12.7. Најголемото откритие на модерната доба
Во јануари 1948 година, еден пријател на епископот договорил состанок со еминентен еврејски научник, професор Сукеник (Sukenik) од Еврејскиот универзитет. Професорот ги позајмил свитоците за една седмица и откако потврдил дека се историски, се понудил да ги откупи. Меѓутоа, понудата пропаднала бидејќи не можеле да се договорат околу цената.
Потоа, епископот се обратил до Американската школа за ориентални истражувања, каде што контактирал со докторот Џон Тревер (John Trever), еминентен еврејски научник и вешт фотограф. Доктор Тревер потврдил дека свитоците се многу стари и ги фотографирал. Открил дека еден од нив бил древна копија на книгата на пророкот Исаија.
Тој ги испратил фотографиите по пошта на професорот Олбрајт (Albright) од Американскиот универзитет Џон Хопкинс (John Hopkins University), најголемиот светски авторитет кога станува збор за археологијата во Палестина. На 15 март стигнала телеграма во која пишувало:
„Примете ги моите срдечни честитки за најголемото откритие на модерното време. Претпоставувам дека се од периодот околу 100-та година пред нашата ера.“
Стотата година пред нашата ера? Тоа би значело дека свитокот е 1000 години постар од секој друг текст од Стариот завет. Но тоа сè уште не било крај на драмата. Доктор Тревер му препорачал на Епископот да го изнесе вредниот документ надвор од земјата, со цел да не биде уништено во борбите кои се случувале во тоа време. Епископот го послушал овој совет и избегал во Соединетите Држави, каде што конечно ја продал ролната на претставник на Израелската влада. Подоцна таа била вратена во Израел и сега се чува во Еврејскиот музеј.
Богатството на Бедуините
Откако Бедуините виделе дека можат да добијат динари, чувањето на козите било веднаш заборавено и заменето со пребарување на пештерите и потрага по свитоци. Една вечер, додека седеле околу логорскиот оган дискутирајќи за најновите пронајдоци, еден постар човек одеднаш се сетил на инцидентот што се случил пред многу години. Тој бил во лов на еребици и погодил една во крилото. Паѓајќи на земја, таа исчезнала во дупка покрај една карпа. Кога Бедуинот влегол во дупката да ја најде птицата, забележал дека е во пештера.
„Се сеќавам дека имаше скршени ќупови во таа пештера!“
„Каде е тоа место?“ – повикале гласно неговите нетрпеливи слушатели. Следниот ден стариот човек ги одвел до пештерата, и таму навистина пронашле уште свитоци, кои сега се продавале за 4 долари по квадратен сантиметар.
Оваа пештера станала позната како „пештерата на ранетата еребица“, и се наоѓа веднаш покрај урнатините на една стара градба на местото наречено Кирбет Кумран (Khirbet Qumran). Тука веројатно живеела еврејска секта аскети познати како Есени, и тука тие ги препишувале библиските книги. Во текот на ископувањата, таму биле најдени многу монети кои датирале и од 68 година од новата ера, кога градбата била најверојатно уништена при пожар. Жителите очигледно живееле таму додека римската војска не влегла во Ерусалим и, плашејќи се дека Римјаните ќе ги убијат, тие ги сокриле вредните свитоци во пештерите и побегнале во Ерусалим, кој бил освоен и уништен од Римјаните во 70 година од новата ера. Најверојатно загинале во војната и никогаш не се вратиле во своите населби, па така свитоците останале скриени сè до 1947 година. Пронајдени се 11 пештери во кои имало свитоци.