7.3. Неспоредлив Божји Син
„Но, кога се исполни времето, Бог Го испрати Својот Син, Кој се роди од жена и се потчини на Законот за да ги откупи оние што се под Закон, та да го примиме посинувањето.“
Галатите 4,4.5
Библијата ни зборува со јазикот на Божјата љубов. Во Новиот завет таа кажува: „Кога се исполни времето, Бог го испрати својот Син, кој се роди од жена и се потчини на Законот, за да ги откупи оние, што се под Закон, та да го примиме посинувањето“ (Галатјаните 4,4.5). Исус бил Речта со која Божјата љубов му проговорила на човештвото. Кога дошол на Земјата, дошол како човек, но сѐ уште бил Бог. Времето на неговото доаѓање било време кога со целиот свет владеело Римското царство на чело со Цезарот Август. Какво било тоа време?
Времето на првото Христово доаѓање било време на морална изопаченост, слично на Ноевото. Луѓето ги обожавале боговите на своите предци. Владеело неопишано празноверие. Мажите и жените ја испивале чашата на развратот до дно. Кршењето на Божјиот закон станало составен дел на незнабожечкото богослужение. Човечките суштества, создадени да бидат стан на Божјиот Дух, станале стан на демоните. Човечките лица добиле демонски израз. Човечките очи болскале со студен сјај на лошите ангели. Ништо добро не го очекувало Спасителот на светот.
Сепак, мнозина станале уморни од незнабожечкиот церемонијал и празноверие. Го загубиле доверието во сите системи на религијата. Не им достигал мирот што може да ја задоволи душата. Смртта била грозна мистерија, и сите живееле во постојана душевна несигурност. Збунети и измамени, луѓето потиштено се движеле низ животот како поворка осудена на смрт, без надеж во помилување. Светот го преплавил бран на грев. Човештвото лежело во прав, а преку него газел кнезот на злото.
Тоа време било време на катастрофална морална состојба на човечкиот дух и обичај, што апостол Павле ги опишува во првата глава на Посланието до Римјаните. Мнозина се прашувале дали Бог повторно ќе го уништи светот како во времето на Ное.
Во такво време на превласт на злото на беззаконие и празноверие, Бог проговорил со јазикот на својата љубов. Го испратил својот Син на светот, покажувајќи дека неговите патишта не се човечки патишта. Наместо да го очисти светот од неговите грешни жители, Бог покажал колку го љуби и му пружил прилика да се промени. Го упатил својот Син во еден изобличен и дивјачки свет во кој сатаната имал превласт. Исус дошол на оваа Земја токму во такво време да го поврати Божјиот лик во човекот. Човештвото лежело во прав, и тој дошол да го подигне, да го измие и да го преоблече. За да го подигне човекот, Бог станал човек.
Бог никогаш не му го свртил грбот на овој свет. Уште илјада години пред Исусовото раѓање псалмистот Давид пишувал под вдахновение: „Зашто се јави од светата своја височина, Господ од небесата погледна на Земјата, за да ги чуе офкањата на окованите, да ги ослободи синовите од смртта, за да го разгласат името Господово на Сион“ (Псалм 102,19-21). Воплите и воздишките на робовите во темницата на гревот никогаш не биле поголеми отколку во времето на Христовото раѓање.
Прочуениот швајцарски природонаучник Хубер, одејќи еден ден по една полска патека со својата мајка, застанал пред една колона мравки. Тогаш уште бил момче и длабоко се заинтересирал кога забележал дека мравките одненадеж се вознемириле поради нивната близина. Наведнувајќи се, тој уште повнимателно ги посматрал. И тогаш се свртил кон мајка си со зборовите: „Мамо, тие се плашат од мене, зар не?“
„Да“, му одговорила таа, „но тие не би се плашеле кога би знаеле колку ти ги сакаш“.
Момчето се замислило. Потоа рекло: „Мамо, јас би морал да станам мравка за тие да се уверат дека ги сакам!“
Мравките не го разбираат јазикот на луѓето, но веројатно можат да се разберат на својот јазик. За да им проговори на луѓето со јазикот на небото, Бог морал да стане човек, морал да живее меѓу луѓето, да ги дели сите нивни тешкотии и најпосле да умре како човек. Тој го сторил сето тоа. Божјата љубов проговорила во Исуса.
Сѐ што знаеме за Бога, знаеме од Исуса Христа. Тој ни ги открил основните факти за гревот. Од него дознаваме дека историјата на светот всушност е историја на гревот и на неговото влијание врз човечкиот род. Од него исто така знаеме дека гревот нема бескрајно долго да владее со светот и да ги урива човечките надежи. Исус на Голгота го решил проблемот на иднината на човештвото.
Гревот ќе биде искоренет. Смртта ќе биде уништена благодарение на смртта на Оној врз кого таа немала право. Светото писмо истакнува дека Исус станал тело „преку смртта да го победи оној, што ја има власта над смртта, односно ѓаволот“ (Евреите 2,14).
Во животот и во смртта на Божјиот Син, Бог и човекот нашле заеднички јазик. Човекот увидел дека смртта е последица на гревот, а не израз на Божјата волја. Бог станал човек за луѓето да сфатат дека Тој зборува со јазикот на љубовта. Бог го љуби светот. Па сепак, човештвото и денеска ги затвора ушите да не го чуе јазикот на Божјата љубов, Човекот почнал да се плаши за својот опстанок на Земјата и ништо не може да го отстрани неговиот страв пред иднината. Не е можно да настапи период „на свет без страв“. Ние сме живи сведоци на исполнувањето на Исусовото пророштво: „Луѓето, пак, ќе умираат од страв и од исчекување на она што ќе го снајде светот“ (Лука 21,26).
Светот повеќе знае за војна отколку за мир и повеќе за омраза отколку за јазикот на Божјата љубов. Но нема потреба да се плашиме ниту од сегашноста ниту од иднината. Првото Христово доаѓање било прв чекор на патот што завршува со неговото крунисување на престолот на небото.
Драги пријатели, најубавиот дел од спасението на човештвото допрва претстои: тоа е Христовото враќање на Земјата. Настаните во светот се само предзнаци на исполнувањето на Христовите зборови: „Да не се плаши срцето ваше; верувајте во Бога и во Мене верувајте. Во домот на Мојот Отец има многу места за живеење. А да немаше, Јас ќе ви кажев. Одам да ви приготвам место. И кога ќе отидам и ви приготвам место, пак ќе дојдам, и ќе ве земам вас при Себе за да бидете и вие каде што сум Јас“ (Јован 14,1-3). Да решиме да го чекаме. Да го научиме јазикот на Божјата љубов. Да го научиме од Исуса!