8. Пронајдете го мирот

8. Пронајдете го мирот

Совршено злосторство

Оваа приказна беше голема вест во целиот свет. Во едно доцнопролетно попладне во 1924 година, на периферијата на Чикаго, 14-годишниот Боби Френкс се враќал дома од училиште кога запрел сив автомобил покрај патот, па двајца мажи го намамиле момчето внатре. Го однеле до оддалечено место, каде што го претепале до смрт. Патем запреле во некој ресторан, ручале, а потоа телото го фрлиле во отвор покрај железничката пруга.

Тоа што ова злосторство го направило толку познато биле личностите кои го сториле ова дело. Осумнаесетгодишниот Ричард Леб потекнувал од едно од најбогатите семејства во Чикаго, син на пензионираниот потпретседател на познатиот синџир продавници „Sears and roebuck“. Деветнаесетгодишниот Нејтан Леополд, син на милионерот, на производителот на картонски кутии, кој имал коефициент на интелигенција на генијалец, студирал право на Чикашкиот универзитет, а планирал и студии на Харвард.

Што ги навело овие две момчиња да сторат нешто толку страшно? Иако имало многу фактори, изгледа сакале да извршат совршено злосторство – едноставно да го извршат и ништо повеќе.

Меѓутоа, нивното „совршено злосторство“ набрзо е обелоденето кога еден работник се препнал од телото и во близина ги открил очилата со коскени рамки што му припаѓале на Нејтан Леополд. Една трага водела кон друга, и овие момчиња на крајот признале сè, а тоа довело до судење на векот, во кое ги застапувал познатиот адвокат Кларенс Дароу.

Дароу тврдел – работејќи на тоа да ги спаси од смртна казна – дека тие биле само производ на нивното опкружување; патем, Нејтан Леополд бил следбеник на германскиот филозоф Фридрих Ниче, што помогнало да се разјасни зошто тој го сторил тоа.

„Ниче ме наведе да го сторам тоа“

Тоа не е единствен пат името на Фридрих Ниче да биде наведено како објаснување зошто момчињата сториле ужасен чин на убиство и нанесување на тешки телесни повреди. По масакрот во училиштето во Колумбајна во американската сојузна држава Колорадо во 1999 година, Ниче повторно е наведен како инспиратор на двајца убијци.

Во 2011 година дваесет и двегодишниот Џаред Ли Лафнер отворил оган на политички собир во Аризона, убивајќи шестмина и ранувајќи четиринаесет лица, вклучувајќи и една членка на американскиот Конгрес. Исто така, се покажало дека и тој бил под влијание на Фридрих Ниче.

Што е тоа што Ниче, кој умрел уште во 1900 година, го поврзувале со сè и сешто – со фашизмот, со социјализмот, па дури и со Мерлин Менсон? Во секој случај, треба да се признае дека Ниче е доведуван во врска со многу работи што него самиот воопшто не го интересирале.

Фридрих Ниче

„Бог е мртов“

Секако, Ниче е најпознат по својата често цитирана, но и често погрешно толкувана изјава дека Бог е мртов. Тоа едноставно бил негов начин да каже, на почетокот на 20. век, дека човештвото во голема мера не само што ја отфрлило христијанската теологија туку и христијанскиот морал. Рекол: „Нема над нас ништо од онаа страна. Мораме сами да го пронајдеме својот пат, да создадеме свој личен морал и сопствен систем на вредности, зашто Бог е мртов“.

Понекогаш, кој не почувствувал дека, навистина, „Бог е мртов“? Во најмрачните моменти, кога целиот свет изгледа наопаку, кога и сопствениот живот ви изгледа погрешен, кога во потрагата по мирот чувствувате само вина – кој во тие моменти не се запрашал дали е Бог мртов?

Лавот кој рика

Оваа лекција, секако, оди целосно во друга насока. Далеку од тоа дека Бог е мртов; ние цврсто веруваме дека Тој е стварен, дека е жив, и дека е активно вклучен во судбината на човештвото. Уште повеќе, веруваме во неговите познати зборови според кои, наместо да биде мртов, Тој е жив и Тој е љубов (1. Јованово 4,8).

