2.8. Рамзес Велики
Сети I бил наследен од својот син, Рамзес II, кој денес често се споменува како „Рамзес Велики“. Тој бил величествен поради многу причини. Најнапред владеел 67 години; второ, тој ја исполнил египетската земја со свои споменици, статуи и храмови, а трета работа која го направила уникатен е фактот што бил татко на повеќе од 50 синови и голем број ќерки. Во 1995 година професорот Кент Викс (Weeks) ја открил семејната гробница на синовите на Рамзес под патеката која води кон Долината на кралевите во Луксор.
Рамзес ја довршил масивната стилска сала во Карнак и изградил огромен храм познат како Рамазеум на западниот брег на реката Нил, кај Луксор. Тој наредил да се изделка храм од карпа во Абу Симбел, кој се наоѓа околу 550 километри јужно од Луксор. Кога била изградена браната во Асуан, овој величествен храм бил во опасност да биде поплавен при пораст на нивото на водата, па целата карпа била исечена на блокови и заедно со храмот повторно биле поставени на повисоко место (во текот на 1960-те), каде што биле сигурни од поплави.
Битката кај Кадеш
Рамзес II се борел само во една поголема битка и тоа против Хетитите кај Кадеш, но тоа максимално го искористил. Бројните релјефи и натписи на ѕидовите во Луксор, Карнак и Абу Симбел ја откриваат храброста што ја покажал во таа борба. Но, кога хетитската империја била идентификувана во поново време, експертите почнале да читаат меѓу редови во извештаите за битката и откриле дека Рамзес бил среќен што воопшто извлекол жива глава од таа битка. Тој потпишал мировен сојуз со хетитскиот крал Хатусилис, а овој договор бил запечатен со венчавка на столетието меѓу ќерката на хетитскиот крал и Рамзес Велики, кој несомнено бил среќен што може да додаде уште една жена во својот харем. Достапни се уште интересни материјали за Кадеш и битката кај Кадеш.