23.5. Црквата од рајот
„Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: ’Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат мој народ‘.“
2. Коринќаните 6,16
Првиот собир на верници или конгрегација е одржан во Рајот веднаш по паѓањето во гревот. Пред целата вселена Бог одржал состанок со целото човештво пред лицето на првиот маж Адам и првата жена Ева. Загатката на гревот очекувала свое разрешување.
Првата човечка двојка се свртела од Бога и се скрила во длабината на градината. Како и секоја вечер, миризливото ветерче го најавувало доаѓањето на нивниот Творец. Секоја вечер му излегувале во пресрет на својот Господ со радост и песна, но сега сè било поинаку! Наместо радост чувствувале страв. Наместо да истрчаат како деца во пресрет на родителот, првите грешници го сториле токму она што го прави секој грешник: се скриле од Божјето лице. Христос го сторил првиот чекор кон помирувањето. Библијата кажува: „Но Господ Бог го повика Адама и му рече: Адаме, каде си?“ (1. Мојсеева 3,9).
Во Христовиот глас имало толку љубов и татковски авторитет, што Адам не можел да не одговори. Повторно Бог му се приближил на човекот. Најпосле првите луѓе стоеле пред својот Творец. Биле усрамени и исплашени, но и охрабрени. Очекувањето на срцето било силно. Во Христовиот глас одѕвонувале утеха и надеж, излез и спасение.
А тогаш, во вселената одекнувала радосна вест! Христос го објавил планот за човековото спасение! Тагата е заменета со радост, стравот со надеж, а солзите со славопој. Едемската градина повторно оживеала со песни на птиците. Сите живи суштества здивнале. Повторно е воспоставена заедница меѓу Бога и луѓето. Црквата била основана.
Во Стариот завет еврејскиот збор „кахал“ означувал група верници. За зборот црква или конгрегација во Новиот завет е употребен грчкиот збор „еклезија“, што значи „повикани“. Како што Адам и Ева во Рајот ја сочинувале целината на Божјето семејство, така целината на Божјиот народ низ сите векови се викала еклезија или црква. Црквата уште од почетокот значела не само заедница на верните, туку и заедница на верните со Христа.
Од основањето на Црквата во Рајот, до нејзиното значајно проширување, поминале дваесет и пет векови. Во тоа време Бог го извел својот народ од Египет. Обраќајќи му се на Мојсеја, му рекол: „Затоа Јас те испраќам кај фараонот, царот египетски, за да го изведеш од Египет народот мој, синовите Израелски“ (2. Мојсеева 3,10). На прашањето на фараонот: „А кои се тие што ќе одат?“ Мојсеј одговорил: „Ќе одиме и млади и стари, со синовите свои и со ќерките свои… ќе биде празник во чест на Господа“ (2. Мојсеева 10,8.9).
Божјиот народ или Црквата била повикана да излезе од „земјата Египетска, од домот на ропството“ (2. Мојсеева 20,2). Телото на Црквата го сочинувале татковците и мајките, синовите и ќерките, старците и внуците. Телото не може да остане во живот ако се подели. За телото на својата Црква Христос ја посочил светата брачна заедница на мажот и жената и кажал со свечен глас: „Па така, тие веќе не се двајца, туку едно тело. А Бог што соединил човек да не разделува“ (Матеј 19,6). Бракот и Црквата подеднакво се свети и неуништиви.
Големиот познавач на Стариот завет, апостол Павле, светата заедница на Божјиот народ во Новиот завет исто така ја нарекол тело: „Вие сте телото Христово, а поодделно – членови“ (1. Коринќаните 12,27).
Фараонот се обидел да ја уништи Црквата во Египет со одвојување на децата од родителите. На барањето на Мојсеј, грубо одговорил: „Ќе ве пуштам, но зошто со децата ваши?… Не така, туку одете само мажите и извршете Му служба на Господа“ (2. Мојсеева 10,10.11).
Но Божјата црква не ја основал човек, ниту пак може да ја уништи човек. Таа ноќ, кога Израел излегол од Египет, фараонот бил принуден да каже: „Станете, одете си од народот мој, како вие така и синовите Израилеви, и извршете Му служба на Господа… Одете си, па и мене благословете ме!“ (2. Мојсеева 12,31.32).
Првата химна на ослободениот Божји народ била пеана во слава на Бога. На бреговите на Црвеното Море „Мојсеј и синовите Израилеви ја запеаја оваа песна на Господа, велејќи: ’Да Го воспеам Господа, зашто славно се прослави… Господ е моја сила и моја слава; Тој е спасение мое“ (2. Мојсеева 15,1.2).
Целта на основањето на Божјата црква во Рајот и по Рајот секогаш била избавување на народот. Средство за избавување е вистината, а ризница на вистината е Црквата, „Црква на живиот Бог, столб и тврдина на вистината“ (1. Тимотеј 3,15).
Физичкото избавување на Црквата било стварност. Божјиот народ стварно е спасен од ропството во Египет. Преостанало уште да се избави од ропството на гревот. И едното и другото избавување можел да го изврши само Бог. Но спасението од гревот барало негово лично престојување меѓу луѓето. Затоа Господ му рекол на Мојсеја: „Кажи им на синовите Израилеви да Ми соберат прилог: земете прилог кој од драго срце Ми дава… Да ми направите Светилиште, од каде што ќе ви се јавувам вам“ (2. Мојсеева 25,2.8).
Светилиштето или Шаторот за состанок бил претслика на христијанската Црква. Божествен говорник на Стариот завет бил Логос, Речта или Господ Исус Христос. За неговото доаѓање меѓу луѓето апостол Јован напишал: „И Словото стана тело и се всели меѓу нас, полно со благодат и вистина; и ние ја видовме Неговата слава, слава како на Единороден од Отецот“ (Јован 1,14).
Подигнувањето на Шаторот за состанок било слика на воспоставувањето на Христовата црква. Доброволноста била основен принцип на градењето на Црквата. Таа укажувала на Христа кој како човек се принесол на жртва за спасението. Тој ги симнал сите знаци на божественото достоинство со цел својата Црква да ја ослободи од гревот. Од живото тело на Црквата Христос создал свој стан. Во Новиот завет Павле за тоа рекол: „Вие сте храм на живиот Бог, како што рекол Бог: ’Ќе се вселам во нив и ќе одам меѓу нив; ќе им бидам Бог, а тие ќе бидат мој народ‘“ (2. Коринќаните 6,16).
Формирањето на новозаветната христијанска Црква исто така е спроведено на Божји повик. Во Стариот завет Бог му рекол на Мојсеја: „Собери го при Мене народот, за да им ги кажам Моите зборови“ (5. Мојсеева 4,10). Божјиот повик за пристапување кон неговата Црква се однесува на секое човечкот суштество: „’Затоа излезете од нивната средина и одделете се!’ вели Господ, ’и Не допирајте се до нечисто, и Јас ќе ве примам!’“ (2. Коринќаните 6,17).
Низ пустината бедуините во караван не патуваат секогаш во групи. Често се далеку едни од други. Но кога водачот ќе забележи вода во далечината, тој мавта со рацете довикувајќи: „Дојдете! Вода!“ Најблискиот бедуин го повторува неговиот повик додека не ја слушнат сите радосната вест. Пред водата на вечниот живот. „Духот и невестата (Црквата) велат: ’Дојди!’ И кој чуе, нека каже: ’Дојди!’ И кој е жеден, нека дојде, и кој сака, нека земе од водата на животот дарум“ (Откровение 22,17).