6.4. Сонот на Навуходоносор
Една вечер Навуходоносор имал убав сон. Бидејќи Вавилонците им придавале голема важност на соништата, царот бил сигурен дека неговиот сон е од огромно значење. Но имало еден проблем – не можел да се сети на содржината на сонот. Даниел во врска со тоа кажува:
„Во втората година од царувањето свое Навуходоносор сони сон, од кој духот му се вознемири и не можеше да спие. Па заповеда царот да ги повикаат гатачите и гледачите, маѓесниците и волшебниците за да му го протолкуваат сонот. Тие дојдоа и застанаа пред царот, и им рече царот: `Сонив сон и духот ми се вознемири – сакам да знам што значи тој сон`. Тогаш Халдејците му рекоа на царот: `Царе, да си жив довека, кажи им го на слугите својот сон и ние ќе ти објасниме што значи тој`. Одговори царот и им рече на Халдејците: `Сонот го заборавив; ако не ми го кажете сонот и што означува тој, ќе бидете исечени на парчиња и куќите ваши ќе бидат претворени во урнатини`“ (Книга на пророк Даниел 2,1-6).
Ние можеме да мислиме дека ваквата закана е мошне драстична и неразумна, но би требало да имаме предвид дека Вавилонците имале голема доверба во соништата и во нивните толкувања. Исто така, мудреците на царскиот дворец несомнено го навеле Навуходоносор безрезервно да верува во нивната способност за толкување на соништата. Неговата доверба одела до таму што тој навистина верувал дека тие го знаат неговиот сон и дека намерно ја кријат информацијата од него.
„Јас со сигурност знам дека вие само се обидувате да добиете повеќе време“, ги обвинил тој. Всушност, Навуходоносор се сомневал дека во сонот му било откриено нешто поволно и дека тие намерно одолговлекуваат со одговорот додека не помине тој значаен момент.
Заповедта на Навуходоносор
„Царот се разгневи и збесна многу поради тој одговор, па заповеда да ги истребат сите вавилонски советници“ (Даниел 2,12).
Оваа заповед за погубување, се разбира, ги вклучувала и Даниел и неговите другари, кои сега веќе биле вброени меѓу советниците во Вавилон. Кога Даниел сфатил што го очекува и која е причината за таквата казна, тој побарал да му дадат малку време и можност за да одговори на барањето на царот. Царот, кој бил заинтересиран единствено за значењето на неговиот сон, го одложил извршувањето на казната. Таа ноќ, четирите еврејски момчиња искрено го молеле својот Бог да им го открие сонот на царот. Нивните молитви биле услишени и следното утро Даниел побарал прием кај царот.
„Царот му рече на Даниел, кој беше преименуван во Валтазар:
’Можеш ли да ми го кажеш сонот што го видов и што значи тој?‘
Даниел му одговори на царот и рече:
‘Тајната за која прашува царот не можат да му ја откријат ни мудреците, ни маѓесниците, ни јасновидците, ни гледачите. Но на небесата има Бог, кој открива тајни; и Тој ќе му открие на царот Навуходоносор сè што ќе се збидне во последните денови. Ти царе, на леглото свое размислуваше за она што ќе се случи во иднина, и Оној кој открива тајни, ти покажа што ќе се случи’“.
Бог ја открива иднината
„Твоето видение, царе, беше вакво: ’Ете, некаков си голем, огромен лик… Главата на тој лик му беше од чисто злато, градите и рацете од сребро, додека стомакот и бедрата негови беа бакарни. Потколениците железни, а нозете делумно железни, делумно глинени. Додека го гледаше, еден камен се откачи од планината, удри во идолот, во неговите железно-глинени нозе и го скрши… А каменот што го разби идолот стана голема планина и ја исполни целата земја.
Ете, тоа е сонот, а сега да кажам пред царот и што означува тој… Ти си таа златна глава. По тебе ќе се крене друго царство, послабо од твоето, а и трето царство, бакарно, ќе владее над целата земја. А четвртото царство ќе биде цврсто како железо… А тоа што си ги видел нозете и прстите на нозете направени делумно од грнчарска глина и делумно од железо, тоа царство ќе биде разделено… и во деновите на тие царства небесниот Бог ќе подигне царство кое нема да се разруши никогаш’“ (Книга на пророк Даниел 2,30-45).
Царот не можел да не биде импресиониран. Фактот што Даниел бил во состојба да го протолкува сонот на царот, го убедил царот за божественото потекло на сонот и на неговото толкување.
„Тогаш царот Навуходоносор падна ничкум и се поклони пред Даниел, велејќи: ‘Навистина вашиот Бог е Бог над боговите, и Господар на царевите и кој открива тајни, штом ти можеше да ја откриеш оваа тајна’“ (Книга на пророк Даниел 2,46.47).
Непогрешливо исполнување на пророштвото
И со време се покажало дека предвидувањето било непогрешливо точно.
Во 539 година пред Христа, Медите и Персијците го освоиле Вавилон. Потоа тие биле поробени од Македонците под водство на Александар Велики, а по нив дошле Римјаните. Ова биле четирите големи империи на Блискиот Исток. Историчарот Едвард Гибон (Edward Gibbon) во книгата „Опаѓањето и пропаста на римската империја“ („Decline and Fall of the Roman Empire“), том III, напишал:
„Војските на Републиката, што понекогаш беа победени во битка, а секогаш победоносни во војна, напредуваа со брзи чекори до Еуфрат, Дунав, Рајна и до океанот; и ликовите од злато, сребро или бронза што служеа за да ги претстават народите и нивните цареви, беа успешно уништени од железната монархија на Рим”.
И, она што е значајно, немало петта империја. Рим не бил поразен од страна на одделен народ. Како што е претставено со десетте прсти од глина помешани со железо, Рим се распаднал поради варварските напади на Хуните, Остроготите, Франките, Англосаксонците, Алеманите, Свевите, Визиготите, Ломбардите, Херулите и Бургундите.
Оттогаш до денес, ниту една армија не ја освоила територијата на некогашен Рим.
Иако често имало други народи со железна сила, ниеден не бил во состојба да завладее со жезлото на Рим.
„Но тие нема да се слеат едно со друго како што железото не се меша со глината“ (Даниел 2,43).