3.6. Од Палестина до Анадолија

3.6. Од Палестина до Анадолија

Според библиските извештаи, Хeтитите биле главно населени во Палестина во голем број, но или се преселиле или биле присилени да ја напуштат и да се населат во Анадолија. Веројатно бран доселеници дошол од северот и ги поразил Хeтитите пренесувајќи им го индоевропскиот јазик и култура, а притоа го прифатиле нивното име – Хeтити. Првиот владетел на овој нов народ бил Анита (Anittas), кој го освоил хетитскиот град Хатуша, сега наречен Богазкале и изговорил клетва на него. Клетвата не делувала баш најдобро, бидејќи по кратко време градот Хатуша бил повторно изграден и станал главен град на големото хeтитско кралство. Денес урнатините на Хатуша се наоѓаат во близина на селото Богазкале.

Владетелот кој ги соединил Хeтитите во еден консолидиран народ бил Лабарна (Labarnas). Тој станал легендарна фигура, па наредните кралеви го користеле неговото име како титула, како што египетските кралеви се нарекувале фараони. Еден подоцнежен владетел, Мурсилис I, ги водел своите војници во освојувања марширајќи сè до Вавилон (Бабилон), кој го ограбиле и ја изнеле златната статуа на богот Мардук.

Но, Супилулиумас I бил човекот што ги довел Хeтитите до врвот на нивната слава. Кралот потоа го изградил градот Хатуша и токму тој бил одговорен за натписот на каменот познат како Нишан Таш. Всушност, тоа е список на владетели и, се разбира, тука е ставен како последен владетел. Без двоумење, ова било направено со цел да се потврди неговото право на владеење и да се сочува споменот за него.

Супилулиумас ја развил својата војска во заканувачка воена машина со моќната сила на бојните коли. Ја воспоставил својата власт над земјите кои ние сега ги нарекуваме Турција и северна Сирија. Тој испратил порака со која му честита на Акенатон (Akhenaton) за неговото стапување на египетскиот престол.

Хетитска бојна кола

Поврзаноста со Египет

Во текот на походот на хетитскиот владетел Супилулиумас на Сирија, се случил драматичен инцидент. Во неговиот логор пристигнала египетска делегација со порака од Анкесенамен (Ankhesenamen), вдовицата на Тутанкамон. Пораката гласела вака: „Мојот сопруг почина и јас немам ниту еден син. Но за тебе велат дека имаш многу синови. Дај ми еден твој син, да биде мој сопруг, зашто ако земам некој од моите слуги да ми биде сопруг, како можам да го почитувам?“

Супилулиумас бил мошне изненаден од ова барање. Си мислел дека е ова премногу добро за да биде вистинито. Па затоа испратил делегација за да утврди дали е понудата вистинита или не. Делегацијата се вратила со порака дека е понудата вистинска и му била пренесена уште една порака од египетската кралица – хeтитскиот принц да биде испратен во Египет. Супилулиумас веќе не се двоумел и испратил еден од своите синови. Сепак, ова одолговлекување било фатално.

Во меѓувреме Ај ги присвоил и престолот и младата кралица. Хeтитскиот принц бил убиен пред да пристигне. Интригирачки е да се шпекулира како би течела историјата доколку Супилулиумас реагирал веднаш. Египет можел да стане провинција на хeтитското кралство, со хeтитски крал на престолот на Египет.

Судирот на Муваталис и Рамзес кај Кадеш

Сепак, било неизбежно да дојде до судир меѓу двете суперсили. Тоа се случило во деновите на владеењето на Муваталис (Muwatallis).

Негов противник бил Рамзес Велики од Египет. Овој судир всушност е познатата битка на Кадеш (Kadesh) кога Рамзес бил среќен што спасил жива глава. Неколку години подоцна тој требало да потпише пакт за мир со наследникот на Муваталис, Хатусилис III.

Хетитското кралство во заборав

Тогаш сонцето полека заоѓало над големото хeтитско кралство. Тудалијас (Tudhaliyas) IV бил последниот голем хeтитски крал. Тој бил посветен религиски реформатор и одговорен за камено-резбарските дела во Јазиликаја. На самиот влез бил изграден малечок храм од камен. Археолозите ги ископале и темелите на овој храм, кои и денес може да се видат.

Исто така постои и добро сочуван релјеф кој прикажува како Тудалијас му служи на својот бог. Религијата на Хeтитите била политеистичка и фигурите што се појавуваат на површината на камењата прикажуваат некои од нивните богови.

Меѓутоа, т.н. „поморски народи“ ги освоиле Хетитите и го зазеле хетитското кралство, така што речиси го избришале од сеќавањето. Имало тука и мали обиди на отпор, но и тие набргу исчезнале. Така Хeтитите биле изгубени и заборавени. Единствено Библијата ги сочувала податоците за овој голем народ сè до денешно време, кога Хетитите се повторно откриени и нивната историја реконструирана.

Тудалијас IV