24.1. Бродот на Црквата
„Зошто сте толку плашливи, маловерни? Потоа стана, им заповеда на ветровите и на морето, и настана длабока тишина.“
Матеј 8,26
Кога Исус со своите ученици преминувал преку Галилејското Езеро, неговиот кораб го зафатила силна бура. Учениците се исплашиле за својот живот. Тука бил Петар и Јаков, Јован и Матеј, Вартоломеј и другите. Матеј го опишува тој настан: „И ете, голема бура го зафати морето, така што брановите го покриваа коработ, а Тој спиеше“ (Матеј 8,24).
„Тој“ – тоа бил нивниот Учител и Господ, Исус. Учениците уште не можеле во него да го согледаат Бога во тело. Исус ги избрал и ги повел со себе како своја Црква, но нивната вера во него требало уште да расте. Во мигот кога коработ почнал да тоне, тие „го разбудија и рекоа: ’Господи, спаси нè: загинуваме!‘“ (Матеј 8,25).
Тие тогаш уште не знаеле дека во нивниот кораб се наоѓа „заштита од ветар, и…засолниште за лошо време“ (Исаија 32,2). Тоа биле имиња што Исаија однапред му ги дал на Спасителот на светот. Неговиот брод бил непотоплив, но учениците тоа уште не го знаеле. Додека бурата се устремувала на коработ, додека ветерот фучел и морето вриело, Исус мирно спиел на нејзината палуба. Тогаш се разбудил и благо им рекол на исплашените лица околу себе: „’Зошто сте толку плашливи, маловерни?‘ Потоа стана, им заповеда на ветровите и на морето, и настана длабока тишина“ (Матеј 8,26).
Бурата го кршела коработ, но таа се скршила од него. Бурата се обидувала да ја потопи, но самата била потопена. Сè што успеала бурата да стори било да им го обрне вниманието на учениците на Исуса. Никогаш до тој миг не гледале во него единствена надеж како тогаш. Но, дури во тој час и да го заборавиле, Тој не би ги заборавил. Во ненадејната тишина што настанала, Црквата во коработ можела да ја слушне музиката на пророштвото на Исаија: „Ете, посрамени и понижени ќе останат сите, што се наежени против тебе, – ќе бидат како ништо… Ќе ги бараш – и нема да ги најдеш, нив, кои непријателствуваат против тебе; оние кои се борат против тебе ќе бидат како ништо, наполно ништо“ (Исаија 41,11.12).
Попусто морето удирало во бродот на Христовата црква во повој. „Сиромаси и неимотни бараат вода, и нема, јазикот им се исушува од жед: ’Јас, Господ, ќе ги чујам, Јас, Бог Израилев, нема да ги оставам‘“ (Исаија 41,17).
Господ со својата Црква на Новиот завет во бродот на Галилејското езеро бил оној ист голем Бог Израелов кој бил со својот народ во пустината од Египет до Ханан. Христовата црква ни тогаш не била голема, ни богата, ни позната. Иако таа го опфаќа Божјето семејство на небото и на Земјата, „тогаш тие без уште малку… и беа придојдени во неа, па преминуваа од народ во народ, од едно царство кон друг народ, никому не му дозволуваше Он да ги навредува и царевите за нив ги караше: Не гибајте ги Моите помазани, на Моите пророци не правете им зло!“ (Псалм 105,12-15).
На морето Исус на својата Црква ѝ бил „заштита од ветар и прибежиште од невреме“, а во пустината „како водни извори во степи, како сенки во жедна пустина“ (Исаија 32,2). Морнарите на морето и патниците на копно, сплаварите на реките и номадите во пустините, во Христовата црква на сите времиња можеле да видат брод на спасение и засолниште од ветер, поток во пустина и сенка на горештина. Псалмистот рекол: „Боже, кога Ти излегуваше пред Твојот народ, кога одеше по пустињата, земјата се тресеше и небото се топеше пред лицето Божје, и Синај – од лицето на Бога, на Бога Израилев. Изобилен дожд изли Ти, Боже, врз Твоето наследство, и кога тоа изнемоштуваше од труд, Ти го поткрепуваше. Стадата Твои живеат на неа; во Својата добрина, Боже, Ти си ја спремил за сиромасите“ (Псалм 68,7-10).
