12.2. Човекот со Божје срце
„Осана на Синот Давидов! Благословен е кој иде во името Господово!“
Матеј 21,9
Петстотини години пред Христовото триумфално влегување во Ерусалим, пророкот Захарија ја гледал таа славна сцена: „Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај, ќерко ерусалимска; ете, Царот твој доаѓа при тебе, праведен e и со победоносна сила, кроток јава на магаре, јава на младо магаре“ (Захарија 9,9).
За да ја сфатиме улогата на ова скромно животно во победоносната поворка на најголемиот Цар во историјата, мораме таа сцена да ја гледаме со очите на луѓето од Истокот. Во Палестина магарето било симбол на мирот. Старите израелски цареви само во време на војна јавале на коњ. Тоа било достојно за царевите да доаѓаат на магаре кога донесуваат мир. Исус решил на ваков начин да влезе во Ерусaлим. Тој не бил борец што Израелците желно го очекувале како Месија, туку небесен Цар на мирот.
Кога Исус решил да му се открие на светот како цар, испратил двајца свои ученици да му доведат магаре, „младо магаре“. До тој миг Исус внимателно одбегнувал да биде во центарот на вниманието. Меѓутоа, овој ден ќе биде поинаков од сите претходни. Денеска нема да оди како до сега. Никој не знаел зошто, но денеска Исус ќе појде од Витанија во Ерусалим седејќи на магаре. Денеска големиот Учител ќе влезе во древната престолнина како цар и ќе го потврди своето право на престолот Давидов.
До овој знаменит ден Исус зборувал во раскази. Денеска самиот Тој ќе учествува во расказот. Претходниот ден била сабота и цел Израел мирувал. Во неделата животот бучно продолжил. Поклониците ги преплавиле сите патишта одејќи на празникот Пасха. Цел Ерусалим очекувал да види дали Исус ќе дојде на празникот. Исусовото име лебдело на сите усни.
Исус знаел дека неговото влегување во Ерусалим ќе биде отворен предизвик за неговите непријатели. Сепак решил да влезе во градот придружуван од сите погледи. Тоа бил промислен чекор. Исус знаел дека оди директно во стапица, но само на ваков симболичен и драматичен начин можел јасно да се прогласи за она што е: Цар на Земјата и Цар на вселената.
Христовите ученици одушевено ги постилале своите облеки на магарето. Дури и Јуда бил восхитен! Најпосле и народот сфатил дека Исус ќе се прогласи за Цар. Сите се радувале: „Осана на Синот Давидов! Благословен е кој иде во името Господово!“ (Матеј 21,9)
Можеме да го замислиме воскреснатиот Лазар од Витанија како полека го води магарето на кое Исус седи. Едни ја соблекувале од себе облеката и ја постилале на патот, а други постилале палмови гранки што биле симбол на царското достоинство и победата.
Сепак, овој поход не личел на победоносните поворки на римските императори што ги гонеле пред себе врзаните заробеници а зад себе ги влечеле окованите непријатели приврзани за бојни коли. Христовата поворка воопшто не била однапред организирана, туку се образувала спонтано. Пред Христа оделе редици луѓе што Исус ги ослободил од гревовите и од пороците; покрај Исуса чекореле некогашните слепци на кои Тој им подарил вид, а зад него скокале некогашните паралитичари што Исус ги подигнал и ги исцелил. Каков возбудлив миг, каква невидена поворка!
Попатно ги сретнувале изненадените и злобни свештеници и фарисеи. Тие биле исполнети со гнев и со завист. Зар не сториле сè за да го оневозможат Исуса? Како тоа сега Исус да биде во центарот на вниманието? Почувствувале дека народот е готов да го прифати Христа како цар. Решиле веднаш да преземат нешто.
„Учителе“, повикале тие, „забрани им на учениците Твои! Но Исус не ги замолкнал своите ученици туку нив: „Ви велам, ако тие замолкнат, камењата ќе повикаат“ (Лука 19,39.40).
Поворката секој миг се зголемувала, но мнозинството луѓе во поворката оделе од себични причини. За неколку дена мирното „Осана“ ќе се претвори во „Распни го! Распни!“ Исус тоа добро го знаел.
Кога по кривулестиот пат од Витанија се искачиле на Маслинската гора, одеднаш пред нив се укажала панорамата на градот осветлен со Сонцето, со блескотните куполи и кули. Ерусалим изгледал величествено. Неговиот Храм од бел мермер, покриен со злато, претставувал едно од седумте светски чуда.
За миг Исус се запрел посматрајќи ја сликата пред себе. Поворката исто така застанала. Во Исусовите очи сите забележале солзи. Од длабината на неговата душа се оттргнал болен извик за саканиот град: „Да беше и ти узнал барем во овој твој ден, што служи за твојот мир? Но тоа е сега сокриено од твоите очи, зашто ќе дојдат денови за тебе и непријателите твои ќе те опкружат со окопи и ќе те опколат, и ќе те притеснат од сите страни; и ќе те разрушат тебе и ќе ти избијат децата твои во тебе и нема да остават камен на камен од тебе, оти не си го позна времето, кога беше посетен“ (Лука 19,42-44).
Оној што плачел крај гробот на својот пријател Лазар, сега повторно, обземен со болка, плачел гледајќи ја иднината на Ерусалим, кој ќе стане гробница на закопани надежи. Тој град требало да биде „светлина за незнабошците“ и радост „за целата Земја“. Наместо тоа, тој станал темнина на неверувањето, а неговата слава се покажала како лажно позлатување. Не е чудо што неговиот отфрлен Цар бил совладан од тага.
Исус ја видел Овчката врата низ која Израелците ги воделе јагнињата за жртва во Храмот. Наскоро ќе биде воден низ истата врата како „Јагнето Божје, кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“ (Јован 1,29). Неговите очи се наполниле со солзи. Неговата душа била обземена со жалост за народот што го отфрлил подбивајќи ѝ се на неговата љубов. Исус стоел со солзи на своите царски образи. „Како да те дадам?“, зборувала љубовта тажејќи.
Градот не го примил својот Цар. Сакал војна, а не мир. Исус го видел не само својот крст на Голгота, туку илјадници крстови околу градските ѕидови што ќе ги подигне римската војска опседнувајќи го Ерусалим. Градот бил осуден а народот тоа не го видел, зашто не сакал да го препознае времето во кое Бог го посетил. Творецот на небото и Земјата меѓу нив, одел по нивните улици, ги лекувал болните и ги тешел жалосните, но тие не го препознале!
Исус заради нас и заради нашето спасение покажал величествена храброст влегувајќи во тврдината на своите непријатели. Никој од него не го барал тоа; Тој сам се решил на тоа да нè откупи. О, каква љубов! Да ги положиме нашите облеки на себичноста пред Царот кој заради нас плачел и да го поставиме на престолот на нашето срце!