2.10. Освојување и пад на Египетското кралство
Фараон освојувач
Основачот на 22-та династија бил Шошенк I (во Библијата претставен како Шишак), кој оставил голем релјефен запис на јужниот ѕид на храмот во Карнак, кој го прикажува него како ги победува непријателите и набројува стотина градови за кои тврди дека ги освоил; многу од тие градови се идентификувани како градови во Палестина. Меѓутоа, Ј. Б. Причард (J. B. Prichard) ваквиот список го смета за неисториски, а исто така и Питер Џејмс (Peter James) и Дејвид Рол (David Rohl) го оспоруваат неговото место во хронологијата. Древните еврејски списи ја бележат инвазијата на Шошенк врз Палестина. „На петтата година од Ровамовото царување египетскиот цар Шишак се крена против Ерусалим“ (1. Книга за царевите 14,25; 11,40; 2. Дневникот 12,2-9).
Потоа настапила Нубиската династија. Истакнат владетел на оваа династија бил Тирхака. Според Библијата, тој се обидел да подигне опсада против Асирците кои напредувале под водство на Сенахериб кај Лахис. Не само што Тирхака не успеал да се ослободи од притисокот на јудејскиот цар Езекија туку Асирците на крајот го освоиле и Египет. Есархадон ги освоил Мемфис и неговиот наследник, Асурбанипал, продолжил седумстотини километри на југ, ја освоил Теба и ја ограбил.
Битката кај Мегидо – падот на египетското кралство
Во 612 год. пред Христа Нинива била освоена и уништена од страна на Вавилонците. Египетскиот фараон Нехо II (библиски Нехаон), плашејќи се дека Египет ќе биде следен на удар на Вавилонците, со силна војска одмарширал на север кон Кархемиш. На тој пат, кај Мегидо, го пресретнал „добриот цар Јосија“ од Јуда. При таа средба една стрела го погодила Јосија и тој бил смртно ранет. Неговото тело било однесено назад во Ерусалим, каде што било погребано.
Битката кај Кархемиш
По погубувањето на царот Јосија, фараонот Нехо II продолжил кон Кархемиш и тука бил поразен од Вавилонците. Тоа бил почетокот на крајот на египетската слава.
Тоа го предвидел библискиот пророк Еремија: „Вака зборува Господ: ’Ете, ќе го предадам фараонот Вафриј, египетскиот цар, во рацете на неговите непријатели и во рацете на оние што му работат спроти главата’“ (Еремија 44,30).
Фараонот Вафри, познат меѓу историчарите како Априес, извршил блокада на Тир и ги поттикнал Евреите да се побунат против Вавилон; но како последица на тоа, го убиле неговите војници. Деновите на египетската слава веќе биле при крај. Израелските пророци ја предвидувале пропаста на Египет.
Езекил пророкувал:
„Господ Бог зборува вака: ’Ќе ги разурнам идолите и ќе ги истребам лажните богови во Мемфис, и не ќе има веќе кнезови во египетската земја… веќе никогаш нема да покори други народи’“ (Езекиел 30,13; 29,15).
Мошне смело пророштво. Како можел Езекил да знае дека Египет никогаш нема да ја врати својата моќ и нема да владее со други народи? Но токму така и се случило – пророштвото се исполнило.
Најпонижено царство
Во 525 г. пред Христа персискиот крал Камбис навлегол во Египет и останал таму три години, организирајќи ја персиската сатрапија (провинција). Додека политичката моќ на Персија слабеела, Египет се побунил, па така 30. династија веќе станала линија на исклучиво египетски кралеви. Но, под водство на персискиот владетел Артаксеркс III, Египет уште еднаш бил надвладеан и 31-та династија била негова. Египет никогаш повторно немал свој домашен владетел на престолот.
Александар Велики го окупирал Египет во 332 год. пред Христа без отпор. Него го наследил Птолемај кој потекнувал од линија на владетели, од кои последна била познатата Клеопатра VII. Потоа дошле Римјаните и конечно настапила муслиманската инвазија која ја донела исламската религија во Египет. Сега Египет е република. Статуите во Мемфис лежат искршени. Египет никогаш повторно нема да владее со народите. Од времето на Александар Велики до денес, ниту еден египетски владетел не седнал на престолот на Египет. Дури ни кралот Фарук не бил Египќанец, туку Албанец.
Посетителите денес можат да се восхитуваат на уметноста, амбицијата и раскошот што некогаш му припаѓале на древниот Египет, а кои можат да се видат од неговите споменици и натписи.