10.2. Уништувањето на Содом и Гомора
Посетителите на Содом
Во меѓувреме Лот неразумно постапил кога се населил во градот Содом. Овој град станал толку неморален, што Бог го информирал Аврам дека ќе го уништи. Како последица на посредувањето на Аврам (види 1. Мојсеева 18,16-33) двајца ангели го посетиле Содом. На градската порта ги пресретнал Лот и, мислејќи дека се обични патници, ги поканил во својата куќа. Жителите на Содом забележале дека двајца убави луѓе влегле во домот на Лот, се собрале надвор и барале овие посетители да се изложат на хомосексуална злоупотреба. Затоа овој грев често се нарекува „содомија”. Нивното барање било одбиено и содомитите се разгневиле.
Уништувањето на Содом и Гомора
Тогаш ангелите го советувале Лот да го напушти градот со жената и двете ќерки.
„Спасувај ја душата своја“, му рекле ангелите, „и не обѕрнувај се назад, не запирај никаде во оваа долина!“ (1. Мојсеева 19,15-22).
„Тогаш излеа Господ врз Содом и Гомора дожд од сулфур и оган од небото“ (1. Мојсеева 19,24).
Сулфурот го има во изобилие во Мртвото Море. Владата на Израел извезува големи количини сулфур за трговски намени. „Огнот“ би можел да биде последица на вулканска ерупција. Сириската пустина не е многу далеку и таа е полна со огромни вулкански камења.
„Но жената Лотова, одејќи по него, погледна назад и се претвори во солен столб“ (1. Мојсеева 19,26).
На некои ова им изгледало како престрога казна, но можеби била само природна последица на она што се случувало. Како што ерупцијата на Везув ја уништила Помпеја, смртоносни гасови доаѓале од Содом и веројатно го следеле семејството што бегало. Жената на Лот можеби запрела доволно долго за овие гасови да ја стигнат и задушат. Не треба да замислуваме дека таа веднаш била претворена во купче сол. Денес има илјадници купишта сол во оваа долина. Сè што останува таму, ќе прими сол и други минерали и на крајот ќе заврши како „солен камен“.
Положбата на градовите Содом и Гомора не може да се утврди со сигурност. Неодамна археолозите ископале два стари града, Баб ед-Дра (Bab ed-Dhra) и Нумеира (Numeirah) кои се наоѓаат на југоисточниот брег на Мртвото Море. Откриле гробишта и пронашле дебел слој пепел, па заради ова некои мислат дека овие градови биле Содом и Гомора, но нема ништо што би можело со сигурност да ги идентификува.
Лот и неговите ќерки се населиле на околните падини и бидејќи биле изолирани од другите луѓе, ќерките се плашеле дека нема да можат да се омажат. На нив толку многу влијаела изопачената атмосфера во Содом што се случил инцест со нивниот татко. Едната ќерка му родила син и го нарекла Моав. Другата ќерка исто така му родила син, кој го нарекла Амон. Од овие луѓе потекнуваат Моавците и Амонците.