10.3. Вирсавеа – изворот на заклетва
Аврам се преселил подолу на југ и таму ископал длабок бунар. Го нарекол Вирсавеа или Бер Шеба (Beer Sheba), што значи „Бунар (извор) на заклетвата“, бидејќи направил договор со Авимелех, царот на Герар. Тој е откриен кај наоѓалиштето Тел ес-Себа (Tell es-Seba), околу пет километри северно од денешниот еврејски град Вирсавеа. Во 1969 г. Универзитетскиот институт за археологија на Тел Авив започнал со ископување на оваа локација. Меѓутоа, сфатиле дека градот што го откриле не потекнува од времето на Аврам. Неговите темели не биле поставени пред железната доба, што го сместува по 1200 г. пред Христа.
Меѓутоа, таму пронашле мошне длабок бунар и веројатно била потребна голема работна сила за да се ископа. Бунарот имал тркалезен отвор, околу два метри во дијаметар. Горниот дел е порабен со ред камења а остатокот е ископан во цврста карпа. Вкупната длабочина била околу четириесет метри. Археолозите пронашле показатели кои навестувале дека бунарот е постар од тврдините што ги откриле и заклучиле дека потекнувал од времето на најстарите Израелски доселеници. Нивниот извештај гласи:
„Откако утврдивме дека бунарот датира од времето на најстарите израелски населби, можевме да заклучиме, со разумна сигурност, дека овој бунар може да им се припише на патријарсите“.