Ние веруваме дека оваа љубов посебно ни се открила на крстот, на кој Исус Христос умрел за гревовите на човештвото. Веруваме дека преку оваа жртва имаме надеж дека злото, страдањето и смртта на овој свет – за кои Тој не е виновен – ќе бидат искоренети засекогаш.

Ова е радосната вест на спасението. Она што радосната вест ја прави уште подобра е што таа ја изразува Божјата намера зачната пред создавањето на светот. Според овој план, Исус на секој поединец му нуди спасение. Тоа не значи дека секој тоа и ќе го избере – Тој го почитува нашиот избор. Тоа само значи дека Бог овозможил секој да го добие она што ќе го избере.

За жал, како што проучувавме, ние сме вклучени во големата борба, буквалната борба меѓу Христа и сатаната, борба во која сатаната повеќе од сè сака да нè измами, сака да нè задржи подалеку од спасението кое Христос му го нуди на секој од нас.

„Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта“ (1. Петрово 5,8).

Изгледа сатаната успеал да го обземе Фридрих Ниче, кој умрел целосно психички растроен. Меѓутоа, не мора да биде така и со нас, и нема да биде ако избереме да го прифатиме она што ни е понудено во Христа од почетокот на светот.

Библијата го споредува ѓаволот со лав кој ја бара својата жртва „…ѓаволот.. како лав што рика и бара некого да проголта.“

Пред сиот свет

Што е тоа „понудено во Христа од почетокот на светот“?

„Нека биде благословен Бог и Отецот на нашиот Господ Исус Христос, кој нè благослови со секаков духовен благослов од небесата во Христос. Така што и нè избра преку Него, уште пред светот да биде создаден, за да бидеме свети и непорочни пред Него во љубовта“ (Ефесјаните 1,3-4).

Избрани во него, дури и пред светот да биде создаден? Тоа е многу радосна вест!

Погледнете го ова:

„Павле, слуга Божји и апостол на Исус Христос за верата на Божјите избраници и за спознавање на вистината по побожноста, со надеж за вечниот живот, што пред вечни времиња го вети Бог, кој не лаже“ (Tит 1,1-2).

„Пред светот да биде создаден“ е повеќе од доволно. Меѓутоа, Павле оди и понатаму: вечниот живот ни е ветен пред создавањето на светот. Кога точно било тоа, никој не знае. Можеме сепак да бидеме сигурни во едно – тоа било одамна пред постоењето на планетата Земја.

Значи, прекрасната вест гласи дека, многу пред да се родиме, Божјиот план за нас бил да имаме спасение во Христа.

Предодредени?

Меѓутоа, ова прекрасно ветување не треба да се помеша со лажниот концепт на универзализмот, кој учи дека на крајот секое човечко суштество ќе биде спасено. Библијата многу јасно кажува дека некои луѓе ќе бидат загубени. Видете ги примерите во Матеј 7,22; 8,12 и 2. Петар 3,7 – а ги има уште многу повеќе.

Ова учење не треба да се помеша ни со популарното гледиште за предодреденост (предестинација), кое учи дека Бог бира кој ќе биде спасен, а кој загубен. Не, туку секое човечко суштество ќе биде предодредено за спасение во смисла дека Божјиот план бил, дури и пред создавањето на овој свет, секој да има вечен живот во Неговиот Син. Воочете ја темата што се повторува овде – предодредените во него – предодредените во Христа. А во Неговиот Син? Клучот за разбирање на оваа идеја е во тоа да сфатиме што значи тоа да се биде во Христа.

„А гледаме дека Исус Христос, кој за кратко време беше поставен пониско од ангелите, поради претрпената смрт беше овенчан со слава и чест, та, по Божјата благодат, Тој да вкуси смрт за сите“ (Евреите 2,9).

Зошто да умре за сите – за секого – ако намерата не била да биде спасено секое човечко суштество, иако секој маж и жена нема да бидат?

Зошто да го преземе беззаконието на сите нас ако немал намера да ни прости на сите?

„Сите ние бевме заблудени како овци, секој си одеше по својот пат – и Господ ги натовари врз Него гревовите на сите нас“ (Исаија 53,6).

