1.3. Верата како лично уверување
„…И во никој друг нема спасение: зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, преку кое би можеле да се спасиме.“
Дела на апостолите 4,11.12
Како втор син на првата човечка брачна двојка, Авел е роден скоро на самиот почеток од историјата на светот. Неговиот живот бил краток како здив. Херојски го загубил чувајќи ја верата во Бога и неговото ветување за доаѓањето на Спасителот. Авел бил првиот човек кој верата во Бога ја прифатил како свое лично уверување, стекнато а не наследено.
Една од причините за губење на верата во нашето време е мислењето дека верата во Бога може да премине од родителите на децата и од едно поколение на друго. Но тоа е најголема грешка! Секое ново поколение мора да ја прифати верата како пламен на животот, или, во спротивно, жарот на верата потполно ќе се угаси. Кога верата во Бога не би оживеала повторно во Адамовиот Син, Авел, нејзиниот пепел одамна би го разнеле ветриштата на заборавот. Авел прв го применил златното правило на лично истражување на Божјите ветувања под лозинката на Библијата: „Не гаснете го духот! Пророштвата не ги омаловажувајте! Сѐ испитувајте, за доброто држете се!“ (1. Солуњаните 5,19.20).
Верата во Бога не се наследува, туку се стекнува со истражување на Божјата реч. Она што некогаш било добро за нашите татковци, не мора да биде добро и за нас. Слабеењето на нашата вера често е последица на нашето настојување да живееме во износената облека на минатите генерации и да се грееме на згаснатиот жар од минатото наместо на живиот оган на сегашноста. Авел не се потпирал ниту на верата на своите родители ниту на верата на својот постар брат Каин. Неговата вера настанала со лично истражување на Божјата реч. Осведочен во Божјата правда, Авел „Со вера… преку неа тој доби сведоштво дека е праведен, бидејќи Бог посведочи на неговите дарови“ (Евреите 11,4).
Верата на Авела била жива вера во Бога како личност. За него Божјото ветување било стварност. Затоа „Со вера Авел Му принесе на Бога подобра жртва, отколку Каин“. Иако Каин се обидел да ја замолкне верата на Авела, не успеал во тоа, зашто „преку неа, иако мртов, тој уште зборува“ (Евреите 11,4).
Судирот меѓу првите браќа, пред вратата на Рајот бил судир меѓу вистинската и лажната вера, меѓу вистинското и лажното богослужение, кој не престанал ни до денеска. Во Христово време тој судир се продлабочил во толкава мера, што фарисеите, свештениците и книжевниците на јудејската религија со Божјиот Син постапиле како Каин со Авела. Религијата на фарисеите била религија на затворање на Божјото царство наместо отворање. Исус им рекол: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, затоа што го затворате царството небесно пред луѓето; оти, нити вие влегувате, ниту ги пуштате да влезат оние, што сакаат да влезат“ (Матеј 23,13).
Христос фарисеите ги споредил со Каина. Библијата ни дава доволно можности да ја споредуваме верата на Каина и Авела како две основни, но спротивни линии на вистинското и лажното богослужение. Каин и Авел уште од раѓањето имале исти можности и способности. Обајцата биле грешници и обајцата го признавале Божјето право на почитување и служба. Гледано однадвор, нивната религија била слична до извесна мера, но потоа разликата станувала сè поочигледна. Крајната оценка на каиновата вера и богослужение во животот на фарисеите Исус ја дал со зборовите: „Тешко вам, книжници и фарисеи, лицемери, оти… лицемерно долго се молите на Бога“ (Матеј 23, 14).
Адам и Ева на своите синови често им ја повторувале историјата на гревот. Никогаш не пропуштиле да го истакнат Божјето ветување за доаѓањето на Спасителот. Единствена нивна надеж била Божјето ветување дека од нивното потомство ќе биде роден Откупителот кој ќе ѝ стапне на „змијата“ на глава (1. Мојсеева 3,15). Кога Адам покајнички принесувал јагне од своето стадо пред вратата на Едем, им укажувал на сите членови на своето семејство на невината крв на Божјиот Син како единствено средство за откуп од гревот и смртта. Својата лична вера во жртвата на Откупителот Авел ја посведочил со принос „од првините на стадото свое“ (1. Мојсеева 4,4).
Принесувајќи првини од своето стадо, Авел го признавал Бога не само како дародавец на сите благослови, туку и како Откупител – Христос. Со пролевањето на крвта на невината жртва Авел исповедал вера во доаѓањето на Откупителот и признавал дека како на грешник му е потребна божествена милост и проштавање. Во жртвата на жртвеникот Авел со вера ја гледал Жртвата на Голгота, каде што сам Бог ќе се принесе заради неговото спасение. Но, додека Авел верувал, Каин се спротивставувал.
Наместо да покаже вера во Бога и во неговото ветување, Каин ја порекувал не само Божјата правда, туку и неговиот авторитет. Кога требало да даде доказ дека го прифаќа Божјиот план на спасението. Каин тоа горделиво го одбил. Наместо жртва од стадо, принесол градинарски плодови, газејќи ја со тоа Божјата наредба. На олтарот на Божјата милост наместо вера ставил свои дела. Така неговата послушност била само делумна. Затоа Бог „а на Каина и на неговите дарови не погледна милозливо“ (1. Мојсеева 4,5).
Каин се разгневил на Авела. Всушност, бил гневен што Бог не ги прифатил плодовите на неговиот труд што тој ги сметал за достојна замена за Жртвата што била ветена.
Кога жртвувал градинарски плодови, Каин всушност ѝ се спротивставил на основната библиска вистина за спасението со вера: „И во никој друг нема спасение: зашто под небото нема друго име дадено на луѓето, со кое би можеле да се спасиме“ (Дела на апостолите 4,11.12). Но замена за верата во Бога нема. Божјата наклоност не може да се добие со никакви приноси, туку само со вера.
Каин сакал да владее дури и со совеста на својот помлад брат. Неговото лажно богослужение не можело да ја облагороди ниту да ја измени неговата грешна природа. Наместо да го совлада својот гнев, „Каин скокна на Авела, братот свој, и го уби“ (1. Мојсеева 4,8). Но, пламенот на верата на Авела не можел да згасне. Тој сè уште гори и го осветлува не само минатото, туку и сегашноста и иднината.
Драги пријатели, секое поколение мора повторно да ја открие својата вера во Бога и секој поединец мора повторно и непрекинато да ја оживува, инаку таа ќе избледи и ќе исчезне. Од олтарот на минатото треба да го пренесеме огнот, а не пепелта!