11. Тајна сила во човековиот живот
Во 1929 година Френк Морис се качил на брод со желба да стигне во Швајцарија. Долго и со најубави желби го очекувал ова патување, но тоа се претворило во понижувачко искуство. Неговиот сопатник секоја вечер го заклучувал во кабината.
По појадокот, Френк можел кусо време да вежба, а потоа сопатникот го седнувал на маса на паробродот. Се чувствувал многу непријатно додека сопатникот го водел на прошетка по палубата како на синџир. Кога и да го повикал некој на прошетка, сопатникот се спротивставувал тврдејќи дека мора да го надгледува.
Френк бил возрасна личност, со желби и надежи карактеристични за просечни личности. Меѓутоа, бил слеп, а неговиот сопатник сметал дека тој не може да се грижи самиот за себе. Спрема Френк се однесувале како спрема пакет кој треба внимателно да се пренесува.
Но во Швајцарија животот на Френк се изменил од темел. За време на престојот слушнал за кучиња кои се обучени да бидат водачи на слепи лица. Френк во Америка се вратил со германски овчар, Бади, и го основал здружението „Око кое гледа“.
Френк можел да оди со Бади каде и да посака. Конечно, се чувствувал сосема слободен.
За време на една демонстрација во Њујорк пред група репортери, Бади успешно го водел својот господар преку улица со повеќе сообраќајни ленти додека прелетувале автомобили покрај нив. Френк сигурно ја преминувал улицата зашто му верувал на Бади. На задишаните и љубопитни репортери им било многу потешко, а еден од нив дури викнал и такси за да прејде на другата страна на улицата.
На овие неколку страници ќе го запознаеме Светиот Дух, кој сака да му го предадеме нашиот живот. Сите сме унесреќени со истата човечка природа, со истото слепило за она што е вистински вредно. Животот крај нас тече со толкава брзина што едвај успеваме да преживееме, наместо да чекориме во еден определен правец. Ние се колебаме својот живот целосно да му го препуштиме на божествениот Водач. Сè уште се обидуваме да ја преминеме улицата потпирајќи се на сопствените способности и искуства. Меѓутоа, откритието што го очекува секој од нас е остварување на вистинската слобода во Светиот Дух.
1. Христовиот заменик на Земјата
Кога Исус требало да се вознесе на Небото, учениците се загрижиле размислувајќи за заминувањето на својот Господ. Исус затоа им ветил дека ќе им испрати Советник и Водач:
Во согласност со божественото провидение, Исус требало да се врати на Небото како наш Застапник пред Престолот за да „се јави сега пред Божјото лице за нас“ (Евреите 9,24). Меѓутоа, верниците, на некој начин, можат да ги имаат и двете. Додека нашиот распнат Господ нè застапува на Небото, дотогаш на Земјата го имаме Светиот Дух, Исусовиот непосреден Заменик од Небото.
Додека служел во човечко тело, Христос не можел да биде присутен насекаде. Светиот Дух нема телесни ограничувања и затоа може да служи како личен водач на неограничен број поединци. Христос ги исполнува нашите потреби преку Светиот Дух.
2. Кој е Светиот Дух?
Повеќето од нас можат да го сфатат Бог Отецот ако Го замислат како најгрижлив родител што го познаваат. Можеме да го замислиме Божјиот Син Исус, бидејќи Тој живеел со нас како личност. Меѓутоа, потешко е да се замисли и разбере Светиот Дух, зашто во човечкото искуство нема соодветна споредба. Библијата, сепак, дава определени известувања за Него.
Личност. Исус зборува за Светиот Дух како личност, член на божественото Тројство во божествена заедница со Бог Отецот и Бог Синот.
Библијата нагласува дека Духот има обележја на личност: ум (Римјаните 8, 27); мудрост (1. Коринќаните 2,10); љубов кон нас (Римјаните 15,30); чувство на тага кога ќе згрешиме (Ефесјаните 4, 30); способност за подучување (Неемија 9,20) и сила да нè води (Дела на апостолите 16,6-7).
Вклучен во создавањето. Светиот Дух учествувал во создавањето на нашиот свет, заедно со Таткото и Синот.