Божјиот план бил секој да учествува во она што Тој го обезбедил. Ако луѓето не го искористат она што Тој им го пружил, тоа не ја ограничува можноста што ни ја дал, исто како што ни луѓето сред богато снабден пазар постат до смрт и не го ограничуваат вистинското изобилство храна во него. Бог ги обезбедил истите можности за секое човечко суштество.

Единствено нашиот личен избор е неизвесен – дали го прифаќаме она што ни е понудено во Исуса или го отфрламе?

Го прифаќате ли дарот на спасението?

Благодатта

Еве уште еден текст во врска со она што ни е понудено од памтивек:

„(Бог) кој нè спаси и нè повика кон свето звање, не поради нашите дела, туку по својата добра волја и благодатта, што ни е дадена во Христос Исус пред вечни времиња“ (2. Тимотеј 1,9).

Дали го воочувате клучниот израз во Христа? Добро размислете за тоа што се кажува во овие два исклучително значајни стихови. Павле овде вели дека Божјето спасение им е дадено на луѓето преку Божјата намера [добра волја] и благодат уште пред вечни времиња. Според тоа, ако нешто ни е понудено уште пред и воопшто да сме постоеле, тогаш тоа мора да биде нешто што не сме и не сме можеле да го заслужиме. На крајот на краиштата, како би можеле да го заслужиме она што ни е понудено пред воопшто да сме постоеле, уште пред да постои Земјата и пред постанокот и на самото време?

Ние тоа не можеме да го заслужиме.

Затоа овој текст и вели дека сме спасени и наречени со свето звање, не поради нашите дела. Тоа и не можело да биде според нашите заслуги, зашто ни е понудено пред воопшто да постоиме, па како би можеле воопшто и да стекнеме некакви заслуги?

Затоа спасението мора да се добие со благодат и само со благодат.

Токму затоа ова чудесно учење, оваа чудесна вистина, гласи дека сме спасени со она што Бог го сторил за нас преку личноста на Исуса Христа. Спасението го добиваме врз основа на она што го направил Исус Христос за нас, а не затоа што ние некогаш би можеле да го направиме за самите себе, и затоа што сето она што би можеле самите да го сториме за себе едноставно не е доволно добро за спасение.

Ако ние тоа не го заслужуваме – ниту можеме – а сепак ни е дадено – тогаш тоа мора да биде дар, нешто бесплатно, нешто незаслужено.

Токму таква е благодатта; незаслужена милост дадена на оние кои не ја заслужуваат и кои не можат да ја стекнат.

Накусо, ние можеме да бараме од Бога да нè спаси единствено врз основа на нашата очајничка потреба за спасение.

Спасение само со вера

Оваа голема вистина ја опфаќа целокупната Библија, иако најјасните објаснувања ги наоѓаме во списите на апостол Павле, кој постојано укажува на тоа дека нашето спасение се темели врз она што Христос го сторил за нас. Оваа вистина симболички е предочена во обредите на земското Светилиште од Стариот завет. Ние досега го заклучивме следново:

Бог го дал жртвениот систем за да им даде две поуки на луѓето. Прво, гревот има цена; второ, Тој лично ќе ја плати цената. Жртвениот систем требало да му открие на светот каков е Бог. Требало да покаже дека, иако луѓето грешеле и правеле зло, Бог може да прости, но само затоа што имал волја да ја прифати замената, која наместо нас ќе ја плати казната за тој грев и тоа зло.

Тој лично – во Христа – бил таа Замена!

Причината зошто Тој морал да биде таа замена е затоа што никој од нас не е доволно добар да биде замена. Кога би можеле сами тоа да го сториме, тогаш Исус – Бог кој станал човек – не би морал да умре за нас.

Подарок или долг

За да ја објасни оваа клучна тема, апостол Павле зел еден од најверните и најсвети луѓе во Библијата – Аврам – како пример за некој кој е спасен не поради делата на законот, туку само со Божјата благодат. Со други зборови, дури и на еден од најсветите луѓе му била потребна Христовата праведност за да ги покрие неговите гревови, зашто неговите лични дела, колку и да биле добри, едноставно не биле доволно добри.

