11.1. Пророштвата за Месија

11.1. Пророштвата за Месија

Цели 1500 години Израелците ја населувале Ветената земја. Иако нивната среќа се менувала, постоело нешто што го обединувало народот и ја хранело неговата храброст – тоа била надежта за ветениот Месија. Всушност, оваа надеж постоела од почетокот на историјата.

Пред да бидат протерани од Едемската градина заради нивниот грев, Адам и Ева добиле ветување за Спасител кој ќе ја смачка главата на сатаната (1. Мојсеева 3,15). Јаков предвидел дека Шило (Shiloh – Кроткиот) ќе дојде од племето на Јуда

Кога Израел влегол во Ветената земја, Валаам бил инспириран да каже:

„Ѕвезда од Јаков се издига“ (4. Мојсеева 24,17).

Токму пред неговата смрт, Moјсеј напишал:

„Господ, твојот Бог, ќе ти дигне пророк од браќата твои, како мене – него слушајте го“ (5. Мојсеева 18,15).

Пророштвата за Месија

По нивното населување во Палестина, ваквите т.н. месијански пророштва станале многу специфични. Во пророштвото што било овековечено преку Хенделовиот „Месија“, Исаи­ја кажал:

„Зашто дете ни се роди – Син ни се даде; власта е на рамењата негови и ќе го наречат: Чудесен Советник, Бог силен, Отец вечен, Кнез на мирот“ (Исаија 9,6).

Михеј го кажал пророштвото за местото на неговото раѓање:

„Но ти, Витлееме Ефратов, иако си најмал меѓу илјадниците Јудејци, од тебе ќе ни излезе Оној, кој ќе владее во Израил и чие потекло е од почетокот, од вечноста“ (Михеј 5,2).

Захарија го предвидел неговото триумфално влегување во Ерусалим и неговото предавство за триесет сребреници:

„Ликувај од радост, ќерко Сионова, извикувај ќерко ерусалимска; ете, Царот твој се враќа кај тебе, праведен е и со победо­нос­на сила, кроток, седнат на магаре.“

„И тие ми определија плата триесет сребреници“ (Захарија 9,9; 11,12).

Царот Давид напишал неколку псалми кои еврејскиот народ секогаш ги нарекувал „Месијански псалми“. Преку нив, тој кажал:

„Глутница кучиња ме опколија, цела чета од злочинци се врти околу мене; ми ги прободеа рацете и нозете… ги разделија меѓу себе алиштата мои, за облеката моја ждрепка фрлија… Боже мој, Боже мој, зошто ме остави?“ (Псалм 22,16.18.1).

Исаија го прикажал неговото страдање:

„А Тој беше изнаранет за нашите гревови и мачен заради нашите беззаконија… Сите ние бевме заблудени како овци, секој си одеше по својот пат – и Господ ги натовари врз Него гревовите на сите нас. Тој беше измачуван, но страдаше доброволно и устата своја не ја отвораше; како јагне Тој беше одведен на колење и како што е овцата пред стрижачите свои безгласна, така и Тој не ја отвори устата своја… Му определија гроб со злодејци, но Тој беше погребан“ во гробот на богат човек (Исаија 53,5-7.9).

Помазаник

Зборот „Месија“ има еврејско потекло и значи „Помазаник“. Зборот „Христос“ е грчки збор кој се користи во Новиот завет и исто така значи „Помазаник“. Кога се родил Исус Христос, тој бил наречен Jошуа, што значи „Јахве (или Јехова) спасува“. Ова име спелувано на грчки е Iesous, а на македонски е Исус.

Пророкот Даниел го предвидел дури и точното време кога ќе се појави Помазаникот (Даниел 9,25). Ова пророштвото се однесува на неговото помазание, кога ја започнал својата служба на возраст од 30 години (Дела 10,37.38).

Датумот на раѓање на Месија

Ние не го знаеме точниот датум на раѓањето на Исус Христос. Знаеме дека Ирод починал во 4 или 5 година пред Христа, и дека тој бил човекот кој се обидел да го убие бебето Исус. Очигледно е дека Исус бил роден претходно.

Причината зошто тој бил роден „пред Христа“, се наоѓа во фактот што дури во 525 година по Христа папата Св. Јован I го задолжил италијанскиот свештеник Дионисиj Ексигус (Dionysius Exiguus) да направи нов календар, кој го поделил времето со датуми, пред и по Христа („Anno Domini“), (иако во нашиот јазик превладува секуларниот израз „пред нашата ера“ и „од нашата ера“). Во текот на работењето тој направил грешка во пресметувањата и кога оваа грешка била откриена веќе било премногу доцна за да се промени хронолошкиот систем. Така ние ја имаме оваа чудна аномалија дека Исус Христос бил роден во 4 или 5 година пр. н.е. Важно е да се обрне внимание дека меѓу првата година на старата и првата година на новата ера, не постои година со ознака 0 (нулта година).

Што се однесува на месецот и датумот на раѓањето на Исус, мала е веројатноста дека тој се родил на 25 декември. Пред сè, тоа е зимски период во Палестина, кога често има снег на земјата и најверојатно овчарите не ги паселе своите стада на пасиштата во такво годишно време. Како второ, 25 декември го славеле како датум на раѓање на сонцето. Бидејќи обожавањето на Митра се ширело многу интензивно во светот на Римјаните во првиот и во вториот век, многу луѓе кои се преобратиле во христијанството дошле од оваа религија. Бидејќи немало познат датум за раѓањето на Христа, ова се покажало како „прифатлива“ замена.