4.2. Ебла на Тел Мардик
Сè до неодамна се сметало дека Саргон имал неприкосновена власт врз целиот Среден Исток, но тогаш била откриена Ебла.
Ова место се споменува на неколку глинени плочки, но секогаш се сметало дека Ебла е некое неважно село некаде во Месопотамија. Така било сè додека еден млад, дваесет и тригодишен истражувач, Пауло Матие (Paulo Matthiae), не отишол во Сирија да бара локација за ископување во име на Универзитетот од Рим. Тој се вратил со препорака дека треба да се работи на место оддалечено седумдесет километри јужно од Алепо, наречено Тел Мардик. Во 1964 година таму започнала со работа „Италијанската археолошка мисија во Сирија“.
Но, почетокот не бил спектакуларен. Близу до мирното, сонливо арапско село Мардик, кое имало само околу петстотини жители, се наоѓал еден голем рид од околу 56 хектари. Тоа било огромно наоѓалиште според стандардите на Средниот Исток, па поради неговата големина и ископувањето било потешко. Од каде да се почне со една ваква тешка задача? Работниците биле упорни во својата работа сè до 1968 година кога дошле до возбудливо откритие.
Пронашле една скршена статуа висока половина метар во својата природна големина, на која се наоѓал натпис долг дваесет и шест реда. Она што било возбудливо во врска со натписот било нешто што се чинело дека е име на крал: Ибит-Лим од Ебла. Ебла? Дали ова огромно наоѓалиште можеби е локацијата на древната Ебла?
Во ноември следната 1969 г. Матие стоел на главната железничка станица во Рим кога неочекувано сретнал еден свој стар пријател, Џовани Петинато (Giovanni Pettinato). Тој бил добар познавач на неосумерските трговски списи. Откако ги размениле првичните поздрави, Петинато го прашал: „Пауло, дали си открил некои текстови со клинесто писмо во последниве години?“
Пауло одговорил со загадочна насмевка: „Дојди вечер кај мене“.
На Петинато не му била потребна втора покана. Таа вечер ја пронашол куќата на Пауло, на „Виа Бреша“ бр. 25, и наскоро Петинато ги гледал фотографиите со натписот на статуата на Ибит-Лим. Петинато подоцна запишал: „Не може да се опише возбудата што ја почувствував додека со погледот ги поминував 26-те редови врежани во базалтниот камен на обезглавената статуа“. Тој потврдил дека зборот Ебла се појавува најмалку двапати во натписот. Наскоро Матие го назначил Петинато за официјален толкувач на записите од Ебла. Тоа била одлука за која подоцна се покајал.
Пронајдена библиотеката на Ебла
Поминале уште пет заморни години исполнети со напорно ископување пред следното спектакуларно откритие.
Тогаш, во август 1974 год, Петинато примил телеграма од Матие од Дамаск: „Пронајдена библиотека со 40 глинени плочки. Стоп. Те чекам во Сирија“.
Матие не морал долго да чека. На почетокот на септември Петинато пристигнал на аеродромот во Дамаск, каде што бил дочекан од Матие. Веднаш заминале во Тел Мардик и на Петинато му биле дадени глинените плочки. Тој молкум ги разгледувал една по една, а потоа погледнал во љубопитните лица на луѓето што биле собрани околу него полни со исчекување, и рекол: „Текстот, се чини одговара на месопотамско писмо, НО ЈАС НЕ РАЗБИРАМ НИТУ ЕДЕН ЗБОР“.
За миг сите биле стаписани. Пред нив стоел познат експерт за клинесто писмо, но тој не разбирал ниту збор од текстот што го гледал. А тогаш молкот прекинал и сите зачудени почнале да зборуваат во исто време. Сè било залудно. Иако зборовите што биле пред нив можеле да се прочитаат, не можеле да бидат преведени. Тие биле исто толку мистериозни како и натписот на ѕидот на палатата на Валтазар (Белшазар), но таму не бил Даниел „да го прочита напишаното и да им го протолкува“.
Не можеле ништо да направат. Петинато немал друг избор, освен да се врати во Рим со глинените плочки и да започне со интензивно проучување на овој очигледно нов јазик. На 23 април 1975 год., во текот на едно јавно предавање на Римскиот папски институт, Петинато објавил дека текстовите од Ебла биле напишани на јазик од северозападната семитска група јазици, поточно на стар ханански (канаански) јазик.
Ова претставувало сензационално откритие. Еден од неизбежните критичари со потсмев изјавил: „Петинато измислува нов јазик“. Но времето покажало дека тој не измислил нов јазик, туку напротив, успеал да идентификува еден стар јазик, всушност постар од сите оние за кои се сметало дека постојат. Значаен аспект бил фактот дека стручњаците гледале во нешто што веројатно претставувало јазик на кој биле пишувани најстарите библиски записи. Но тоа било само почеток на возбудливите откритија!
Огромната библиотека повторно е отворена
Неколку месеци подоцна Петинато примил уште една телеграма од Матие со која тој го известил дека е откриено ново наоѓалиште. Овој пат се пронајдени уште околу 1000 текстови и фрагменти. Петинато наскоро повторно заминал на терен. Вечерта на 30 септември истата година, додека Петинато бил наведнат над глинените плочки во една мала собичка, влегол еден задишан човек со порака дека на теренот на кој тој вршел ископувања, штотуку пронашол огромна количина на глинени плочки. Земајќи ја керозинската ламба, Петинато побрзал на местото и, ѕиркајќи низ отворот, здогледал цел куп големи правливи глинени плочки на кои имало разни знаци напишани со клинесто писмо.
Внимателно спуштајќи се на длабочина од осум метри, Петинато немо ги разгледувал правливите глинени плочки кои илјадници години лежеле тука недопрени. Со чувство на стравопочит, тој ја подигнал првата глинена плочка и на неа прочитал:
„Градот Арга е во рацете на кралот од Ебла; градот Ладаину е во рацете на кралот од Ебла“.
Кога Петинато ги превел зборовите запишани на статуата од Ибит-Лим и го идентификувал наоѓалиштето Мардик како Ебла, критичарите го нападнале. „Еден натпис не значи ништо“, мрмореле тие, „оваа статуа можеби била донесена од некое место оддалечено илјадници километри“. Се разбира, постоела таква можност, но сега веќе постоеле несоборливи докази.
Археолозите навистина ја откриле Ебла.
Кај Ебла биле пронајдени околу 20 000 глинени плочки и фрагменти и Петинато со восхит работел на нивниот превод. Почнале да се појавуваат и некои изненадувачки факти.