„Зашто ако Аврам се оправдал со дела, тој заслужува пофалба, но не пред Бога. Впрочем што вели Писмото? – ’Му поверува Аврам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност.‘ На оној што работи, платата му следува не по милост, туку по долг. Напротив, оному, кој не работи, а верува во Оној Кој го оправдува безбожникот, верата му се смета за праведност“ (Римјаните 4,2-5).

Павле се повикува на почетокот на Аврамовата приказна. Бог на овој човек без деца му ветил дека од неговото потомство ќе се создаде голем народ. А тогаш, во 1. Мојсеева 15,6, тој вели дека „Му поверува Аврам на Бога, и тоа му се сметаше за праведност“.

Тоа му се сметаше за праведност. Овде станува збор за теолошки концепт, кој подразбира дека праведноста му е дадена иако не бил сосем праведен. Едноставно, Бог го сметал за праведен, и го вбројувал во праведните, и тоа од причина што Аврам верувал дека Бог тоа ќе му го пружи.

Со други зборови, такво нешто Аврам не заслужил. Аврам тоа не можел да го заслужи. Да можел да го заслужи, тогаш тоа не би била благодат. Тоа би бил долг, нешто што му припаѓа, и тоа е клучната вистина која Павле се обидува да ја разјасни. Колку често луѓето сметаат дека, ако доволно се потрудиме, доволно се молиме, доволно проучуваме, ако правиме доволно дела на добрина и љубов – во тој случај ќе го заслужиме спасението; според тоа, ако сме сториле доволно добри дела, тогаш Бог е должен да нè спаси.

Но што кажува овде Павле?

„На оној што работи, платата му следува не по милост, туку по долг“ (Римјаните 4,4).

Да е во прашање долг, тогаш Бог би му должел. А ако постои нешто што Библијата јасно учи, тогаш тоа е вистината дека никој од нас не заслужува спасение. Единствено нешто што ние како грешници го заслужуваме е – осуда и смрт.

„Зашто, платата, што ја дава гревот, е смрт…“ (Римјаните 6,23).

Воочете дека овде се вели плата, нешто што се заработува. Кога ние грешниците би го добивале она што го заработуваме, сите би се соочиле со вечна смрт, со вечна осуда.

Токму затоа Павле вели дека дури и духовниот џин каков што е Аврам, човекот кој направил многу добри дела – човекот кој бил подготвен на Божје барање да го жртвува сопствениот син (1. Мојсеева 22) – бил спасен врз основа на благодатта, Божји дар кој го добил независно од сите свои добри дела, вклучувајќи ги и делата во согласност со законот.

Значи, ако на човек со силна вера, каков што бил Аврам, му била потребна благодатта за да биде спасен, тогаш што да кажеме за нас, кои ни оддалеку не сме толку големи, туку по природа сме лукави повеќе од сè и наполно расипани (Еремија 17,9)? Секако, истото вреди и за нас. Потребно ни е да ни се припише праведност, Бог да нè смета праведни, а тоа е можно поради она што Бог го сторил за нас преку Исуса Христа.

Божјата праведност

Како се остварува ова?

Павле во претходните текстови ја цитира 1. книга Мојсеева:

„И Му поверува Аврам на Господ, и тоа му се засмета за праведност“ (1. Мојсеева 15,6).

Делата не го направиле Аврама праведен, туку тој е оправдан преку верата. Но вера во што?

„Зашто преку делата на Законот пред Него нема да биде оправдан никој; бидејќи преку Законот доаѓа самото познавање на гревот. А сега независно од Законот се јави Божјата праведност, посведочена од Законот и од Пророците. Божјата праведност преку верата во Исус Христос е во сите и врз сите оние што веруваат. Зашто нема разлика“ (Римјаните 3,20-22).

Павле објаснува:

Бог има Закон – негов Закон – Десетте заповеди – но овој Закон не ни донесува спасение, ниту може. Напротив, Законот укажува на нашиот грев, зашто „преку Законот доаѓа самото познавање на гревот“. Тој Закон ни укажува на нашата потреба за спасение. Тој Закон е како огледало – тоа може да ги покаже недостатоците на лицето, но огледалото нема моќ да ги отстрани.

