10.8. Владеењето на Давид и Соломон
Фотографија горе: Вет-Сан
Владеењето на судиите и царевите
По смртта на Исус Навин со Израел владееле судиите Гедеон, Самсон и Самоил повеќе од триста години. Меѓутоа, тогаш луѓето посакале да бидат како околните народи и да имаат цар што ќе владее со нив. За прв цар бил назначен Саул, од Венијаминовото племе.
Саул бил добро граден маж кој цврсто го водел Израел во војните против Амонците и Филистејците, но не успеал да ги исполни божествените барања и на крајот бил отфрлен од Бога. Во битка со Филистејците, Саул и неговиот син Јонатан паднале на падините кај Гелвуја (Gilboa). Филистејците ги зеле нивните тела и ги закачиле на ѕидовите на Бетшан.
Универзитетот во Пенсилванија вршел ископувања на ова место од 1921 до 1933 година. Биле откриени осумнаесет нивоа со населби.
Денес градскиот ѕид и портата сè уште се наоѓаат таму.
Давид владее со Ерусалим
Царот Саул го наследил царот Давид од Јудиното племе. Тој владеел седум години во Хеврон, а потоа го освоил Ерусалим и го направил своја престолнина. Воениот заповедник на Давид, Јоав, успеал да го освои Ерусалим со тоа што се искачил во градот по Евусејскиот канал за вода. Искористувајќи ја оваа можност, успеал да ги победи бранителите. Неодамна го ископале овој канал и денес може да се види на источната страна на Ерусалим. Низ карпата Евусејците ископале дупка што се наоѓала на крајот на нивниот град и продолжиле да копаат надолу сè до изворот Гион (Gihon), од каде што истекувало обилно количество вода под Ерусалим, спуштајќи се надолу кон долината Кедрон.
Градот што го освоил Давид не се наоѓал на територијата на денешниот стар град Ерусалим, туку на гребенот што се подиздавал на југ и граничел со долината Кедрон на исток и долината Гехен на југ. Денес на тоа подрачје се наоѓаат арапски куќи, но на источната страна ископувањата откриле делови од градот во кои престојувал царот Давид. Биле отворени многубројни гробници изделкани во камената падина, а една од нив можеби била и гробница на царот Давид. Таканаречениот „Давидов гроб“ на денешната планина Сион (Zion) веројатно не е автентичен.
Славното владеeње на Соломон
Во 971 г. пред Христа, по четириесет години владеење, царот Давид бил наследен од неговиот син Соломон. Под водство на Соломон, Израел го постигнал врвот на својата слава кога станува збор за економски просперитет и политичка моќ.
Границите на Израел се протегале од Тадмор во пустината (денес идентификуван со Палмира во северна Сирија) до границите со Египет на југ. На запад Израел се граничел со Средоземното Море, а на исток неговата доминација се протегала до сириската пустина. Тоа било моќно царство. Израел бил вистинска империја.
Богатството во вид на данок се слевало во ризниците на Соломон. Најзначајно достигнување на царот било градењето на прекрасниот храм на планината Сион. Можеби камењата на овој храм пристигнале од каменолом, кој бил прокопан под северозападниот агол на денешниот стар град Ерусалим. Посетителите може сега да влезат во овој каменолом кој се протега до четиристотини метри под земја и да ги видат местата каде што биле исечени камените блокови од ѕидовите на каменоломот.
Сите камења ги сечеле и ги подготвувале во каменолом, што го објаснува тврдењето на 1. Царевите 6,7:
„Кога се градеше храмот, за градење се употребуваа готови изделкани камења, така што за време на градењето на храмот не се слушаше ни чекан, ни тесла, ниту некакво друго железно орудие“.
Царицата од Сава
Царицата од Сава го посетила Соломон за време на неговото владеење. Општо се претпоставува дека Сава се идентификува со Мариб во југозападна Арабија.
Американскиот археолог Вендел Филипс (Wendell Philips) ги ископувал урнатините на Мариб, но не нашол ништо што би ја идентификувало со Сава. Исус Христос ја нарекува „јужна царица“ (Матеј 12,42).
Ова навестува дека таа била царица на Египет, бидејќи изразот „јужен цар“ се однесува на царот на Египет (Даниел 11,2-9; да се види стихот 8). Еврејскиот историчар Јосиф Флавиј изјавува:
„Тогаш живееше една жена, царица на Египет и Етиопија… и кога оваа царица слушна за посебната вештина и мудроста на Соломон… дојде во Ерусалим“.