11.7. Ерусалим

11.7. Ерусалим

А во седмицата на пал­мите, Исус триумфално поминал низ Ерусалим качен на магаре, додека мноштвото извикувало:

„Осана на Синот Давидов! Благословен е оној што доаѓа во името Господово!“ (Матеј 21,9).

Тој направил  пауза на врвот на Маслинската Гора, жалејќи за градот кој ќе го отфрли. Од местото се простирала прекрасна глетка кон градот кој се наоѓал под него, и на Иродовиот храм кој блескал во преден план. Но сета таа сцена била замаглена од солзите во неговите очи. Потоа тој се спуштил до западната страна преку потокот Кедрон и влегол во градот. Сегашниот стар дел на Ерусалим се наоѓа 5-15 метри над нивото на градот кој го познавал Исус. Тој град бил комплетно уништен од страна на римската војска во 70 година од нашата ера. Сегашните ѕидови биле изградени од Сулејман Величествениот во 16 век од новата ера. Па така, следбениците на Исус не би го препознале овој град, од кој само неколку делови можат со сигурност да бидат потврдени. Еден дел, кој е прецизно идентификуван како оригинален, е бањата Витезда.

Фреска од ранохристијанскиот период го прикажува влегувањето на Исус во Ерусалим

Бањата Витезда

Во раните години Исус дошол до ова место во саботен ден и таму сретнал човек кого болеста го мачела цели 38 години. Тогаш постоело верување де­ка, кога во­дите од бањата ќе се разбранува­ат, првиот што би влегол внатре би бил чудотворно излечен. Затоа, кога водата ќе се разбранувала, се праве­ла огром­на мешаница од луѓе кои брза­ле да бидат пр­вите кои ќе бидат излекувани. Овој кутар човек немал никого да му помогне, така што секогаш стигнувал предоц­на. Исус се сожалил, се наведнал над него и го прашал:

„Сакаш ли да оздравиш?“ (Јован 5,6).

Откако човекот му кажал дека нема кој да му помогне да влезе во водата, Исус само рекол:

„Стани, земи ја постелката своја и оди!“ (стих 8).

Во истиот миг, низ мускулите на човекот проструила сила и тој можел да оди. Во Библијата стои запишано дека бањата била близу до Овчата порта и имала пет тремови (стих 2). Северно од храмот имало бања која била откриена во 1888 год., и потоа на тоа подрачје биле вршени ископувања. Таа има пет преубави високи сводови и сигурно тоа е бањата која се споменува во библискиот извештај.

Бањата Витезда

Гетсиманија

Исус ја прославил еврејската пасха со своите ученици во четврток навечер и веднаш потоа заминал во Гетсиманската градина. На местата за кои се тврди дека Исус се молел, биле подигнати две цркви, но не постои начин прецизно да се одреди точната локација. Познат ни е реонот кој е опишан во Библијата каде што се вели дека тој преминал преку потокот Кедрон и отишол на Маслинската Гора (Јован 18,1; Матеј 26,30) и тоа е местото каде што Јуда го предал да го уапсат.

_________________
* Цветници – христијански празник во спомен на влегувањето на Христос во Ерусалим; секогаш паѓа во недела по Лазаровата сабота.