1.8. Пирамидите на Кафре и Менкауре
Пирамидата на Кафре
Синот на Куфу, Кафре (на грчки Кефрен), ја изградил следната голема пирамида. Таа била само три метри пониска од претходната, но бидејќи аголот е малку повисок, 52 степена и 20 минути наместо 51 степен и 52 минути, таа е 14,5 метри помала во основата. Тоа значи дека содржи помал волумен на камен. Оваа пирамида сè уште задржала на својот врв нешто од оригиналниот варовник со кој бил покриен поголемиот дел од пирамидите. Овој варовник „Тура“ бил многу посакуван од страна на локалните градители кои ги оголиле пирамидите за сопствени градежни потреби.
На исток од пирамидата на Кафре се наоѓа џиновската Сфинга. Го има ликот на Кафре и има тело на лав што клечи. Долга е 73 метри, а висока 20 метри. Телото било издлабено во цврст камен што бил таму на самото место, а нозете биле направени од тули.
Пирамидата на Менкауре
Менкауре (грчки Микерин) бил градител на третата и многу помала пирамида во групата пирамиди во Гизa. Оваа пирамида зафаќа помалку од четвртина од површината што ја зазема пирамидата на Куфу. Кога ја изградиле била висока 66 метри. Горниот дел бил прекриен со бел варовник Тура, но долните шеснаесет слоеви биле украсени со црвен гранит од Асуан. Некои од овие слоеви не биле измазнети, што го покажува методот што бил користен за градба на сите пирамиди. Целата фасада била оставана во сурова состојба, а потоа ја мазнеле од горе надолу. Од неизмазнетите слоеви може да се заклучи дека Менкауре умрел пред неговата пирамида да биде целосно завршена.