17.3. Првосвештеник на нашата вера
„И седна од десната страна на престолот Божји.“
Евреите 12,2
Единствена надеж на верниците на апостолската Црква бил Исус Христос, а сфаќањето на неговата првосвештеничка служба било извор на радост и утеха. На командниот престол на небото Исус бил нивни голем Заштитник. Во долината на стравот од смртта Тој им бил „за нашата душа цврста и сигурна котва, и кој влегува дури зад завесата, каде што Исус за нас влезе најнапред, откако стана вечен Првосвештеник“ (Евреите 6,19.20).
Не долго по Христовото вознесение во просторот „зад завесата“ и по неговото влегување во небесниот Храм, еврејските поглавари, старешините и книжевниците им забраниле на апостолите „да зборуваат и да го учат народот во името на Исуса“ (Дела на апостолите 4,18). По каменувањето на архиѓаконот Стефан „стана големо гонење против Црквата во Ерусалим“ (Дела на апостолите 8,1). Се нижеле години на напнатост и страв. Савле Таршанецот „ѝ пакостеше на Црквата, оти одеше по куќите и извлекуваше луѓе и жени, па ги предаваше во затвор“ (Дела на апостолите 8,3). Но еден од најкритичните периоди бил оној пред разорувањето на Ерусалим.
Во тоа време, некогашниот фарисеј и прогонувач на Црквата, Савле Таршанецот, бил нејзин верен учител и апостол. Во октомври 66. година Римјаните го опседнале Ерусалим. Апостолот знаел дека ерусалимската црква не е подготвена за тешките мигови што настапуваат. Ја сфатил сета тежина на ситуацијата, но бил беспомошен. Се наоѓал далеку, во римски затвор. Можел да им пишува дека Христос е нивна единствена надеж: „Затоа, свети браќа, учесници во небесното призвание, познајте Го Пратеникот и Првосвештеникот на нашата вера, Исуса Христа“ (Евреите 3,1).
Единствено што можело да ја сочува првата Црква од збунетост и од обесхрабрување кога римските армии ќе го претворат градот во урнатини, а Храмот во пепелиште, било јасното сфаќање на Христовата првосвештеничка служба на небото. Христовото подигнување на крст на Голгота и потоа на престолот на небото било предмет на верата и исповедањето на апостолската Црква. Во светлината на Христовата понизност на крстот и славата на небото, неговите следбеници во Ерусалим можеле да бидат полни со надеж и храброст „имајќи Го пред очи Зачетникот и Довршителот на верата – Исус, кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, занемарувајќи го срамот, и седна од десната страна на престолот Божји“ (Евреите 12,2).
Христос на својот престол – тоа била вера и сознание, надеж и сигурност на Христовата црква во Ерусалим. Крстот бил подножје на престолот.
Исус бил Божји пратеник на Земјата и човечки претставник на небото. Апостол Павле го почнал своето Послание до ерусалимските христијани со химна упатена до Христа како Бог, кого Бог „го постави за наследник над сè… Тој е одблесок на Божјата слава и отпечаток на Неговата суштина“, кој ги „очисти нашите гревови, и седна од десната страна на престолот на Севишниот во висините“ (Евреите 1,2.3).
Кога Христос по својата смрт, по воскресението и вознесението не би седнал „од десната страна на престолот на Севишниот во висините“, неговата жртва на крстот, иако потполна и совршена, не би можела да биде и применета на секого од нас, кои ја примаме и ја славиме. Ние не би имале ниту можности ниту „слобода да влегуваме во светилиштето преку крвта на Исус Христос по нов и жив пат, што Тој ни го отвори“ (Евреите 10,19.20).
Кога римскиот обрач се стегнал околу Ерусалим, Христовите верници се сетиле на неговите пророчки зборови: „А кога ќе го видите Ерусалим опколен од војски, знајте дека е блиску неговото запустување. Тогаш, оние што се наоѓаат во Јудеја, нека бегаат во планините; и кои се во градот, да излезат од него; а кои се по околните места, нека не влегуваат во него“ (Лука 21,20.21).
Низ римскиот обрач не можело да се излезе од градот. Бегството изгледало невозможно, а пророштвото без надеж во исполнување. Римскиот генерал Цестиј Гал немал намера да им прави отстапки ниту на Бога ниту на луѓето. Па сепак, тој неочекувано ја напуштил опсадата во мигот кога имал најмногу изгледи да успее. Што значело тоа? Тоа значело дека Христос седи на командниот престол на небото и управува со настаните за добро на својот народ.
Гледајќи на „Зачетникот и Довршителот на верата – Исус“, ерусалимските христијани биле готови да го напуштат градот истиот ден кога се отвориле неговите капии. Тие знаеле дека најлошото допрва доаѓа. Нашле прибежиште во градот Пела, преку Јордан. Кога римските оклопници се вратиле на чело со Тит, во Ерусалим немало повеќе христијани.
Отворањето на патот од Ерусалим во Пела е овозможено со помош на силата на Исусовата крв „по нов и жив пат, што Тој ни го отвори“. Колку утешно било да се знае во опколениот Ерусалим дека ќе се отворат железните клешти на опсадата макар само за миг со цел Божјиот народ да побегне од градот и да го слави своето спасение. Тие ги спасиле своите животи под раката на „Врховниот свештеник над домот Божји“ (Евреите 10,21).
Сликата на ова физичко избавување од опседнатиот град е слика на нашето духовно избавување од обрачот на гревот. Во двата случаја тоа е дело и заслуга на нашиот Застапник, Пратеник и Првосвештеник, Исус Христос на престолот на небото.
Единствена надеж и утеха на првите христијани бил Исус на крстот како Жртва и Исус на престолот како Првосвештеник. Апостол Петар својата прва апостолска проповед на Денот педесетница во Ерусалим ја почнал со Христа на крстот, а ја завршил со Христа на неговиот престол: „И затоа, нека знае со сигурност сиот Израелов дом дека Оној Исус, кого вие го распнавте, Бог го направи Господ и Христос“ (Дела на апостолите 2,36).
Исус не е само Христос или Помазаник, туку е и Господ, Господар над господарите и Цар над царевите. Од градот Ерусалим неговата Црква, одејќи по патот кон Пела, пошла во нов живот, физички и духовно – „кон градот на живиот Бог… и кон Исуса, Посредникот на Новиот завет“ (Евреите 12,22-24). На патот преку зелените брегови на реката Јордан, возбудените срца на првите христијани биле издигнати кон бреговите на реката на животот што извира од Божјиот престол. Тие биле восхитени од осведочувањето дека „еден е Бог, и еден е Посредник меѓу Бога и луѓето – Човекот Христос Исус, кој се даде себеси како откуп за сите“ (1. Тимотеј 2,5.6).
Драги пријатели, од обрачот на гревот можеме да излеземе само со Христовото посредување. Тој е наша единствена надеж. Кога сме вознемирени, во Христа „имаме мир со Бога“ (Римјаните 5,1). Исус вели: „На оној, што победува, ќе му дозволам да седне со Мене на Мојот престол, како што и Јас победив и седнав со Отецот Свој на Неговиот престол“ (Откровение 3,21). Да го прифатиме овој Христов највисок повик за највисокото место!