Затоа со „делата на Законот пред Него нема да биде оправдан никој“. Наместо тоа, Исус Христос живеел совршено безгрешен и праведен живот, живот кој ја откри „Божјата праведност“, а прекрасната вест на Евангелието гласи дека таа праведност, преку верата, станува и наша, кога ќе ја прифатиме.

Спасение со вера

Разгледајте ги овие стихови:

„Така ние заклучуваме дека човекот се оправдува со верата, без делата на Законот“ (Римјаните 3,28).

Да се биде оправдан значи дека на човекот му е простено, дека е помилуван, дека е прифатен. Со други зборови, иако си грешник, иако си го правел она што е погрешно, кога ја признаваш и ја прифаќаш Исусовата праведност, која всушност е токму Божја праведност, колку и да бил грешен твојот живот, Бог те смета за совршен, свет и праведен. Не затоа што ти навистина си таков, туку затоа што Исус бил таков – а големиот дар на благодатта се состои во тоа што Бог ја прифаќа Исусовата праведност како ваша.

Таа навистина станува наша кога со вера ќе се потпреме на Него. Тоа значи дека треба да ја признаеме, да ја прифатиме, да веруваме и да имаме надеж во тоа, и во ништо повеќе. Ние мора да веруваме дека Бог нè прифаќа не поради тоа што можеме што-годе да сториме ние, туку поради она што го сторил Исус за нас.

Тоа значи да се биде оправдан преку верата. На крајот на краиштата, ако не можеме да сториме ништо за да го оправдаме ова, како би можеле да бидеме оправдани?

Стара вест

Ова е срцето и душата на Евангелието. Од падот на Адам и Ева па натаму, пораката на Библијата гласи дека, во колку бедна положба и да сме, Бог може да нè прифати поради она што Исус го сторил за нас.

Вашето минато, вашата вина, вашите дела – тоа не е важно. Важно е, преку благодатта на Христа кој умрел за вашите гревови, дека вам може да ви биде простено, дека можете да бидете помилувани и оправдани – не поради она што сте го направиле, туку и покрај она што сте го направиле. Тоа е смислата на сево ова. Ние сме спасени не со нашите дела, туку со Исусовите дела за нас, затоа што Исус е олицетворение на самата Божја праведност. Оваа праведност ни е понудена на мене и тебе! Ние ја прифаќаме со вера!

А ако Божјата праведност не може да нè спаси, тогаш што може?

Трагате по мир? Сакате да се ослободите од вината? Еве како можете тоа да го остварите!

Добрата вест, кога станува збор за оваа радосна вест, гласи дека тоа е стара вест – вест која постоела, како што видовме, дури и пред постанокот на светот. Тоа е вест дека Божји план за секој од нас е вечно да живее во Христа.

Ниче немал право. Бог не е мртов. Бог е љубов, а таа љубов е моќно откриена во прекрасната можност што ни е дадена уште пред почетокот на времето, во можноста Исусовиот совршен живот и неговите дела да ни се припишат нам не затоа што сме достојни, тука затоа што е Исус таков, а Божјата благодат ни дозволува и ние да бидеме достојни ако тоа го усвоиме со вера.

Окосница на епскиот судир, чиј дел сме и ние, е обвинението на сатаната дека Бог е свиреп, дека Тој ни го ускратува она што е добро, дека е себичен, нечесен и неправеден.

Но, почекајте малку. Погледнете го уште еднаш Исуса, видете како е роден, како живеел, а потоа и умрел на крстот – за вас. Не затоа што морал, туку затоа што ве сака. Дали тоа ви личи на свиреп и одмаздољубив Бог? Христијанскиот крст објавува дека Бог е љубов. Во таа голема борба сатаната му ги препишува на Бога сопствените особини! Меѓутоа, Исусовиот крст го побива тоа обвинение – зашто тој во полна мера ја открива Божјата чудесна благодат, така што сите можат да ја видат.

Доколку сакате да добиете диплома на крајот од овој курс, треба да се регистрирате, да ги прочитате сите лекции на курсот и да ги изработите сите тестови, а потоа ќе ви ја врачиме дипломата.