21.3. Силата на Светиот Дух
„Но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и сè до крајот на земјата.“
Дела на апостолите 1,8
Без оглед дали некој верува или не верува во Христовите зборови и дела, мора да се праша како можела христијанската Црква да постигне таков неверојатен успех во своите први денови. Како еден грст непознати и едноставни луѓе можеле да ѝ втиснат таков печат на својата генерација? Единствено објаснение за овој историски факт се наоѓа во Христовото тврдење што го изрекол Тој непосредно пред своето воскресение: „Но ќе примите сила, кога врз вас ќе слезе Светиот Дух; и ќе Ми бидете сведоци во Ерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и сè до крајот на земјата“ (Дела на апостолите 1,8).
Книгата „Дела на апостолите“ ја напишал првиот црковен историчар, Лука. Ова возбудливо дело му го упатил на својот пријател Теофил. Лука исто така го напишал и Евангелието како своја прв книга. На самиот почеток од Делата апостолски, авторот кажува дека во првата книга веќе напишал „за сè што Исус правел и учел“, и дека сега само го продолжува опишувањето на делата што Исус продолжил да ги прави преку своите ополномоштени пратеници. Првата книга ги изнесува основите на Христовата наука, а втората го опишува настанувањето на Христовата црква и нејзиниот триумф над религијата на незнабошците.
Историчарот Лука исто така бил „возљубениот лекар“, како што го нарекува Павле во своето Послание до Колошаните (4,14). Се смета дека Лука бил роден како незнабожец и дека подоцна станал христијанин. Добар посматрач по професија, Лука напишал за Христа: „И сиот народ сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите“ (Лука 6,19).
Еден допир со Христа значел живот и здравје. Тоа бил факт што не можел да се оспори. Во една таква прилика сам Исус рекол: „Сетив дека излезе сила од Мене“ (Лука 8,46). Тоа била творечка сила што ја има само Бог. Всушност – таа сила бил Светиот Дух, третото лице на Божеството.
Иако лекар, Лука не се впуштил во испитување на природата на Светиот Дух. Бил потполно задоволен со дејството на неговата сила и се задоволил со опишувањето на резултатите на неговото делување. Тој Бога го сфатил како личност над нашиот разум и Светиот Дух како сила и личност над можностите на какво било објаснување. Ако може да се примени некаква научна дефиниција за Отецот, истата дефиниција би се однесувала и на Синот како и на Светиот Дух. Но Семожниот е вон од секаков образец и вон од секоја дискусија. Сите наши обиди себеси да си ја објасниме тајната на природата на Светиот Дух и Триединството би се сведувале на обиди на едноклеточната амеба да ја објасни структурата на човекот.
Христос го имал Светиот Дух и не само што ја имал неговата сила, туку бил и роден со таа Сила. Ангелот Гаврило во поздравот упатил до Марија во Назарет рекол: „Светиот Дух ќе слегне на тебе и силата на Севишниот ќе те осени; па затоа и роденото ќе биде свето и ќе се нарече Син Божји“ (Лука 1,35). Исус и по своето земно раѓање го задржал единството со Отецот и со Светиот Дух. Со право можел да каже: „Духот Господов е врз Мене; зашто Господ ме помаза. Ме прати да им соопштам радосна вест на бедните. Ме прати да им проповедам на заробените ослободување и на слепите прогледување, да ги пуштам на слобода напатените!“ (Лука 4,18).
Христовиот Дух бил светиот Дух. Христовата сила била животодавната сила на Божеството. Уште од самото раѓање со Светиот Дух, Христос бил „Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот“ (Исаија 9,6). Пророкот однапред видел дека врз небесното Величество „ќе почива… Дух Господов, Дух на премудроста и разум, дух на совет и крепост, дух на знаење и благочестивост“ (Исаија 11,2).
Историјата на Исусовото детство Лука ја изнел во неколку кратки но силни реченици: „А Младенецот растеше и крепнеше со духот, исполнувајќи се со премудрост; и благодатта Божја беше врз Него… Исус, пак, напредуваше во премудроста и возраста, и во благодатта пред Бога и кај луѓето“ (Лука 2,40.52).
Водата во Библијата првпат се споменува при создавањето на светот: „Духот Божји лебдеше над водата“ (1. Мојсеева 1,2). Светиот Дух со Синот и со Отецот е Творец на светот. Силата на животот е негова сила. Без неговиот здив нема ниту физичко ниту духовно дишење. Дури со здивот од Божјиот Дух „човекот стана жива душа“ (1. Мојсеева 2,7). Човекот оживеал и може да живее само со помош на животодавниот Божји Дух.
На бреговите на реката Јордан целата вселена го видела почетокот на новото создавање на светот. Повторно Божјиот Дух лебдел над водата. Повторно Отецот преку Синот го почнал создавањето на новиот човек. Светиот Дух во облик на гулаб слегол од небото врз Исуса веднаш по неговото крштевање во Јордан. Матеј известува: „И штом се крсти, Исус веднаш излезе од водата. Одеднаш Му се отворија небесата и го виде Духот Божји како слегува како гулаб и се спушта над Него. И ете, глас од небесата говореше: ’Овој е Мојот возљубен Син, кој е по Мојата волја!‘“ (Матеј 3,16.17).
Светиот Дух како Сила над сите сили се покажал во облик на златен и нежен гулаб. Каков симбол! Новата ера почнала со слегувањето на Светиот Дух. Весникот на мир им објавил војна на злото, на неправдата и на нечовечноста. Божјиот Дух слегол со цел во човекот повторно да го создаде светот на божествената убавина и карактер.
Божјиот карактер е свет, затоа и Божјиот Дух се нарекува Свет. Божјата природа е љубов, затоа и силата на Светиот Дух е сила на љубовта. Христос ги привлекувал луѓето со љубов и со сила што не знаела за граници и за слабости. Оваа необична сила на Светиот Дух е единствено објаснение за чудата и за делата на апостолите. По едно чудесно исцелување во Листра, град во Ликаонија, незнабошците апостолите ги сметале за богови и довеле јунци за да им принесат жртва со зборовите: „Боговите слегле кај нас во човечки лик“. Но апостолите тоа го одбиле „гласно викајќи: ’Луѓе, зошто го правите ова? И ние сме смртни како и вие, но ви проповедаме да се обратите од овие празноверија кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сè што е во нив’“ (Дела на апостолите 14,11.14.15).
Светиот Дух бил сила на сите апостолски дела. Без Светиот Дух нема христијанство ниту сила. Исус се изедначил со Светиот Дух кога рекол: „Јас ќе Го помолам Отецот, и Тој ќе ви даде друг Утешител за да биде со вас довека“ (Јован 14,16).
Без Светиот Дух апостолите би биле без сила. Нивна најголема потреба бил Христовиот Заменик, Светиот Дух. Тоа е и наша потреба денеска и секогаш.