своина. Светоста значела припадност на Господа. Меѓу христијаните во Коринт имало многу духовни деца кои штотуку проодиле. Била потребна подршка и љубов, нега и сочувство. Токму ним Павле им ги напишал овие љубезни зборови: „Не знаете ли вие дека сте храм Божји, и Духот Божји живее во вас? Ако некој го разори Божјиот храм, него Бог ќе го разори; зашто Божјиот храм е свет, а тоа сте вие“ (1. Коринќаните 3,16.17).
Во животот на Самоил светоста значела патување а не стоење, настапување а не повлекување. Неговиот пат бил пат праведнички кој е како „блескава светлина, која свети сè повеќе и повеќе дури не настане ден“ (Мудри изреки Соломонови 4,18). Тој се однесува со „искреност пред Бога, а не со телесна мудрост, туку со Божја благодат“ (2. Коринќаните 1,12). Овие зборови Павле ги напишал и ѝ ги упатил на коринтската црква, но и за наша наука.
Светоста на Црквата како целина и како поединци не се состои во одвојување од луѓето, туку од гревот, Самоил бил одвоен за служба на Бога, но му служел на народот. Тој се одвојувал од гревот но не од народот. Иста светост Павле бара и од верниците во Новиот завет: „Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам! Јас ќе ви бидам Отец, а вие ќе Ми бидете синови и ќерки, вели Господ Седржителот“ (2. Коринќаните 6,17.18).
Светоста на Црквата всушност е светоста на нејзините верници, нивната светлина и живот, вистината и правдата, Тоа е единствениот живот што вреди да се живее. Кажете и вие со Павле: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене“ (Галатјаните 2,20).