10.6. Излегувањето од Египет
Глад во Ханан
Додека Јосиф бил голем управник во Египет, настапила глад во хананската земја, така што Jаков и целото негово семејство отишле во Египет. Неговите потомци останале таму 215 години. Пред излегувањето од Египет, Израелците му служеле на фараонот како робови. Мојсеј можел да стане фараон, но, наместо тоа, избрал да го предводи својот народ, Израелците.
Излегувањето од Египет
Кога потомците на Израел, под водство на Moјсеј, масовно го напуштиле Египет, го поминале Црвеното Море, дошле на планината Синај каде што биле објавени Десетте заповеди, а потоа талкале низ синајската пустина цели четириесет години. Во тоа време мора да имало околу два милиони луѓе. Тие на чудесен начин секојдневно се хранеле со мана, која се појавувала на земјата секое утро за време на првите пет дена во седмицата.
Шестиот ден имало двојно количество, додека во седмиот ден, сабота, мана воопшто не се појавувала (1. Мојсеева 16,4.5). Правени се напори за да се објасни по природен пат сушењето на Црвеното Море и дневната појава на мана, но тие напори биле неубедливи. Затоа мора да заклучиме дека двете појави биле натприродни.
Законот даден на Синај
Локацијата на планината Синај не е прецизно опишана.
Главно се поистоветува со Џебел Муса (Jebel Musa) која има надморска височина од 2285 метри. Меѓутоа, овој планински врв нема рамнина во околината каде што луѓето би се собрале да го слушнат објавувањето на законот. Постои место преку Црвеното Море во Арабија, кое според сите детали одговара на Мојсеевиот опис.
Манастирот Св. Катерина
Блискиот планински врв, Рас ес-сафсафех (Ras es-safsafeh), има повеќе причини да се препорача како идентитет на планината Синај, бидејќи пред неговиот врв се наоѓа широка рамнина од каде што јасно се гледа самата планина. Исто така, биле предложени и други планини во северен Синај, во Јордан и Арабија.
Императорот Јустинијан во 527 година по Христа основал манастир во подножјето на планината во чест на Св. Катерина, христијанка маченичка, која била мачена на тркало и ў била отсечена главата во Александрија во 307 година од новата ера.
Минувањето преку Јордан
Кога Израелците дошле до реката Јордан виделе дека таа била надојдена од големи поплави. Меѓутоа, им било кажано да продолжат со движењето преку реката, зашто таа требало да се исуши пред нив. Кога стапалата на свештениците зачекориле во водата, реката се исушила и народот можел да го помине речното корито. Библискиот запис кажува:
„Водата, што течеше одозгора, запре и се претвори во карпа оддалечена на многу големо растојание, кај градот Адам“ (Исус Навин 3,16).
Некои сметаат дека ова било постигнато по природен пат. Градот Адам се идентификува со Тел ел-дамије (Tell el-damiyeh), што се наоѓа на 35 километри северно од Мртвото Море. Во овој дел Јордан поминува помеѓу два многу високи насипи. На ова место биле забележани неколку оштетувања од земјотреси. На осми декември 1267 година од н.е., паднал дел од ридот што гледал накај реката. Тој го заградил местото и шеснаесет часа немало вода во речното корито што било јужно од ова место. Слични случки се појавиле во 1546 и во 1906 година и повторно се случиле во 1927. како резултат на земјотрес. Чудото се состоело во тоа што случката настанала во истиот момент кога свештениците зачекориле во реката Јордан.
Уривањето на градот Ерихон
Првиот силен град што се спротивставил на Израелците бил Ерихон, многу стар град што бил населен речиси од почетокот на историјата. Според нашите сфаќања, тоа бил само мал град – 350 метри долг и 150 метри широк. Во тоа време градовите не биле големи, а Ерихон бил значаен и добро утврден град. Неговата мала зафатнина би го објаснила библискиот запис кој вели дека Исус Навин и неговата војска во еден ден марширале околу градот седум пати.
Тогаш „затрубија свештениците со трубите… сите заедно извикаа со висок и силен глас и сите градски ѕидишта паднаа… ги истребија сите во градот… а градот и сё што беше во него, го изгореа со оган“ (Исус Навин 6,19-24).
Од 1930 до 1936 година професорот Џон Гарстанг (John Garstang) го ископувал овој град и открил камени ѕидови што биле урнати нанадвор. Исто така, тој открил дебели слоеви од пепел, што упатувало на тоа дека градот бил целосно уништен во пожар. Тој забележал дека уништувањето се случило за време на доцниот бронзен период, што се совпаѓа со библискиот датум на освојувањето на Ерихон од страна на Исус Навин. Меѓутоа, од 1952 до 1957 г. ископувањата ги продолжила доктор Кетлин Кенон (Kathleen Kenyon) и открила дека пепелот и паднатите ѕидови се од крајот на раното бронзено доба.
Датирањето на освојувањето
Според Библијата, масовното излегување од Египет се случило 480 години пред изградбата на Соломоновиот храм (1. Царевите 6,1). Тоа значи дека излегувањето се случило во 1445 г. пред Христа, па според тоа, освојувањето на Ерихон се одиграло во 1405 г. пред Христа.
Според општоприфатената хронологија на Египет и Палестина ова би било во средината од доцниот бронзен период. Некои експерти сметаат дека хронологијата на Египет и Палестина треба повторно да се испита, бидејќи во тоа време Ерихон не бил населен. Според доктор Џон Бимсон (John Bimson) освојувањето на Ерихон се случило на крајот на средниот бронзен период и за ова има некои докази во ископувањата. Доктор Рудолф Коен (Rudolph Cohen), заменик директор на Израелскиот институт за антиквитети (Israel Antiquities Authority), го сместува масовното излегување на крајот на раниот бронзен период. Се разбира, ова би се совпаднало со паднатите ѕидови и слоевите од пепел што ги открил професорот Гарстанг (Garstang).
Во својата книга „Археологијата во Светата земја“ (“Archaeology in the Holy Land”), на 134 страна Кетлин Кенон пишува:
„Ѕидовите на Ерихон се урнале во раниот бронзен период. Последните ѕидови на Ерихон од раниот бронзен период биле градени набрзина, со користење на стари и искршени тули, и најверојатно не биле завршени пред да бидат уништени во пожарот. Внатрешниот дел на градот малку или воопшто не успеал да го преживее следното соголување на ѕидовите и градот најверојатно бил целосно уништен. Откритијата покажуваат дека имало целосно уривање и дека нов народ го зазел местото на старите жители. Секој град во Палестина што досега бил истражуван покажува дека исчезнал на ист начин. Новодојденците биле номади кои не биле заинтересирани за градскиот живот“.
Можеби новодојденците биле Израелците чиј живот во шатори во дивината ги направил да бидат незаинтересирани за живеење во град.