3.5. Потекло што ветува
„Те прославувам затоа што сум чудесно создаден!“
Псалм 139,14
Прашањето дали животинскиот и растителниот свет настанал со развивање или директно со создавање, на некои им изгледа како теориско прашање со малечко значење. Меѓутоа, тоа прашање има животна важност за секое човечко суштество. За оние што веруваат во библискиот извештај дека човекот е создаден според Божјиот лик се отвораат ненасетени видици на вечниот живот.
Верувањето или неверувањето во Бога почнува со верувањето или со неверувањето во Божјиот извештај за создавањето. Христос дошол на овој свет и умрел не затоа за да го спаси „исправениот“ човек, туку на паднатиот човек да му овозможи да се врати кај својот Творец. За човекот кој се кае и ја прифаќа раката на спасението светли христијанската надеж дека еден ден потполно ќе се соедини со Божјето семејство. Извештајот на Библијата за потеклото на човекот не само што потполно се согласува со научниот извештај за хемискиот состав на неговиот организам, туку објаснува и многу тајни на идниот живот, на светот и човекот.
Ако се трудиме да го разбереме Божјето творечко дело, ќе видиме дека човекот е создаден од истиот материјал како и животното, но дека неговата крв наполно се разликува од крвта на животните. Таа значајна разлика Библијата ја истакнува со тоа што кажува дека човекот е создаден „според Божјиот лик“, а не според животинскиот. Меѓутоа, факт е дека постои сличност меѓу протоплазмата на клетките на човекот и животните. Библијата тоа го потврдува со зборовите: „Зашто сè што се случува со синовите човечки, се случува и со животните, крајот им е ист: како умираат едните, така умираат и другите, и едно е дишењето кај сите, и човекот нема предимство пред добитокот, зашто – сè е суета! Сè оди на едно место: сè произлегува од земја, и сè ќе се врати во земјата“ (Проповедник 3,19.20).
Кога ќе умре протоплазмата на клетката, тогаш она што ѝ го дал Бог му се враќа на Бога. Бог на секоја клетка ѝ дал соодветен состав и внатрешна организација, и потоа ѝ дал и живот. Човекот може во епрувета да направи смеша на органска и неорганска материја слична на протоплазмата, но не може да ѝ вдахне живот. Животот доаѓа единствено од Бога. Нарекувајќи ја протоплазмата прав, а животот здив или дух, Библијата за престанувањето на животот го кажува следното: „и се враќа правот во земјата, како што си бил, а духот се враќа кај Бога, кој го дал“ (Проповедник 12,7). Јов исто така зборува за зависноста на човековиот живот од Бога: „Ако Он го свртеше срцето Свое кон Себе и го земеше при Себе нејзиниот дух и нејзиното дишење – за миг ќе загинеше секоја плот и човекот ќе се вратеше во правот“ (Книгата за Јов 34,14.15).
Во библискиот извештај за создавањето, што се наоѓа во првата глава од Книгата на создавањето, нема многу поединости. Освен едноставното тврдење дека Бог ги создал растенијата и животните за шест дословни денови, не ни се даваат никакви други подробности. Дури во извештајот за создавањето на човекот во втората глава од Книгата на создавањето наоѓаме податоци дека човекот е создаден од прав и дека станал жив „со духот на животот“ или „со здивот на животот“ од својот Творец.
Иако Библијата нагласува дека сите луѓе се „Од една крв… по целото лице на земјата“ (Дела на апостолите 17,26), сепак сегашниот човек не е ниту физички ниту духовно рамен на оној што бил создаден во Едем. Дегенерацијата на човечкиот род настанала со појавата на наследните разлики што се управуваат според општиот закон на наследувањето. Во човечкото семејство се појавиле различни раси и типови како резултат на изменетите наследни особини.
Во Книгата на создавањето наоѓаме единствен и јасен извештај дека животните и растенијата на нашата Земја се создадени во еден миг и на една заповед на Творецот. Првата глава од оваа вдахновена книга јасно зборува дека Бог ги создал сите основни видови на растителниот и животинскиот свет за време на првите шест денови од првата седмица. Во овој шестдневен период сите животински и растителни основни видови, заедно со човекот, биле создадени како возрасни и совршени. Извештајот кажува дека создавањето почнало првиот ден и дека било завршено до седмиот ден. Нема ниту најмалечка основа овие денови да се сметаат за подолги отколку сегашните соларни денови од 24 часа.
Како посебен знак дека целиот свет е создаден за шест дена и тоа совршено, седмиот ден е прогласен за сеќавање на тој величествен настан. Во тоа не може да има никакво сомневање, зашто вдахновениот извештај гласи: „И ги заврши Бог до седмиот ден делата Свои, што ги направи: и си отпочина во седмиот ден од сите дела Свои, што ги создаде. И го благослови Бог седмиот ден, и го освети, зашто во тој ден си отпочина од сите дела Свои, што ги направи и создаде“ (1. Мојсеева 2,2.3).
Во сите текстови за создавањето станува збор за соларен ден што настанува со кружното движење на Земјата од запад кон исток во текот на 24 часа, поточно – за 23 часа, 56 минути и 4,09 секунди. Секој ден од седмицата на создавањето имал и вечер и утро, како и секој сончев ден денеска. Седмицата како период од седум дена не е некоја „астрономска“ седмица од милион години, и не стои во никаква врска со движењето на небесните тела. Нашата денешна седмица потекнува од првата седмица на создавањето и нема врска ниту со временските периоди познати во геологијата како „геолошки периоди“. Библијата изрично кажува дека по секој ден на создавањето имало вечер и утро. Кога Бог во првиот ден ја создал светлината, таа се појавила истиот миг, а не по 500 милиони години.
Без оглед на многубројните знаци на дегенерација на денешниот човек, првиот човек бил круна на создавањето на еден нов свет. Знаејќи го тоа, псалмистот воскликнал: „Те прославувам затоа што сум чудесно создаден“ (Псалм 139,14). Човекот бил врв на Божјето создавање – неприкосновен владетел на целата земја. Неговото потекло вдахнува. Кога првиот човек паднал, целото човештво паднало со него. Но има надеж! Библијата кажува: „И како што по Адама сите умираат, така и во Христа сите ќе оживеат“ (1. Коринќаните 15,22).
Драги пријатели, во Библијата Христос е „втор“ или „последен Адам“ и Творец на едно ново, бесмртно човештво. Библијата почнува со создавањето на првиот човек, а завршува со неговото повторно создавање или воскреснување: „Секој по својот ред: прв е Христос, потоа, при Неговото доаѓање, ќе воскреснат сите што се Христови“. Ако го прифатите Христа и ако верувате во него како Творец и Спасител, тогаш пред вас стои вистинска и голема иднина!