6.4. Слава над Витлеем
„Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја.“
Лука 2,14
Ниедно поколение до денеска не било толку склоно кон истражување како нашето. Сепак, луѓето имаат толку малку сознание за правата вистина, што со право може да се цитира онаа позната мисла: „Толку многу мудреци, а толку малку мудрост“. За да ја сфатиме вистината, мораме да се свртиме кон единствениот извор на мудроста и да научиме дека „Почеток на мудроста е стравот Господов“ (Мудри изреки 1,7).
Нашиот духовен развој зависи од нашата понизност што треба да биде слична на понизноста на малечките деца. Понизноста не е наивност.
Тоа е осведочување дека нашиот ум не е способен по научен пат да го истражи Бога, сознание дека Бога можеме да го запознаеме само преку откровение. Исус таа мисла ја кажал на овој начин: „Ако не се промените и не бидете како деца, нема да влезете во царството небесно“ (Матеј 18,3). Пастирите од Витлеем се пример на детска понизност и мудрост што ја имаат вистинските мудреци.
Ништо не го возбудува човечкиот дух во толкава мера како размислувањето за Бога кој од дворовите на славата стапил на сцената на нашиот малечок свет да заземе место на обичен учесник во драмата на овоземниот живот. Тоа наполно го надмудрило итриот противник во вселенската борба за човекот. Тоа не била лажна филозофија којашто ја искористува човечката наивност; тоа било спасоносно дело.
Кога Бог излегол од дворовите на славата да стане изгнаник на оваа малечка планета, ангелите го објавиле неговото раѓање. Историјата на неговото раѓање е толку убава колку што е и длабока и необична. Необично е и тоа што дошле да го посетат само пастири и мудреци: пастирите како неуки, а мудреците како учени.
Ниту Бог ниту Библијата не можат да се истражат по научен пат, но Божјето откровение е исто толку возбудливо колку и научното истражување. Првиот чекор на човекот во вселената е возбудлив, но многу повозбудливо и поважно е познавањето на Бога како негов Творец. Најважно од сè е да се разберат настаните во божествената драма во која Бог се поврзал со грешната човечка раса.
Кога напишал: „Зашто дете ни се роди“ (Исаија 9,6), пророкот Исаија кажал вистина што ќе го преобрази светот. Тоа Дете било родено не само за своето семејство, туку за сите семејства на сите народи. Најголем настан на сите времиња е отелотворувањето на Божјиот Син. Таа вистина е аголем камен на христијанската вера и почеток на вселенската ера. Тоа не почнало со заминувањето на човекот на Месечината, туку со доаѓањето на Бога на Земјата.
Во времето кога Бог го испратил својот Син на светот, вистинската слобода била непозната, а на сиромасите се гледало со презир. Нехуманоста се сметала за знак на напредност. И токму во тоа време Бог го испратил својот Син на овој свет. Тој станал човек меѓу луѓето за луѓето да ги направи слични на Бога.
Приближувајќи се кон стариот град во кој е роден Исус, патникот и денеска може да види пастири и нивните стада исто како и пред повеќе од деветнаесет столетија. Тука е и ливадата на која Господовиот ангел им ја објавил возбудливата вест на едноставните луѓе со понизни срца и со отворени умови. Со детска вера пастирите биле готови да појдат таму каде што ги упатило Небото. Пред нивните восхитени очи ангелите пееле: „Слава на Бога во висините, а на земјата мир и меѓу луѓето добра волја“ (Лука 2,14). Пастирите можеле да ја согледаат славата на Бога на висините, но таа слава не можеле ниту да ја насетат кај Детето во витлеемските јасли. Божјиот Син ги симнал од себе сите знаци на божествената слава и зел човечко тело за да може да им се приближи на луѓето.
Пастирите слушнале и потоа си кажале еден на друг: „Ајде да видиме!“ Тие му верувале на небесното откровение. Не барале од рабините совет што да прават, дали да послушаат или не. Тие едноставно верувале, но верата сама за себе не е доволна. Тие тргнале на пат и својата вера ја потврдиле со дела. Библијата кажува: „И дојдоа бргу“ (Лука 2,16). Грижата за работите е заменета со грижа да го исполнат Божјето барање.
Стапувајќи под покривот „ги најдоа Марија и Јосифа со Младенецот кој лежеше во јасли“ (Лука 2,15.16). Бог се облекол во човечко тело. Бог се изразил себеси со тело и крв како писателот што се изразува себеси со перо и со мастило, сликарот со боја и со четкичка, вајарот со длето и со чекан. Бог се изразил себеси на единствен начин достапен за човечкото сфаќање на Бога. Семожниот Бог ја открил својата љубов кон загубените луѓе во дарот на својот Син.
Кога пастирите стигнале во пештерата, во неа нашле нешто повеќе од шталичка: нашле светилиште. Влегле клањајќи се, фалејќи и славејќи го Бога. а потоа се вратиле кај своите стада. Излегувајќи од шталата, биле повеќе отколку само пастири: биле сведоци. Нивниот живот бил збогатен. Непризнати според својата општествена положба и сиромашни во земни добра, наеднаш станале богати со небесни благослови и готови без притеснување да сведочат за чудесниот настан.
Пастирите се изедначиле со мудреците. И едните и другите биле понизни како малечки деца и имале едноставна вера што секогаш е темел на вистинската мудрост. Со очи на верата во беспомошното Дете го препознале семожниот Бог. И едните и другите го нашле Господа, зашто имале отворени умови и подготвени срца да веруваат во небесното откровение.
Во Исуса Христа Бог се открил на нов начин. Но тоа откровение не било само за нашиот ситен свет; тоа било нешто ново за целата вселена над нас. Целиот свет се нашол во прегратките на бескрајната љубов. Не ни е потребна повеќе војска на богови кога сме го добиле Бога над војските! Ако станеме понизни како дете, во сведоштвото на пастирите ќе најдеме Божја порака за мир што ја надминува моќта на нашето сфаќање.
Драги пријатели, без оглед на тоа дали сме пастири или мудреци, Бог сака да му се открие и на нашето срце. Библијата вели: „Зашто вака вели Високиот и Возвишениот, вечно Живиот, Чие име е Светец: ’Јас живеам на небесната височина и во светилиштето, но Јас сум и со оние што имаат скршено срце и понизен дух, за да го оживувам духот на понижените и да ги оживувам срцата на поразените‘“ (Исаија 57,15).