3. Дејствувањето на Светиот Дух
1. Го менува човековото срце.
Светото писмо го опишува дејствувањето на Светиот Дух со изрази со кои се опишува дејствувањето на една личност. Очигледно е дека Тој го познава секого поединечно и дека врши силно влијание врз него. Кога се сретнал со Никодима, Исус ја нагласил улогата на Светиот Дух во менувањето на човечкото срце.
Божјиот Дух пред создавањето се „движел над водите“, а сега е присутен во нас и влијае на нашето обновување. Да се биде „роден од Светиот Дух“ значи да се прифати новиот почеток што го дава Духот. Тоа е повеќе од приспособување на нашето однесување. Духот целосно нè менува исполнувајќи го ветувањето: „Ќе ви дадам ново срце…“ (Езекиел 36,26).
2. Прави да бидеме свесни за своите гревови и во нас создава желба за светост.
Кој ги поттикнува луѓето да ги признаат своите гревови и да се покаат?
Без силата на Светиот Дух не можеме да ги разбереме разорните последици на своето однесување. Во светот преполн со грешни поединци, понекогаш е тешко да се процени што е „добро“ а што „здраво“.
Меѓутоа, Духот прави да го препознаеме вистинскиот „добар живот“ што Бог им го наменил на своите деца. Кога ќе слушнете потресна приказна за наркоман кој е ослободен во Христа, или за некој кој од разблуден живот се враќа кај Бога и станува верен брачен другар и грижлив родител, не заборавајте дека секој чекор кон совршенството е израз на дејствувањето на Светиот Дух.
3. Нè води во нашиот христијански живот.
Светиот Дух дејствува тивко и ненаметливо:
Бог ни зборува непосредно, со тивкиот глас на Светиот Дух додека чекориме по обиколен пат или кога нашиот поглед го насочува кон конечната цел.
Духот може да ги пренесува најдлабоките тајни на вселената. Тој нè упатува во „сета вистина“. Тој ги отвора нашите очи за возвишените духовни вредности преку кои многу лесно преминуваме.
Нашите телевизиски приемници преку сателитите редовно ги добиваат и во нашите станови ги внесуваат сликите и лицата од други континенти. Светиот Дух дејствува како Божји сателит ширејќи ја Христовата присутност на Земјата, правејќи така да биде поблиску до нас секогаш кога е најпотребен. Затоа Исус можел да вети: „Ќе дојдам кај вас“.
Ни помага додека се молиме.
Светиот Дух помага пораките од Земјата да стигнат на Небото:
Духот се моли додека ние се молиме! Додека се мачиме да ги најдеме вистинските зборови, Тој се моли течно. Кога сме обесхрабрени, можеби само воздивнуваме пред Бога, но нашиот слаб повик Духот го претвора во силна посредничка молитва пред светиот Божји престол!
4. Ги развива христијанските особини и карактер.
Духот прави душевно опустошените поединци да станат плодни како дрво кое раѓа разновидни добри плодови:
Здравата религија се препознава по плодовите. Таа не е обред, туку вистинска љубов, длабока радост и мир. Плодовите на Духот покажуваат дека сме накалемени на вистинската лозова пенушка, на Исуса Христа.
Исус Христос може да нè воведе во својот живот на изобилство со дејствувањето на Светиот Дух.
6. Нè подготвува за сведочење.
Исус им ветува на сите кои ќе Му се предадат како Спасител и Господ:
Можеби не ги знаеме одговорите на сите прашања, можеби не ги знаеме сите библиски стихови наизуст, но Светиот Дух може да нè научи како да го придвижиме срцето и умот на луѓето, на секој кој сака Духот да го направи Христов сведок. Пред денот Педесетница апостолите имале тешкотии во меѓусебните односи. Но кога Духот слегол меѓу нив, го објавувале Христа толку влијателно што „го превртеа наопаку целиот свет“ (Дела на апостолите 17,6).
4. Даровите на Духот
Светото писмо ја нагласува разликата меѓу дарот на Светиот Дух, кој му го дава Тој на секој верник за да може да живее победнички живот, и различните духовни дарови подарени на верниците за делотворна служба.
