10.4. Глас на радоста за спасението
„Боже, биди милостив спрема мене грешниот!“
Лука 18,13
Исус Христос бил олицетворение на Божјата љубов. Неговата порака за еднаквост и братство меѓу сите луѓе е вградена во самите темели на неговото царство на радоста и љубовта. Христовото евангелие е радосен глас за царството во кое нема соперништво ниту борба за превласт. Да се биде во Христа и во неговото царство значи да се живее за другите и да се открива Христовиот карактер. Да се живее во царството на милоста значи да се биде во заедница на братска љубов со сите луѓе.
За да го овозможи владеењето на милоста на Земјата, Исус станал мост меѓу Бога и човекот. Негова мисла водилка била своите ученици да ги одвои од стемежот кон поминливата моќ и власт и да ги воведе во царството на милоста во кое сите луѓе се поврзуваат со најсрдечни врски на братско разбирање. Тоа царство е доволно великодушно и јако за со својата љубов да ги опфати дури и своите непријатели. Тоа била Исусова вест за Божјето царство упатена до сите без разлика. За оваа божествена порака. Исус рекол: „Ќе биде проповедано ова Евангелие за царството по целиот свет“ (Матеј 24,14).
Исусовиот расказ за фарисејот и цариникот што се молеле во Храмот го илустрира Божјето незадоволство со оние што го презираат човекот. Фарисејот и цариникот ги претставуваат двете спротивности во животот. Цариникот како собирач на данок за Римјаните бил најомразен човек во Палестина, а фарисејот бил угледен припадник на еврејскиот народ. Неговата општествена положба создала кај него чувство дека вреди повеќе од другите, и во тоа лежела причината за неговата несреќа.
На овој фарисеј никогаш не му дошло на ум дека сè што има треба да го употреби на Божја слава. Своето богатство, образованието, културата и знаењето им ги припишувал на своите способности, не мислејќи да ги подели со другите. Се чувствувал за една глава повисок од останатите. За жал, тоа и го одвоило од другите, зашто кога ќе се појави чувство на надмоќ, тогаш братството се крши и се урива. Фарисејот се гордеел со своите успеси и со своите добри дела. Но богатството и општествената положба, со кои се фалел, Бог му ги подарил само како средство да им помогне на оние што ги немаат тие предимства.
Религијата на фарисејот барала од него да пости еднаш седмично, но тој во својата божемна молитва се фалел: „Постам двапати во седмицата, давам десеток од сè што ќе стекнам“ (Лука 18,12). Тој не разговарал со Бога, туку самиот со себе. Се наоѓал во Храмот, и тоа било исправно, но таму не отишол да се моли. Гордо стоел сакајќи да го привлече вниманието на себе и да се прикаже во најдобра светлина.
Стоејќи така со издигнати раце, бил вистинска слика на вообразената горделивост. Иако сметал дека зазел молитвен став, тоа не била молитва, зашто неговите зборови откривале презир кон цариникот што исто така дошол во Храмот да се моли. Цариникот бил римски чиновник, и овие двајца молители ги претставувале двете крајности на духовната и световната положба.
Цариникот нема ништо да му каже на Господа за своите добри дела. Со наведена глава и удирајќи се во градите рекол: „Боже, биди милостив спрема мене грешниот!“ (Лука 18,13) Исус дал свој коментар: „Овој отиде дома оправдан“, а фарисејот, иако учител на верата во доаѓањето на царството на Месија, бил со километри далеку од него. Цариникот станал член на Божјето семејство и отишол дома оправдан. Во него немало никакво самофалство. Тој ги признал своите потреби.
Цариникот барал милост и ја добил. Тој сфатил дека милоста е темел на Божјето царство. Разбрал дека во Божјето царство на милоста „никој“ станува „некој“ во Божјите очи. Премногу често Божјето царство се смета за некоја верска или црковна организација. Мнозина сметаат дека тоа им припаѓа само на зрелите луѓе и на оние со седа глава. Колку се малку оние што сфаќаат дека Божјето царство не се состои од натпреварување и од борба за превласт. Исус Божјето царство го објавил како заедница на братска љубов меѓу луѓето и на сите луѓе со Бога.
Никој не може да биде поврзан со Бога, а во исто време да не биде поврзан со својот сосед. Помирувањето не е дело на двајца, туку на тројца: мене, мојот сосед и Бога. Со тој нов однос сме создале „вечен триаголник“ чијашто основа е Бог, а мојот сосед и јас сме едната и другата страна. Струјата на Божјата милост поаѓа од Бога иде до мене, а од мене до мојот сосед и назад кон Бога. Во ова кружење на милоста нема прекин. Милоста ги вклучува во Божјето царство и нашите деца. Исус јасно го изнел овој принцип на милоста како главна врата на своето царство. „Ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите“ (Матеј 6,15).
Највисокиот закон на Божјето царство на милоста во Исусовиот живот се покажал во тоа што Тој „ги зеде врз Себе нашите болки и ги понесе нашите слабости“, и што „Он беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија, казната за нашиот мир падна врз Него, а преку Неговите рани ние се излекувавме“ (Исаија 53,4.5).
На Бога, кој зел човечко тело, не му било туѓо ниту едно човечко страдање. Секоја наша рана била и негова. Исус своето царство на милоста го прогласил со зборовите: „Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани!“ (Матеј 5,7) Целата историја на Новиот завет носи печат на братска љубов и единство на граѓаните на Христовото царство. Христовиот закон е краток и концизен како печат: „Поднесувајте ги тешкотиите еден на друг, и исполнувајте го така законот Христов“ (Галатјаните 6,2).
Премногу често се слуша гласот на навредениот: „Во ред, нека дојде да се извини. Ќе бидам готов да му простам дури тогаш кога ќе ја исправи својата кривица“. Но тоа не е порака на милоста ниту принцип на Христовото царство. Тоа е студена сметка и, најпосле, разбирлива должност. Вистинското проштавање и помирување не чека другиот да го стори првиот чекор, туку оди да бара помирување дури и до најголемиот непријател. Најдобро е на навредата да се одговори со проштавање. Исус нè учи да се молиме: „Прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници“ (Матеј 6,12).
Во Христовото царство на милоста сите покажуваат милост. Во него нема потреба од затворање во оклоп на отуѓеност заради самозаштита, зашто законот на љубовта и на братското разбирање бара прилика да им се помогне на другите. Во него нема расни предрасуди, јазични бариери, слеп национализам и подвоеност. Исус соединува со својата љубов. Затоа, драги пријатели, да решиме да му пристапиме на Исуса такви какви што сме. Библијата повикува: „Слободно да пристапуваме кон престолот на благодатта, за да примиме милост и да најдеме благодат за благовремена помош“ (Евреите 4,16).