8.2. Потрага по богатство во Тел ел Макајар
Зигуратот Тел ел Макајар
А сега за миг да заборавиме на Ур Халдејски и да се спуштиме на југ од Ирак, каде што постои еден мошне интересен зигурат, кула-светилиште, познат меѓу локалното население како Тел ел Макајар (Tell el Maqayyar), што значи „Рид од смола“, наречен така поради тулите на кулата кои се меѓусебно споени со битумен или земјена смола. Тоа очигледно биле некои значајни градби, но што претставувало тоа? Кој град се наоѓал тука? Кој народ бил одговорен за ваквата голема градба? На овие прашања долго време немало одговор.
Во претходните текстови говоревме за ископувањата што ги вршеле Лејерд и Бота во северен Ирак каде што Асирците ги граделе своите градови. Кога крилестите бикови и други споменици стигнале до европските музеи, јавноста била восхитена и барала уште. Затоа Британскиот музеј во 1854 година доставил барање до Министерството за надворешни работи да испрати британски претставник во Ирак, кој ќе биде задолжен да трага по нови богатства кои ќе го красат музејот. Министерството го доставило тоа барање до британскиот конзул во Басра, на Џ. Е. Тејлор. Се разбира, овој добар човек не бил археолог, ниту пак имал искуство со ископувања, но бил лојален службеник во владата на Нејзиното Височество. Организирал карван од камили и магариња натоварени со копачи, лопати и прехранбени производи, и се упатил кон Тел ел Макајар. Најпосле, зар постои подобро место за ископување од познатиот „Рид од смола“?
Потрага по богатство
Кога пристигнал на осамениот пуст терен 150 километри на северозапад од Басра (сега во близина на Насирија), Тејлор извршил испитување на големиот зигурат. Внимателно удирал по тулите на ѕидовите, наслушувајќи го ехото од ударите и очекувајќи да открие дали има трага од некаква празнина. Но не успеал ништо да открие. Градбата била цврста како карпа од Гибралтар. Не губејќи надеж, бестрашниот и непоколеблив Тејлор ги натерал помошниците да започнат со работа на врвот на градбата. Тој сè уште бил убеден дека некаде во внатрешноста на овој огромен храм мора да има огромно богатство кое тој ќе го открие и гордо ќе го испрати во Лондон.
Арапските работници послушно ја започнале својата работа отстранувајќи ги тулите од нивното место и фрлајќи ги на земја. Врвот на овој величествен храм, кој ги издржал ударите на илјадници години топлина, ветар и песок, почнал да се предава на жестокиот напад на неукиот човечки род.
Но ако Тејлор очекувал да најде грациозни камени кипови или богови од злато, сигурно многу се разочарал.
По две години напорна работа, сè што можел да испрати во Лондон биле четири мали глинени цилиндри прекриени со мистериозни букви од клинесто писмо, кои неговите работници ги откриле во аглите на зигуратот.
Директорите на Британскиот музеј биле подеднакво разочарани. По спектакуларните откритија од Нинива и Корсабад, ова било многу помалку од она што го очекувале. Тие воопшто не ја сфатиле непроценливата вредност на пронајдоците на Тејлор.
Набонидовите цилиндри
Кога четирите цилиндри конечно биле преведени, се открило дека тие биле поставени во аглите на градбата како камен-темелници, од страна на Набонид (Nabonidus), последниот владетел на Вавилон, кој го обновил зигуратот.
Неговата мајка била свештеничка на богот на месечината, Нанар, во нејзиниот роден град Харан, па било природно што и Набонид го обожавал тоа божество. Бидејќи храмот во Тел ел Макајар бил посветен на богот на месечината, Нанар, и на неговата сопруга Нингал, Набонид се заинтересирал за реставрација на кулата. На цилиндарот тој му се обраќал на царот кој прв го подигнал овој зигурат. Името на тој цар, според Набонид, било Ур-Наму. Ур-Наму? Зар е можно името на царот да било Наму, а тој да бил владетел на Ур?
Помислата дека овде бил домот на големиот патријарх Аврам, била навистина возбудлива.