9.4. Извор на сите добра
„И таму го проповедаа Евангелието.“
Дела на апостолите 14,7
Ликаонија претставува географско подрачје на јужниот дел на Мала Азија. Во времето на апостолите Ликаонија била дел на римската провинција Галатија со градовите Иконија, Листра и Дерва. Поголемиот дел од Листра бил населен со римски воени ветерани. Вистината за Бога жителите на Листра првпат ја слушнале од устата на апостол Павле кој со Варнава стигнал во нивниот град на своето прво мисионерско патување. Патописецот и евангелистот Лука вистината за Бога ја нарекува добра вест или евангелие со зборовите: „И таму го проповедаа Евангелието“ (Дела на апостолите 14,7).
Евангелието било не само вистина за правиот и жив Бог, туку и вест за спасение преку Исуса Христа. Навестувањето на оваа „добра вест“ се наоѓа уште на самиот почеток на Библијата. Таа сè појасно се открива во нејзините книги додека најпосле во Исусовото проповедање не ја достигне својата целосна големина. За тоа „евангелие на Божјата милост“ (Дела на апостолите 20,24) Христос им рекол на своите ученици: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“ (Марко 16,15).
Евангелието во Листра било не само добра вест туку и добро дело. За незнабошците тоа значело пренасочување од невистината кон вистината и од безживотните идоли кон живиот Бог. Кога Павле меѓу своите слушатели видел еден куц човек, ја прекинал својата проповед и му се обратил со зборовите: „Тебе ти велам во името на Исуса Христа: исправи се на нозете свои!“ (Дела на апостолите 14,10).
Павле го објавил Христа не само како Спасител, туку и како Творец на светот. Проповедајќи во Листра, апостолот Христа го претставил како Бог што го љуби светот. Укажувајќи на него како на највисока личност во вселената, го објавил како Божество кое несебично дава. Таквата љубов можеле да ја сфатат дури и децата. Незнабошците можеле да разберат дека евангелието е вистина и љубов, збор и дело, кога го виделе немоќниот и куц човек, кој никогаш „не беше одел“, како наеднаш, кога Павле ги изговорил зборовите, станува на нозе. Извештајот кажува: „И тој веднаш почна да скока и прооде“ (Дела на апостолите 14,10).
Апостолското евангелие во Листра Ликаонска било радосна вест за Бога како Творец и како Одржувач на сè што создал. Чудото над куциот човек било знак на неговото невидливо присуство. Апостолите не можеле да сторат ништо без неговата сила. Ова чудесно оздравување требало на Листраните да им посведочи не само за Божјето сеприсуство, туку и за неговата доброта, љубов и грижа за сè што создал. Меѓутоа, вкоренетото празноверие ги навело на заклучок дека Варнава и Павле се престорени незнабожечки богови: „И Варнава го нарекоа Зевс, а Павла Хермес, бидејќи управуваше со словото“ (Дела на апостолите 14,12).
Јупитер било римско име за врховниот бог на грчката митологија Зевс. Меркур исто така било латинско име за грчкиот Бог Хермес, кого го сметале за весник на боговите. Храмот на Јупитер се наоѓал некаде на периферијата на Листра. Библискиот хроничар кажува: „Жрецот, пак, на Зевс, чиј кип се наоѓаше пред нивниот град, откако доведе јунци и донесе венци пред портата, сакаше заедно со народот да принесе жртва“ (Дела на апостолите 14,13).
Според незнабожечкиот обичај, венците се ставале на животните одредени за жртва и на идолите во чијашто чест сакале да ги жртвуваат. Во овој случај венците биле наменети за јунаците како жртви и за Варнава и Павле како богови. Токму сега настапил решавачкиот миг што апостолите го искористиле на најенергичен начин. Тие „ги раскинаа своите облеки, се втурнаа меѓу народот, гласно викајќи: ’Луѓе, зошто го правите ова? И ние сме смртни како и вие, но ви проповедаме да се обратите од овие лажни работи кон живиот Бог, Кој ги создаде небото и земјата, морето и сè што е во нив’“ (Дела на апостолите 14,14.15).
Евангелието во Листра било придружувано со видливо откровение на Божјата творечка сила и тоа не можело да се порекне. Покрај Павле и Варнава стоел човекот исцелен со чудо како жив доказ на силата на живиот Бог. Јунците и венците биле исто така доказ дека нешто чудно се случило пред нивните очи. Припишувајќи му ја на Бога силата на обновување и исцелување, Павле укажал и на многу други секојдневни чуда на неговата љубов и грижа: „’Иако не престануваше да сведочи за Себе, правејќи ни добро со праќање дождови од небото и плодоносни времиња и исполнувајќи ги срцата наши со храна и веселост.‘ И зборувајќи за ова, одвај го убедија народот да не им принесува жртва“ (Дела на апостолите 14,17.18).
Тоа била возбудлива вистина за Божјата љубов како извор на сите добра и благослови што ги уживаме. Сведоштва за Божјата љубов наоѓаме како во Стариот така и во Новиот завет. Бог секогаш го љубел човекот не поради она што човекот го чувствува кон Бога, туку поради она што Тој го чувствува кон човекот. „Но Бог ја покажа љубовта Своја кон нас со тоа, што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни“ (Римјаните 5,8). Бог нè помирил со себе „откако сме се помириле“ (Римјаните 5,10).
Евангелието во Листра ја открило не само Божјата љубов, неговото сеприсуство и грижа, туку и неговата праведност. Тоа било добра вест дека Бог знае сè, разбира сè и проштава сè „во име на Господа Исуса Христа“. Повикот до Листраните да „се обратат од овие суетни работи кон живиот Бог“, им го откривал планот на спасението што ја истакнува сета величественост на Божјите заповеди. Листраните го запознале планот на спасението кој ги опфаќа животот, смртта и воскресението на Исуса Христа – на Бога кој станал тело. Христос засекогаш ја потврдил Божјата правда и непроменливоста на неговиот свет Закон.
Листраните разбрале дека евангелието е воспоставување на личен однос и лична одговорност кон Бога од чиешто око не може никој да се скрие. Тие ја запознале чудесната вредност на верата со која и најслабиот човек и најмалечкото дете можат да се стават под директно Божје водство и заштита. Иако Божјиот престол е на небото, неговата сила управува со електроните, со планетите и со нашите патишта.
Евангелието во Листра било добра вест содржана во Христовите зборови: „Немојте да се грижите за својот живот“ (Матеј 6,25) – затоа што Тој се грижи за нас. За куциот човек во Листра оваа вест значела живот. И за вас денеска евангелието нека биде добра вест за новиот живот!