Исус на својата Црква истовремено ѝ бил непоколеблива Карпа и не потоплив Брод. Мојсеј стоел под таа силна Карпа и ги напојувал жедните илјадници на својот народ. Укажувајќи на Исуса како Карпа на спасението на Црквата во пустината, Мојсеј извикнал: „Тој е тврдина; совршени се делата Негови, а патиштата Негови – праведни“ (5. Мојсеева 32,4).
За апостол Павле не било проблем во Христа да ја препознае Карпата на христијанската Црква. Тој првата црква ја нарекол христијанска со овие зборови: „Сите пиеја исто духовно пиење; оти пиеја од духовниот камен, што идеше по нив; а каменот беше Христос“ (1. Коринќаните 10,4).
Павле од Новиот завет можел да каже како Давид од Стариот: Господ е мојата тврдина, моја крепост и мој спасител“ (2. Самоилова 22,2). Постојаноста и единството на Христовата црква се гледаат во нејзиниот темел: „Никој не може да постави друг темел, освен оној што веќе е поставен, а тој е Исус Христос“ (1. Коринќаните 3, 11).
„На таа Карпа ќе ја изградам црквата Своја“, им рекол Исус на своите ученици во разговорот со Петар, „и вратите на пеколот нема да ја надвладеат“ (Матеј 16,18). Карпа на Црквата не бил Петар, туку Христос.
Петар бил обичен песочен камен, а не гранитна карпа. Тој се откажал од Исуса под заклетва: „Тогаш тој почна да се колне, и се заколна: ’Не Го познавам Човекот.‘ И веднаш запеа петел“ (Матеј 26,74). Петелот го огласил предавството на Петар. „Се сети Петар на Исусовите зборови, што му ги рече: ’Уште петел пред да пропее, трипати ќе се одречеш од Мене.‘ Па излезе надвор и горко плачеше“ (Матеј 26,75).
Петар го сакал Исуса, но сепак бил само човек. Неговата самоувереност го довела до предавство. Меѓу Петар и Јуда во мигот на предавството не постоела разлика. Но Петар се покајал поради самиот грев, а Јуда поради последиците на гревот. Од тој миг разликата меѓу двајцата Христови предавници станувала сè поголема. Додека Јуда завршил како самоубиец, Петар станал апостол. Тој не чекал Карпата да падне врз него, туку тој паднал врз Карпата росејќи ја со солзи на каење и со плачење на признавање. Стоејќи на Карпата на Црквата, тој рекол за Христа пред Синедрионот: „Тој е оној камен што од вас ѕидарите беше отфрлен, Кој стана камен темелник; и во никој друг нема спасение‘“ (Дела на апостолите 4,11.12).
Пеколната или гробната врата многупати се отворала и се затворала над Христовата црква, но не ја уништила. Кога Црквата не би била потребна, Христос никогаш не би ја основал. Кога темелот на Црквата не би бил важен, Исус никогаш не би рекол: „Секој, што ги слуша и исполнува овие Мои зборови, ќе биде како мудар човек, кој си изградил куќа на камен“ (Матеј 7,24). Куќата изградена на камен е Црквата.
Драги пријатели, во Христовата црква „очите на оние што гледаат нема да бидат закривени; ушите на оние што слушаат, ќе внимаваат. И срцето на лесномислените ќе умее да расудува; јазикот на тепкачите ќе зборува брзо и јасно“ (Исаија 32,3.4). Верниците на Христовата црква се живо камење на живата Карпа: „И вие сами, како живи камења, изградувајте од себе духовен дом… преку Исуса Христа“ (1. Петрово 2,5). Тоа е апостолскиот повик упатен и до вашето срце!