10.9. Поделено царство
Слика: преглед на изгледот на Соломоновиот храм
Меѓутоа, наклонетоста на Соломон кон луксуз претставувала многу голем товар за даночните обврзници. Затоа, по неговата смрт, востанието на десетте северни племиња под водство на Јеровоам го поделило царството на два дела – десетте племиња на Израел на север, а Јуда и Венјамин на југ.
Со цел да ги обесхрабри своите граѓани да одат во Ерусалим за да ги посетуваат храмовите за време на празниците, Јеровоам подигнал две златни телиња на кои требало да им се поклонуваат – на север во Дан и на југ во Ветил.
Ископувањата кај Дан во 1980 г. откриле извонредно засводена порта која потекнува од периодот на Хананците. Чудно е да се каже дека оваа порта со недопрен свод била сочувана благодарение на нејзината погрешна конструкција. Набргу по изградбата, влезот на портата бил затворен со земја и целата градба била закопана и станала централен дел од заштитниот бедем.
Сепак, подоцна целата област била закопана во текот на подоцнежните населувања и така портата останала сочувана. На западната страна од градот биле пронајдени скали што воделе до еден олтар. Овој олтар би можел да биде светилиштето на кое било обожавано златното теле. До овој олтар може да се пристапи единствено пеш, така што дури и царот морал да се симне од својот коњ и понизно да оди до местото на обожавање.
Северната престолнина
Во 880 г. пред Христа, Омри, царот на Израел, купил еден рид од некој човек Шемер, и на него изградил нов главен град. Го нарекол Самарија, според претходниот сопственик. Неговиот син Ахав се оженил со Језавела, ќерката на царот на Сидон (Sidon) во Феникија. Таа го вовела во Израел обожавањето на Вал. Пророкот Илија го осудил ова паганско обожавање и ги предизвикал пророците на Вал (или Баал) да се соочат со него на планината Кармил. Ова е еден планински венец што се протега од Хаифа на медитеранското крајбрежје преку 30 километри на југоисток. Не се знае каде точно се случил овој настан. Според библискиот извештај, пророците на Вал не успеале да создадат натприроден оган, додека како одговор на молитвата на Илија, се спуштил оган од небото и ја изгорел жртвата што ја принел. Пророците на Вал биле убиени и во Израел се случила голема верска преродба.
Добриот цар Ахав
Меѓутоа, Ахав бил моќен цар кој имал значајно влијание над околните народи. Во сојуз со Сирија и со некои други народи, водел успешна борба кај Каркар против асирскиот владетел Салманасар III. Од записите за Асирија знаеме дека оваа битка се случила во 853 година пред Христа, што ни овозможува доста прецизно да го одредиме времето на првите цареви на Израел.