4.4. Археологот Хенри Остин Лејерд
Вестминстерската опатија во Лондон е место каде што се погребани великаните на Англија, но некои исклучителни личности сепак не стигнале до таму. Во непосредна близина се наоѓа црквата Света Маргарета и на еден од нејзините ѕидови стои изгравиран следниот натпис: „Ве молиме, спомнете си за Хенри Остин Лејерд (Henry Austin Layard), човекот кој ја откри Нинива“.
Ваквиот текст и не е баш нешто според кое Лејерд би сакал да биде запаметен. Неговиот татко бил член на парламентот, а како млад човек и Лејерд имал претензии за политичка служба. Можеби, ако среќата му била малку повеќе наклонета, тој ќе станел и премиер на Англија. Всушност, тој навистина станал успешен член на парламентот и бил назначен за заменик-секретар за надворешни работи во британската влада. Подоцна бил назначен за британски амбасадор во Мадрид, а потоа во Константинопол.
Меѓутоа, како младо момче, тој се подготвувал да стане адвокат, но татко му починал, па така иднината на младиот Лејерд била мошне несигурна. Неговата мајка била мошне загрижена, па кога Лејерд добил покана од вујко му во Цејлон да работи со него како адвокат, Лејерд прифатил. Токму тука неговиот живот тргнува во необична насока.
Во исто време, и еден негов пријател, Едвард Митфорд (Edward Mitford), бил назначен да работи во Цејлон, па двајцата решиле да патуваат заедно. Единствениот проблем бил што Митфорд не можел да поднесе патување со брод, а бидејќи во тоа време не можело да се патува со авион, тие решиле да патуваат по копно.
Преку Цејлон за Блискиот Исток
Тие најнапред тргнале со кочија, потоа со речен транспорт до Далмација, каде што завршувал јавниот превоз. Знаете, и тоа понекогаш се случува. Можеле да направат само едно, да купат коњи и да го продолжат патот со јавање. Тоа не било лесно за Лејерд, бидејќи тој никогаш порано не јавал на коњ, но се разбира, наскоро научил, па го продолжиле патувањето. Тоа било во 1839 година.
Митфорд имал 32 години, Лејерд имал 22, а нивните интереси биле сосема различни. Митфорд се интересирал за природата – за флората, животните и птиците. Лејерд се интересирал за историјата – за тврдини, замоци и за уметност. Но сепак добро се сложувале и стигнале до Константинопол каде што Лејерд се разболел од маларија и за малку ќе умрел. Докторот го означил пределот на неговиот стомак каде што требало да му стави пијавици. Пијавиците требало да му ја „извлечат лошата крв“. И покрај таквиот третман, Лејерд закрепнал и тие го продолжиле своето патување.
Во Петра
Кога стигнале до Ерусалим, Лејерд инсистирал да одат до изгубениот град, Петра, кој бил откриен во 1812 година. Митфорд бил попретпазлив и не сакал да се впушта во тоа, бидејќи подрачјето било мошне опасно, па Лејерд продолжил сам. Тој навистина се нашол два пати во животна опасност, а кога се вратил, Митфорд веќе бил заминат, зашто се изморил од чекање. Лејерд успеал да го стигне кај Алепо и тие заедно јавале до Мосул. Тука Лејерд за првпат ги здогледал ридовите на Кујунџик (Kuyunjik). Бил обземен од амбицијата да дознае што се крие под тие ридови.
Во Мосул останале две седмици, и тогаш Лејерд го запознал Тексие, кој го открил Хeтитскиот град Хатуша во Турција. Спуштајќи се со сплавови по реката Тигар, Лејерд ги здогледал урнатините кај Нимруд, па кај него повторно се разгорела желбата да открие што има под тие урнатини.
Престој на Блискиот Исток
Во Багдад останале доволно долго за да го научат персискиот јазик, а потоа одјавале до Хамадан во Персија, каде што конечно и се разделиле. Митфорд сакал да тргне по побезбедниот пат на север покрај Каспиското Море, а Лејерд сакал да тргне по поопасниот пат кон југ.
Лејерд никогаш не стигнал до Индија. Се приклучил на племето Бактиари во нивниот отпор против персиската влада, и останал со нив две години. Но, нивниот отпор не успеал, па Лејерд се вратил во Багдад, каде што британската амбасада го замолила да однесе неколку пораки до Константинопол. Во текот на патувањето, кај Мосул, тој се сретнал со францускиот конзул, Пол Емил Бота (Paul Emile Botta), кој исто така бил заинтересиран за ископините во Кујунџик. Подоцна Бота започнал таму со ископување, но не постигнал никаков успех.
Во Константинопол на Лејерд му била понудена работа во британската амбасада, која тој ја прифатил. Во меѓувреме, Бота ја преместил својата работа во Корсабад (Khorsabad) каде што постигнал огромен успех. Всушност, тој му напишал на Лејерд: „Дојди да се забавуваме малку со археолошки ископувања во Корсабад“. Лејерд не ја прифатил поканата, но успеал да го убеди британскиот амбасадор, Сер Стратфорд Канинг (Canning), дека не е во полза на Британците да им се дозволи на Французите да ги откријат сите крилести бикови. Канинг му дал на Лејерд свои приватни парични средства, па во 1843 година Лејерд се вратил во Мосул.
Ископувањата кај Нимруд
Лејерд започнал со ископување кај Нимруд и веднаш постигнал успех. Кога извонредните ископани релјефи и споменици пристигнале во Лондон, предизвикале огромен интерес. Ова е разбирливо ако се земе предвид дека во тоа време вкупната асирска колекција во Британскиот музеј била сместена во еден стаклен сад со големина од еден квадратен метар.
Можеби најважното откритие на Лејерд бил еден голем црн столб на кој е прикажан еден странски владетел кој му се поклонува и му оддава почит на асирски крал. Приближно во тоа време Сер Хенри Ролинсон (Henry Rawlinson) успеал да го дешифрира асирското клинесто писмо (овој возбудлив настан ќе го сретнете во делот за Персија) и кога овие двајца го прочитале натписот на столбот, биле восхитени што откриле дека асирскиот владетел бил Салманасар III (Shalmaneser III), а дека личноста која клечела пред него бил израелскиот цар Јеху (или Јуј). Ова било првпат името на еден библиски цар да се најде на споменик и тој сè уште е единствениот познат споменик на кој се прикажува ликот на еден израелски цар.
Во 1847 година Лејерд се вратил во Лондон каде што напишал многу популарна книга во два тома под наслов „Нинива и нејзините остатоци“ („Nineveh and its Remains“).
Сензационални откритија за асирската историја
Во 1849 година Лејерд се вратил назад во Мосул и овојпат добил дозвола да врши ископување кај Кујунџик. Тој постигнал успех кој, се чини, му бил недостижен на Бота. Успеал да се пробие до палатата на Сенахерим и да пронајде неколку огромни релјефи кои ја претставуваат асирската опсада на Лахис (Lachish). Оваа опсада е запишана во Библијата во 2. Книга за царевите 18 и 19 глава, а овде тој пронашол асирски слики за тој настан. За библиски ориентираното општество, ова претставувало сензационално откритие.
Лејерд ја открил и палатата на Асур-Бани-Пал, последниот голем крал на Асирија, а во оваа палата биле пронајдени околу 10 000 глинени плочки и фрагменти.
Во 1851 година Лејерд се вратил во Англија со намера да се вклучи во светот на политиката, но неговите откритија ја отвориле вратата за запознавање на историјата на големото асирско кралство.