Апостол Павле јасно вели дека секој христијанин не ги добива сите дарови. Поединци добиваат различни дарови, но некои се обдарени со дарови кои се повидливи од други зашто Духот „разделува секому како што сака“ (1. Коринќаните 12,11). Меѓутоа, Духот го оспособува секој верник за посебна лична улога во Божјето провидение. Втората листа на Павле за духовните дарови се наоѓа во 1. Коринќаните, 12 глава. Оваа листа на духовни дарови опфаќа мудрост, знаење, вера, исцелување и пророштво и прави разлика меѓу оние што зборуваат на различни јазици и оние кои ги толкуваат или преведуваат јазици (8-10). Поединци во црквата во Коринт учеле дека дарот за јазици е поважен од сите дарови, а тоа довело до поделба во Црквата. Затоа апостол Павле ја напишал дванаесеттата глава за да разјасни дека Духот со своите дарови сака да ја обедини и урамнотежи Црквата, и дека една објава на Духот никогаш не треба да ги исклучи или подреди другите.
Што е поважно – даровите на Духот или плодовите на Духот? Да дозволиме да одговори апостол Павле:
Поглавјето за љубовта (1. Коринќаните 13), кое следува по овој стих, нагласува дека „највозвишениот пат“ е патот на љубовта. Љубовта е првиот плод на Духот (Галатјаните 5,22).
Наше е да ги бараме плодовите на Духот, а потоа да му дозволиме на Духот да ни ги раздели своите дарови „како што сака“ (1. Коринќаните 12,11). Црквата никогаш нема да биде целосна без даровите на Духот, но нема да биде ни зајакната со имитирање на она што Духот спонтано го создава. Бог знае кога и каде треба да ги дава даровите, кои на најдобар начин ќе го благословат Неговиот народ и Црквата.
„Додека сите не дојдеме до единството на верата и на познавањето на Божјиот Син, до совршениот човек, до полната мерка на Христовиот раст“ (Ефесјаните 4,13).
5. Излевање на Светиот Дух на денот Педесетница
На денот Педесетница, Светиот Дух се излеал во бескраен размер исполнувајќи го така Христовото поранешно ветување:
Светиот Дух при Христовото крштавање зел лик на гулаб. За време на празникот Педесетница, Тој се појавил во облик на „огнени јазици“ (Дела на апостолите 2,3). Во таа пригода Духот ги оспособил апостолите да можат слободно да го проповедаат Евангелието на мноштвото, кое се собрало од повеќе од дваесет земји.
Библијата го споредува доаѓањето на Духот со врнење на раноесенски и доцнопролетен дожд во Палестина.
Раната есен во Палестина донесува дождови кои го омекнуваат и наводнуваат семето, така што никулците почнуваат да се пробиваат од земјата. Духот, кој се излеал на денот Педесетница, бил како ран есенски дожд. Педесетница ја наводенила Речта која Исус ја посеал за време на својата служба, а учениците направиле мноштвото нови никулци на верата да пробијат кога почнале да го разнесуваат Евангелието на целиот свет. Овој „есенски дожд“ на Духот ѝ дал животно важна храна на младата Христијанска црква и елан за сеењето на семето на спасението (Јоил 2,23).
6. Доцниот дожд
Минале столетија, а Евангелието се проширило низ светот. Сега е време „пролетниот дожд“ или „доцниот дожд“ да придонесе за зреењето на житото за жетва.
Библиските пророштва говорат за денот кога Божјиот Дух ќе се излее како дожд на Црквата:
Додека текот на историјата се ближи кон својот врв и се гледаат последните знаци пред Христовото второ доаѓање, Бог, со големо излевање на Духот, ќе го подготви секој искрен верник за на Небо. Дали сега примате ран дожд, кој ќе ве подготви за доцно излевање на Духот? Дали сте уште денес исполнети со Духот? Дали тој ве зајакнал? Дали ќе дозволите Бог да ве употреби за да ја проповедате веста за Неговата чудесна љубов и скоро враќање?
