5.6. Разорување и оживување на кралството
Хетитите го разоруваат Вавилон
Династијата на Хамураби продолжила во наредните пет генерации, но со инвазијата на Хeтитите, дошло до брз крај. Хетитскиот крал, Мурсилис, го уништил Вавилон и побегнал со златниот лик на Мардук, главното божество на Вавилон. Хeтитите, сепак, не биле во можност да владеат со Вавилон и наскоро се повлекле во нивните тврдини на планините во Анадолија. Празнината била пополнета со Каситите (Kassites), кои најверојатно се преселиле од областа на планините Загрос во Иран. Тие ја основале својата престолнина во Акакуф (Aqaquf), околу 20 километри западно од Багдад.
Денеска таму сè уште постои многу оштетена кула од некој зигурат. Владата на Ирак делумно го обновила најнискиот дел од оваа кула-храм.
Еламитите од југоисток биле следни на сцената и тие ги протерале Каситите во нивната планинска татковина. Најверојатно во тоа време столбот на Хамураби бил преместен во Шушан (или Суза), главниот град на Еламитите, бидејќи тука го нашле француските археолози во 1901 година.
Ново оживување на Асирија
Ѕвездата на Асирците сега се издигнувала на север. Во деветтиот век пред Христа Салманасар III го принудил Вавилон да плаќа данок, но иако бил потчинета нација, градот Вавилон бил сметан за значаен религиски центар. Тиглат-пилесер III, во 730 година пред Христа, изјавил дека тој „ги запленил рацете на Мардук“ и се прогласил за крал на Вавилон под името Пулу (библискиот цар Фул или Пул, 2. Книга за Царевите 15,19), притоа обединувајќи ги Асирија и Вавилон во единствено кралство.
Во тоа време, еден од вавилонските водачи бил Мардук-апал-идина (Marduk-apal-iddina), познат во Библијата како Меродах-Баладан (Книга на пророкот Исаија 39,1). Неговите астролози очевидно го забележале феноменот на враќање на сенката на сонцето за десет степени и слушнале дека тоа било поврзано со чудесното оздравување на царот Езекија од смртоносна болест (2. Книга за Царевите 20,1-12). Тој испратил делегација во Ерусалим со цел овој настан да се испита подетално и можеби да се обиде да го повика Езекија за сојузник во борбата против Асирија.
Меродах-Баладан рано станал самостоен цар на Вавилон, уште за време на владеењето на Саргон II којшто презел поход на Вавилон, но бил поразен. Дури во дванаесеттата година од своето владеење Саргон успеал да го победи Меродах-Баладан, кој бил принуден да побегне во Елам.