22.3. „Им го проповедаше Христа“
„Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Овој што ти вели: ’Дај Ми да пијам‘ – ти самата би побарала од Него и Тој би ти дал вода жива.“
Јован 4,10
Самарија била престолнина на Израелското царство пред 28 векови. Ја изградил царот Амрија на Самариската гора што ја купил од Семера. Библијата дава извештај за таа купопродажба. Читаме во 1. Царевите 16,24: „Амвриј ја купи од Семира гората Самарија, за два таланта сребро, изгради на гората град и го нарече Самарија – според името на Семира, сопственикот на гората“.
Од самиот свој почеток Самарија била центар на незнабожечкото обожавање на идолите. Во таков град живеел пророкот Илија, истакната личност на старозаветната историја. Во времето на Александар Велики Самарија станала еден од првите елинистички градови во Палестина. Често била освојувана и рушена, а своите најубави денови ги доживеала под Ирод Велики. Тој ѝ го променил името во „Себаста“, што на грчки значи „величествена“. Тоа име го задржала до нашите денови. Но нејзиниот вистински најславен период сепак не бил под Ирода туку под Филипа, еден од седуммината ѓакони на апостолската Црква во Ерусалим. За разлика од Филипа, еден од првите апостоли од Витсаида, за евангелистот и ѓаконот Филип се знае само дека бил човек од „чесни луѓе, исполнети со Дух Свети и мудрост“ (Дела на апостолите 6,3). Чесноста и мудроста на тој човек се прекрасни дарови на Светиот Дух, а не резултат на образованието и културата. По каменувањето на Стефана, првомаченикот на христијанската Црква, Филип отишол во Самарија. Историчарот Лука кажува: „Така Филип слезе во еден самарјански град и таму им проповедаше за Христа“ (Дела на апостолите 8,5).
Патот на Филипа во Самарија не го планирал сам. Самарија во Христово време била толку огорчен непријател на Ерусалим, што Евреите сметале дека е поголемо понижување да се земе парче леб од рацете на Самарјаните отколку да се јаде свинско месо. Меѓутоа, Христос Самарија ја запишал во првиот план на својата програма за проповедање на евангелието. Пред самото заминување на небото им рекол на своите ученици: „но ќе примите сила од Светиот Дух, кој ќе слезе на вас и ќе ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и сè до крајот на земјата“ (Дела на апостолите 1,8).
Прогонството што се подигнало против Црквата во Ерусалим влеало кај Христовите ученици нова енергија и дало печат на успехот што свештениците и кнезовите не можеле да го разберат. Само констатирале: „Го исполнивте Ерусалим со вашата наука“ (Дела на апостолите 5,28). Но таа „наука“ не биле само зборовите туку и делата на Христовите сведоци. Апостолите изјавиле пред своите судии во Синедрионот: „За тие зборови сведоци Негови сме ние и Светиот Дух, кого Бог им го даде на оние, што Му се покоруваат“ (Дела на апостолите 5,32).
Евангелието добило неочекуван замав. Тоа било спротивно на очекувањето на прогонувачите. Ветерот на прогонствата дувал во едрата на Христовото евангелие. Самарија била првиот голем остров и мирно пристаниште за чамците на носителите на радосната вест.
Покорноста на Божјиот Дух и на зборовите била тајна на успехот на Црквата на раното христијанство. Меѓутоа, Бог видел дека на Црквата ѝ се заканува опасност од уживањето во успехот. Прогонството требало да придонесе за ширењето на вистината, и Бог го дозволил: „Оние, пак, што се беа распрснале, одеа наоколу проповедајќи го словото“ (Дела на апостолите 8,4). Така Филип стигнал во Самарија, воден со заповедта и со раката на Светиот Дух.
Филип ги заборавил сите свои некогашни национални предрасуди. Расната и националната нетрпеливост исчезнала. Горделивоста на прататковците ѝ го отстранила местото на понизноста на Учителот од Назарет. Зар Исус не го урнал плотот што ги разделувал Евреите од Самарјаните? Зар Тој не седел крај бунарот на Јакова и разговарал со жената од Самарија? Самрјанката била мошне изненадена со Божјиот гест. Не можела да си ја објасни себеси таквата постапка на еден Евреин. Го прашала Исуса: „Како Ти, Јудеец, бараш од мене, жена Самарјанка, да пиеш?“ (Јован 4,9).
Исус побарал чаша вода за веднаш потоа да понуди цела река. Мислел на деновите кога Светиот Дух ќе потече од срцето на секој негов ученик. Однапред го видел Филипа на патот за Самарија. Сè што можел тогаш да ѝ каже на Самарјанката било само навестување на дарот на Светиот Дух. Ѝ рекол: „Кога би го знаела дарот Божји и Кој е Овој што ти вели: ’Дај Ми да пијам’ – ти самата би побарала од Него и Тој би ти дал вода жива“ (Јован 4,10).
Реката на животот е симбол на Светиот Дух. Писателот на Откровението видел „река со вода на животот, бистра како кристал, која истечуваше од престолот на Бога и на Јагнето“ (Откровение 22,1). Библијата е Писмо на Божјиот Дух. Филип го имал тоа Писмо во себе. Бил жеден и гладен за правда и се наситил. Со вера го добил дарот што го ветил Исус: „Кој верува во Мене, од неговата утроба, како што е речено во Писмото, ќе потечат реки од жива вода. А ова го рече за Духот, кого што ќе го примат оние, кои веруваат во Него“ (Јован 7,38.39).
Во Самарија Филип го стекнал името евангелист, зашто го проповедал евангелието за Христа. Секогаш кога се проповеда за Христа како Божји Син, Светиот Дух ги привлекува кон Христа срцата и погледите на сите слушатели. Така било и во Самарија. „Народот еднодушно внимаваше на тоа, што зборуваше Филип, слушајќи и гледајќи ги чудата што ги вршеше тој… И голема радост настана во тој град“ (Дела на апостолите 8,6.8).
Проповедта на Филипа имала христолошки карактер: царството Божје и името на Исуса Христа. Проповедта за Христа ги сторила луѓето од Самарија христијани: „Се крштеваа мажи и жени“ (Дела на апостолите 8,12). Филип всушност бил жетвар, зашто Христос бил првиот Сејач. Филип ги собирал сноповите на Божјата реч што ги посеал Христос кога бил во Самарија.
„Филип во Самарија“ всушност бил Светиот Дух во Самарија. Ништо не пречело што еден зол цар го основал овој град на самариската гора. Ништо не пречело што древната историја на Самарија била полна со злосторства и со идолопоклонство. Ништо не пречело што Ирод Велики ја украсил Самарија и со нејзиното име сакал да ја овековечи големината на својот дух и вештина. Дури кога Филип стигнал во Самарија, таа навистина станала нова и убава, прекрасна и величествена. Самарјаните, незнабошци и потомци на незнабошци, го добиле Светиот Дух. „Тогаш апостолите положија над нив раце и тие го примија Светиот Дух“ (Дела на апостолите 8,17).
Единствена линија на врска со Бога е Светиот Дух. Со него Исус ни е поблизу денеска отколку кога одел на Земјата. Исус се изедначил со Светиот Дух за Светиот Дух да нè соедини нас со Христа. Го сакам ли тоа единство? – И вашата молитва нека биде: „Создај чисто срце во мене, Боже, и нов и прав дух стави во мене. Не отфрлај ме од лицето свое и Светиот Дух твој не одземај го од мене“ (Псалм 51,10.11).