7. Услови за примање на Светиот Дух
За време на Педесетница, Светиот Дух ги поттикнал срцата на оние кои го слушнале евангелскиот повик: „Што да правиме?“ (Дела на апостолите 2,37)
Апостол Петар нагласил дека покајанието е напуштање на грешниот начин на живот и прифаќањето на Исус е услов за примање на дарот на Духот.
Духот веќе дејствува во нас и нè води кон одлука; Тој нè учи за Божјата добрина и ја зацврстува желбата да го оставиме гревот (Римјаните 2,4). Тој е вклучен и во делото на обратувањето (Дела на апостолите 3,19). Апостол Петар нагласува дека, ако сакаме Духот да сее излее на нас, прво мораме да се покаеме и да го предадеме својот живот на Христа, како што тоа најцелосно го прикажува крштавањето.
Исус ја искажал истата вистина на малку поинаков начин. Тој нагласил дека на примањето на дарот на Светиот Дух, му претходи готовноста да Го следиме и да Му бидеме послушни:
Оној што го бара и го очекува дарот на Светиот Дух, а продолжува да живее во грев, само се залажува. Лошиот дух ги имитира некои од особините на Светиот Дух и така ги наведува поединците на заклучок дека „Божјиот Дар“ го дозволува нивното неморално однесување.
8. Живот исполнет со Духот
Светиот Дух го прави животот на христијанинот убав и целосен, и таквиот начин на живот го исполнува идеалот што го поставил Христос.
Пред да го напушти овој свет, Исус вака ги подучил своите ученици:
Зборот крштавање значи нурнување или потопување. Христијаните треба да ја признаат својата вера во Христа со нурнување во вода, со крштавање. Додека се крштаваат во вода, тие треба да се крстат или да се нурнат во Светиот Дух.
Исус вака му рекол на Никодим:
Светото писмо секогаш одново нагласува дека христијанинот мора да биде исполнет со Светиот Дух (Дела на апостолите 2,4-5; 4,8; 4,31; 6,3; 6,5; 7,55; 9,17; 13,9; 13,52; 19,6). Опишувајќи го животот на христијанинот исполнет со Духот, апостол Павле ја искажал следната молитва за сите верници:
Животот исполнет со Духот е пат кој води кон вистинска слобода. Водени од Светиот Дух, можеме да направиме многу повеќе отколку со својата сила и искуство. Ќе откриеме нови стремежи и нови способности во себеси. Ќе можеме сигурно да напредуваме наместо само да се бориме со тешкотиите и животните проблеми.
Ова искуство на примање на Духот се обновува секој ден додека се молиме и ја проучуваме Библијата. Тоа се најважните алатки кои Духот ги употребува да ни помогне да раснеме (за тоа ќе зборуваме повеќе во лекциите 14. и 15.). Молитвата нè приближува до Христа, а Речта Божја упатува на помошта од Светиот Дух. Така почнуваме да се ослободуваме од лошите навики и ставови и да прифаќаме добри особини.
Животот исполнет со Духот е дар за секој верник. Сите можеме да успееме во христијанскиот живот, напредувајќи во согласност со даровите што ни ги дава Бог. Апостол Павле, во Римјаните 8. глава, на возбудлив начин го опишува животот исполнет со Духот. Кога ќе ви се пружи можност, прочитајте ја оваа глава и обрнете внимание на тоа колку пати Павле го истакнува Светиот Дух како решавачка сила во христијанскиот живот.
Дали сте откриле дека вашиот живот е исполнет со Светиот Дух? Дали сте свесни за присуството на Духот во својот живот? Дали сте го доживеале дејствувањето на Неговата животворна сила? Направете сè што можете за да ги отстраните пречките кои постојат меѓу вас и Исуса Христа, оние кои би можеле да го попречат излевањето на Неговите дарови што се со непроценлива вредност. Дозволете најголемата сила во вселената да влезе во вашиот живот.
„Драг Татко, Дарител на секое добро и на вечните дарови, Ти благодарам за ветениот дар на Светиот Дух. Го молам Исуса да дојде да живее во мене и да ме исполни со Светиот Дух. Ослободи ме од моите лоши навики и зајакни ги во мене своите божествени особини. Поведи го мојот живот, направи Христос да го надгледува, а Светиот Дух да го јакне. Те молам за ова во името на Исус. Амин.“