5.4. Првата Вавилонска кула

5.4. Првата Вавилонска кула

Миграција и расејување на народите

Некое време по потопот, Ное со своите потомци останал во околината на планината Арарат, но со текот на времето некои од нив одлучиле да заминат во подрачја со попријатна клима.

Еден библиски извештај го вели следното:

„По целата земја имаше еден јазик и исти зборови. А кога луѓето се селеле од исток, најдоа рамнина во земјата Сенаар и се населија таму. И си рекоа меѓу себе: `Ајде да правиме тули и на оган да ги печеме!` И користеа тули наместо камен и земјена смола наместо вар. Потоа рекоа: `Ајде да си соѕидаме град и кула, висока до небото`… И рече Господ: ’Ајде да слеземе и да им го збркаме нивниот јазик за да не се разбираат еден со друг што зборуваат!’ и така Господ ги растури оттаму по целата земја и престанаа да го ѕидаат градот. Затоа тој се нарече Вавилон“ (1. Мојсеева 11,1-9).

Зигуратот Борсипа во Бирс Нимрод

По традиција Вавилонската кула се наоѓала кај Бирс Нимрод (Birs Nimrod), околу 20 километри од Вавилон, или околу 100 километри јужно од Багдад. Оваа голема градба некогаш била зигурат (храм направен од глинени тули) или кула светилиште, и такви остатоци има стотина во Ирак и во Иран. Овој зигурат во древниот град Борсипа (Borsippa), некогаш бил 55 метри висок и се состоел од седум ката. Бил издигнат во мошне ран период.

Долго време потоа, околу 600 г. пред Христа, вавилонскиот цар Навуходоносор (или Набукодоносор) изградил кула на врвот и остатоци од оваа кула можат да се видат до ден-денес. Тулите на зигуратот биле споени со смола и на врвот голем број тули биле стопени заедно. Бидејќи тоа била највисоката кула што можела да се види на почетокот на христијанската ера, била наречена Вавилонска кула. Истопените тули на врвот се сметале како доказ за божественото незадоволство и затоа кулата била удрена од гром.

Зигуратот Борсипа во Бирс Нимрод

Првата Вавилонска кула

Меѓутоа, местото на кое по логика треба да се бара Вавилонската кула е во самиот Вавилон. Името Вавилон е преведено токму од истиот збор „Babel”, што значи збрка. Библијата го споменува „Нимрод, добар ловец пред Господа. Во почетокот неговото царство1 беше: Вавилон…” (1. Мојсеева 10,9.10). Според тоа, изгледа дека Вавилон бил првиот град во светот и дека кулата се наоѓала во овој град.

Всушност, најголемиот познат зигурат бил во Вавилон. Градбата била скоро 100 на 100 метри во основата и се издигала во височина од околу 100 метри. Стоела таму дури и кога Херодот го посетил градот во 5. век пред Христа и тој ја опишал со овие зборови:

„Храмот има четириаголна градба, четиристотини метри на секоја страна, со бронзени порти, и сè уште постои во мое време. Има цврста централна кула, квадрат од 200 метри, и еден друг квадрат кој е издигнат врз првиот, и потоа трет, и така натаму сè до осмиот. Сите осум кули може да се искачат по едно спирално патче коешто се наоѓа од надворешната страна, и на половина пат до горе има место за седење за тие што ќе се изморат од качувањето. На самиот врв на највисоката кула се наоѓа извонреден храм со голем удобен отоман, богато украсен и има златна маса покрај него. На олтарот нема никаков лик“ (Herodotus: The Histories, стр. 114).

 

Меѓутоа, под власта на Персијците, зигуратот се наоѓал во мошне лоша состојба, и кога Александар Велики се вратил во Вавилон по неговите победнички борби, тој предложил кулата да се обнови. За да се направи ова темелно, тој го расклопил тоа што останало од кулата и ги поставил тулите во близина. Но тој починал пред да се почне со обновувањето на кулата, па така првите христијани не го сметале Вавилон за град во којшто се наоѓала Вавилонската кула.

Меѓутоа, неодамна темелите биле ископани и посетителите на Вавилон денес можат да го видат најнискиот кат на оваа некогашна величествена кула. Но, бидејќи нивото на реката Еуфрат се зголемувало во изминатите илјадници години, тоа што останало од зигуратот делумно се наоѓа под вода.

Остатоци од древниот Вавилон и реконструкција на палатата во времето на Садам Хусеин