15.4. „Господ навистина воскресна“
„ГОСПОД НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!“
Лука 24,34
Разочарани, Исусовите ученици веќе го составиле натписот на Христовиот надгробен споменик: „Исус Назареецот, кој беше пророк, силен на дело и на слово, пред Бога и пред сиот народ“(Лука 24,19). Но таков натпис никогаш не е напишан, зашто разочарувањето траело премногу кратко. Наместо споменик, апостолите на Христа му подигнале цркви, и над нивните отворени врати ги напишале овие три збора: „ГОСПОД НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА!“ (Лука 24,34) Тие зборови го промениле токот на историјата, но и повеќе од тоа: тие ги промениле срцата на луѓето!
Кога Христовите ученици го положиле телото на својот Господ во гроб, мислеле дека сите надежи се загубени. Овие разочарани луѓе се вратиле во Горната соба каде што ја поминале Пасхата. Нивниот духовен живот се угасил. Требало да почне сè од почеток. Знаеле дека мора да појдат од страшниот факт оти Исус умрел. Нивните надежи исто така умреле. Своите разочарувања ги изразиле со зборовите: „А ние се надеваме оти е Тој Оној што треба да го избави Израел“ (Лука 24,21).
Со својата смрт Исус ги избавил од смртта, а тие мислеле само на ослободувањето од Римјаните. Христос умрел за да им даде власт над гробот, а тие мислеле само како да добијат власт над светот. Иако во Христа го препознале Бога во тело, сè уште мислеле земно. Одбивале да ги примат и да ги сфатат Христовите зборови дека „Тој треба… да пострада многу од старешините, првосвештениците и книжевниците и да биде убиен, и на третиот ден да воскресне“ (Матеј 16,21).
Исус умрел иако воопшто не морал да умре. Никој не можел да го принуди на тоа. Тој умрел затоа што сакал да умре, и умрел кога сакал. Човечкиот живот порано или подоцна завршува со смрт, зашто на луѓето „и како што им е на луѓето определено да умрат еднаш“ (Евреите 9,27). Но Христос не морал никогаш да умре. Затоа неговата смрт толку болно одекнала во срцата на неговите ученици.
Меѓутоа, за тага немало место. Разочарувањето било непотребно. Христос дошол според пророштвото, живеел според пророштвото и умрел како што било претскажано, но тоа уште било „но тоа е сега сокриено од твоите очи“ (Лука 19,42). Солзите биле непотребни, плачењето и липањето само загуба. Загубената радост била ненадоместлива.
Во мугрите на првиот ден на седмицата, рано изутрината во неделата, Небото продолжило да ги исполнува своите пророштва. Најсилниот ангел на небото чекал да изгрее зората на воскресението. „Лицето му беше како молња, а алиштата – бели како снег“ (Матеј 28,3). Кога слегол на земјата, од неговото доаѓање настанал силен земјотрес. Над главите на римските стражари околу Христовиот гроб згрмело. Оборени на земја и стаписани од страв, ја виделе славата на најголемиот Божји ангел.
Не ослепеле, зашто Бог сакал да видат сè. Она што го гледале било посјајно од Сонцето на пладне и поблескотно од молња ноќе. Четата војници не се поместила од местото. Како стаписани, го слушнале гласот на небесниот пратеник: „Сине Божји, излези; те вика твојот Отец!“
Тешката плоча пред гробната врата е отфрлена како каменче. Исус излегол од гробот во величеството на своето преобразено и прославено тело. Повторно се слушнал неговиот триумфален глас: „Јас сум воскресението и животот!“ (Јован 11,25) Немало сила во вселената што можела да го задржи во гробот Кнезот на животот. Исус излегол од гробот како негов победник. Тој умрел како човек, закопан е како цар, станал како Бог. Ги искинал сите синџири на смртта, ги отворил сите темници на гробот и ги воскреснал сите надежи на животот и бесмртноста.
На римските војници им било дозволено да видат како се оддалечуваат сјајните ангели во придружба на Царот на славата. Станале потклекнувајќи и одвај стигнале во дворот на првосвештеникот да известат што се случило. Свештениците им дале пари да ја премолчат вистината и да разгласат дека учениците го украле Христовото тело. Но она што сакале да го сочуваат како тајна, било јавено по цел свет како радосна вест за воскресението на нашиот Господ Исус Христос.
„Штом мина саботата“, жените од Галилеја „купија мириси, за да дојдат и го помажат Исуса“ (Марко 16,1). Работната седмица почнала. Дуќаните биле отворени и некој вреден трговец мошне рано им продал сè што барале. Тогаш била Пасха и градот бил полн со дојденци. „И во првиот ден од седмицата, дојдоа на гробот многу рано, кога изгреваше сонцето“ (Марко 16,2).
Пролетта била во полн ек, но нивните срца ги притискала тага. Сонцето се раѓало, но тие гледале само во темнината на гробот. Кога стигнале на гробот, биле изненадени… каменот бил тргнат од гробот, а стража немало! Се осмелиле да влезат – гробот одвнатре светел! „Видоа еден млад човек, облечен во бели алишта, како седи од десната страна; и се исплашија многу“ (Марко 16,5).
Но стравот бил непотребен како и тагата. Тоа бил Христовиот ангел чувар. Тој го чувал од витлеемските јасли до крстот на Голгота. Тој видел и знаел сè. Нежно го отстранил нивниот страв и тага, чемерот и јадот: „Не плашете се! Вие го барате Исус од Назарет, Распнатиот. Тој воскресна, не е овде! Еве го местото каде што беше положен. Но одете, кажете им на учениците Негови и на Петар дека Тој пред вас ќе отиде во Галилеја; таму ќе го видите, како што ви беше рекол“ (Марко 16,6.7).
Тие го барале Господа на погрешно место, зашто живиот го барале меѓу мртвите. Христос е таму преку Голгота, надвор од гробот, но никогаш не можеме да го најдеме ако не појдеме по неговите стапки. Ако не го побараме местото каде што лежел Исус и ако не се увериме дека тоа е празно, тогаш сè уште попусто го бараме „живиот меѓу мртвите“ (Лука 24,5).
Најпосле, „вечерта во истиот ден, првиот од седмицата, кога вратата, каде што беа учениците Негови собрани, беше затворена поради страв од Јудејците, дојде Исус, застана насреде и им рече: ’Мир вам!‘ И ова штом го рече, им ги покажа рацете и нозете и ребрата свои. Се зарадуваа тогаш учениците, штом го видоа Господа“ (Јован 20,19.20). Денот на воскресението поминал во непотребна жалост, но вечерта донела светлина на нова вера и сознание: „Господ навистина воскресна!“
Драги пријатели, Христовото воскресение е стварност а не догма, факт, а не прикаска. Верата на учениците во воскреснатиот Христос пошла од стварноста. Неговата победа над смртта била причина што „апостолите, пак, со голема сила сведочеа за воскресението на Господа Исуса Христа; и имаше голема благодат над сите нив“ (Дела на апостолите 4,33). И вашите срца нека бидат исполнети со ова осведочување, со радост и со надеж: „Господ навистина воскресна!“